5. ГАЛИЧНИК ФИЛМ ФЕСТИВАЛ

Ѓорѓи Јолевски: Тоа е една посебна магија, паѓаат ѕвезди додека гледате филмови

Заврши петтото издание на Галичник филм фестивал, кој годинава привлече бројни филмски ентузијасти, режисери, актери и љубители на седмата уметност.

Фото: Ѓорѓи Трпески

Фестивалот се одржа во Галичник, нудејќи неповторливо искуство на проекции под отворено небо, дебати, работилници и дружења кои ја слават креативноста и филмот. Фестивалот ги прославува талентот и креативноста на учесниците, а сите присутни имаа можност да уживаат во филмови кои оставија траен впечаток.

Жири комисијата во состав: Ѓорѓи Јолевски, Тамара Котевска, Мартин Иванов и Жан Дакар, едногласно ги избраа наградените на петтото издание на ГФФ, и тоа:

Специјални награди:

Најдобра актерска двојка: Ерик К. Булијана и Флоренс Блејн Мбаје за филмот „Правење бебиња“, во режија на Ерик К. Булијана од Канада.

Награда за млад актер: Гордон Рокс за улогата во филмот „Лимоново дрво“, во режија на Рејчел Волден од Соединетите Американски Држави.

Главни награди:

Награда за најдобра кинематографија: Себастијан Вебер за филмот „Нечуени работи“, во режија на Рамазан Килич од Турција.

Награда за најдобро сценарио: Рејчел Волден за филмот „Лимоново дрво“, во режија на Рејчел Волден од Соединетите Американски Држави.

Награда за најдобра режија: Ерик К. Булијана за филмот „Правење бебиња“, од Канада.

Награда за најдобар актер: Ксавиер Ривард-Дези за филмот „Кралеви“, во режија на Оливие Коте од Канада.

Награда за најдобра актерка: Улијана Золкина за филмот „Лето со боровинки“, во режија на Маша Кондакова од Украина.

Награда од публика: Филмот „Врзете ги појасите“ во режија на Михаил Морсков и Виталиј Дудка од Русија.

Награда за најдобар анимиран филм: „Рак во базенот“, во режија на Александра Миот и Жан Себастиен Хамел од Канада.

Награда за најдобар документарен филм: „1001 ноќ“, во режија на Реа Рајчиќ од Хрватска.

Награда за најдобар игран филм: „Кратко патување“ на Ереник Беќири од Албанија.

Гран-при за Најдобар Филм на петтото издание на Галичник Филм Фестивал: „Нечуени работи“ во режија на Рамазан Килич од Турција.

Фото: Ѓорѓи Трпески

За Ѓорѓи Јолевски и неговата актерска кариера во театарот и филмот може да се зборува многу, но во Галичник го запознавме и во улога на член на фестивалската жири-комисија. Планинскиот воздух му годи, полетно тргнува кон договореното место во утринската свежина да разговараме за фестивалот чие петто издание речиси привршува. Пред него и неговите колеги беше големата одлука  - избирање на наградените филмови и актери. Со Галичник распослан скалесто пред нас, почнавме да ги раздлабочуваме прашањата за филмот и фестивалите, креативноста и поривот да се истражува и создава.

Кои беа вашите претходни сознанија за фестивалот кога ја добивте поканата за да бидете дел од жирито на петтото издание  на Галичник филм фестивал?

Морам да признаам дека немав многу информации, се работи за еден релативно млад фестивал, многу специфичен. Бев многу горд што ме поканија, прв пат во жири-комисија на филмски фестивал. Сум бил во многу жири-комисии во областа на театарската уметност, и во странство... Немав многу информации и се оддадов на истражување, да видам за што се работи. Јас претходно знаев дека постои фестивалот, знаев дека е фестивал на краток филм, но каков вид на продукција доаѓала, кои биле гости... имав некои сознанија за минатата година, но не е премногу популаризиран, би рекол.

Фото: Ѓорѓи Трпески

Што сака да направи ГФФ за Галичник и за филмска сцена во Македонија?

Од ова што досега го видов и овие неколку дена што сум гостин на Фестивалот и на Галичник, морам да признаам дека сум воодушевен, прво од селекцијата што ја прави Марко Црногорски, селекторот на фестивалот, и феноменалната организација под раководството на Јана Пауновска. Тие двајца на еден феноменален начин ја промовираат оваа форма, невообичаена форма на краток филм - во Македонија има два фестивала, овој е еден од тие - но овој фестивал се случува во Галичник, на една клучна точка за македонската историја, македонскиот јазик, македонската уметност, култура... Место од кадешто доаѓа Ѓорѓија Пулевски, еден од нашите најзначајни преродбеници, и место коешто е како од Бога допрено.

И во целиот овој контекст, ставено во капсула на едно место – не можам да го наречам ни село, ни град – коешто е исклучително значајно, овој фестивал само ќе придонесе да се промовира и Галичник, но и македонскиот филм на светските фестивалски мапи.

Бидејќи продукцијата којашто е дојдена на фестивалот е исклучително квалитетна, има многу филмови коишто биле присутни на големи фестивали како што се Санденс, Берлин, Монтреал, индиските фестивали... Јас сум многу радосен што се случува еден ваков фестивал во Галичник, мислам дека е потребно и државата, но и целокупната филмска фела да ја даде поддршката овој фестивал уште подобро да се промовира и да расте, се разбира.

Во таа насока, колку сметате дека е важно градењето на тој екосистем околу фестивалите, бидејќи фестивалот не е само тие неколку фестивалски денови. Тоа е градење на една култура, оживување на делови од Македонија како што е Галичник, собирање не само на филмската фела, туку доближување на уметноста и културата до локалното население кое во поголемиот дел од годината можеби и нема друг допир со уметност и културни настани?

Дефинитивно... како фестивалот да е оставен сам на себе, ја нема поддршката... потребно е да се направи цела една инфраструктура, на еко туризам, гледам дека има тури со јавање коњи со туристи од странство, но сето тоа треба некако да се поврзе и да се популаризира. Јас сум пријатно изненаден колку многу публика имаше овие неколку дена, мислев дека ќе има неколку филмаџии и тоа ќе биде тоа. Но, не! Овој амфитеатар на Упија беше преполн со прекрасни луѓе.

Она што исто така ме воодушеви, е обединувањето – фестивалот ја обединува целокупната млада креативна филмска снага којашто со невидена радост и ентузијазам овде во Галичник комуницира меѓу себе, се договараат нови проекти, разговараат за иднината на филмот, разговараат за иднината на уметноста.

Фото: Ѓорѓи Трпески

Се одржува и работилницата што ја води нашиот еминентен драмски автор Дејан Дуковски, кадешто младите сценаристи своите сценарија ги довршуваат, подготвени за снимање. Исто така, дел од сценаријата што минатите години се работени на таа работилница, веќе се почнати да се снимаат филмовите, така што не е само презентација на филмови од надвор и од македонска кинематографија, туку е обид колку што може повеќе, поконкретно делата коишто овде се работат или промовираат да влезат во реализација, и да бидат присутни на големите светски фестивали.

Рековте дека е многу битна таа синергија што се случува тука меѓу креативците и љубителите на филмот и уметноста, па колку сметате дека е важно да се одржуваат овие фестивали, особено на краток филм, на поизолирани места кадешто може целиот тој свет што гравитира околу фестивалот да биде пак на едно место? Тука да кружи енергијата, тука да кружат разговорите, бидејќи во поголемите места, посебно во Скопје, се случува фестивалот да се дисперзира – и публиката, и гостите – и да ја нема таа синергија на креативност.

Убавината во тоа кога ги гледаш делата на овој фестивал, прво - под отворено небо, тоа е навистина една посебна магија. Го дишеш чистиот воздух на Галичник, ги гледаш соѕвездијата и си потполно споен со космосот, паѓаат ѕвезди додека гледате филмови, дува ветер, заладува, телото се регенерира, а синергијата којашто кружи за време на проекциите е навистина незаборавна.

И пред проекциите и потоа, продолжуваат дружењата, комуникацијата, и сето тоа е еден вид кружење на енергијата којашто постои и се шири од платното кон публиката, и размислите и убавата енергија што ја поседува самата публика.

Ако е овој фестивал во Скопје, не би бил истиот фестивал, мислам дека е ова и овој период, 2 август – Илинден, Галичник, традиција македонска, интернационални гости, големи млади креативци, би рекол алтернативата на филмската уметност во Македонија, оние кои во следните 20-30 години ќе ги постават големите дела и ќе имаме можност да ги следиме и прикажувањата, и наградите што ќе ги добиваат македонските уметници на големите филмски фестивали.

Фото: Ѓорѓи Трпески

Спомнавте дека Црногорски има направено фантастична селекција од преку 800 филмови кои конкурираа да влезат во конечниот избор. Како вие ја гледате таа негова естетика на тоа што сакал оваа година да ни долови со селекцијата?

Навистина Марко Црногорски има направено прекрасна селекција, се гледа дека ја има правено со голема љубов. Од 800 филмови коишто се стигнати на фестивалот, тој одбра некаде околу 25 филма од различни страни на светот, би рекол речиси од сите континенти. Различна енергија, различна тематика, но тоа се претежно уметнички филмови, секој ден имаме различна комбинација на филмови  кои еден со друг кореспондираат, а сепак секој ден ни создава различно чувство на третман на темите коишто имаат универзални идеи, а потекнуваат од локални проблеми на одредени култури. Има филмови од Канада, Турција, од Блискиот Исток, Индонезија, европски филмови, американско-мексикански, од регионот... и точно може да се види и по проблематиката која ја третираат и по самите идеи може да се види дека светот не е баш пријатно место за живеење. Светот, би рекол, на секои 20-30 години поминува низ некакви кризи кои ги чувствуваат младите уметници. Е сега, се разбира, не би биле уметници доколку не ги лоцираат проблемите и доколку не се обидат и јавноста и оние коишто треба да ги направат промените да ги опоменат дека се потребни промени за зачувување на човештвото, зачувување на планетата, зачувување на духовноста кај луѓето, и тоа е она што е и значењето на фестивалот. Така што да, она што Марко ни го понуди, тоа се уметнички филмови со висок естетски квалитет коишто го проблематизираат (в)одењето на човештвото во правецот во којшто оди.

Фото: Ѓорѓи Трпески

Би рекла дека овие теми можеби најидеално се претставуваат преку форми како што е краткиот филм.

Краткиот филм е феноменална форма за изразување. Тоа баш го начнавме во разговор вчера, има луѓе коишто сакаат да читаат романи, има луѓе коишто сакаат да читаат раскази, има некои сакаат поезија, некој сака хаику поезија... Многу е важно да постојат сите форми бидејќи секој човек си одбира која форма му е најадекватна. Таа кратка форма на изразување – краткиот филм – е навистина совршена бидејќи во петнаесетина минути можеш да кажеш приказна којашто е концентрирана и лимитирана во една посебна рамка, но таа рамка на лимитирање всушност ја отвора слободата на израз, затоашто многу поинтензивно и пофокусирано се зборува на темата на којашто сакаш да зборуваш. Така, за една вечер гледаме околу седум-осум филма, во време коешто би било само за еден долг игран филм и една тема, а вака гледаме повеќе автори, повеќе култури, повеќе приказни, па некако и телото и умот ни се привикнува на тој ритам и јас сум многу среќен и задоволен. Меѓу другото, јас изминатава година снимав неколку кратки филмови. Претходно најчесто сум снимал долгометражни филмови, но овие кратки филмови се навистин прекрасна, прекрасна форма.

Фото: Ѓорѓи Трпески

Годинава е веќе петтото издание на Галичник филм фестивал. Како што кажавте, во овие услови и со ова немање поддршка околу е навистна подвиг овој мал јубилеј, особено да се организира на вакво место каде се изразени логистичките предизвици. Каде го гледате фестивалот за неговата 10-годишнина?

Па јас се надевам дека ќе расте на повеќе нивоа. Прво, дека ќе влегува во големи асоцијации на фестивали коишто го имаат истиот третман во однос на филмовите; да се зголемува бројноста на публиката; да доаѓаат гости како што оваа година дојдоа навистина прекрасни гости, овде искружија имиња како што е Сара Климоска, Игор Ангеловски, па тука се Дејан Дуковски, Ѓорѓи Унковски, Вардан Тозија, Сара Сандева, тука е Наум Доксевски, Срѓан Јанакиевиќ... прокружија навистина прекрасни уметници, една убава група на луѓе, но би сакал за 10 години да видам големи имиња од светските филмски сцени и тоа мислам дека ќе биде едно големо воодушевување и на публиката, и на театарџиите и филмаџиите, но и на жителите кои во лето го живеат овој убав живот во Галичник.  

реклама

Од 10 септември ќе им се промени животот на 4 хороскопски знаци

Read more

Салма Хајек откри како е да се работи со Анџелина Џоли

Read more

Фитнес тренер ги откри најдобрите извори на протеини за слабеење

Read more

Додатоци во исхраната што треба да ги земате ако имате над 50 години

Read more

Интервју

Ѓорѓи Јолевски: Тоа е една посебна магија, паѓаат ѕвезди додека гледате филмови

Read more

Да се претстават убавините на филм-есејот пред македонската публика е големо задоволство и уште поголема одговорност

Read more

Марко Погачар: Секоја добра поезија е социјално ангажирана

Read more

КАЈГАНА ЕКСКЛУЗИВА со Срѓан Драгојевиќ: Од поезија до филм и учеството на Саем на книга во Скопје

Read more
 

Ново

  • play_arrow

Kако се станува чистач на местото на злосторството?

Читај повеќе

Од 10 септември ќе им се промени животот на 4 хороскопски знаци

Читај повеќе

Додатоци во исхраната што треба да ги земате ако имате над 50 години

Читај повеќе

Марио Балотели одбиен од индиски клуб поради недисциплина

Читај повеќе

Кривична за жена од Кавадарци за физички напад врз мајка си

Читај повеќе
  • filter

Hennessey Venom F5-M е најмоќниот автомобил во светот со рачен менувач

Читај повеќе
  • filter

Салма Хајек откри како е да се работи со Анџелина Џоли

Читај повеќе

Истрага против седум лица и предлог за мерка притвор за петмина осомничени за случајот „Кипер“

Читај повеќе

Првата заедничка изјава на ЦИА и МИ6 во историјата: Светот е под невидена закана

Читај повеќе