Турскиот селектор очекува тешка битка на отворањето вечерва против Италија, но верува дека неговата репрезентација може и да дојде до победата.
Европското првенство се отвора денес со еден натпревар на програмата и тоа дуелот помеѓу Турција и Италија на „Олимпико“ во Рим со почеток во 21 часот.
„Роберто Манчини добро го познава турскиот фудбал бидејќи беше тренер на Галатасарај, а на располагање има многу талентирани играчи“, рече Шенол Ѓунеш на официјалната прес-конференција.
Италијанскиот селектор го водеше турскиот гигант во сезоната 2013/14 кога и нашиот Пандев беше дел од тимот. Манчини остана само една сезона во Турција, но доволно за да научи за тамошниот фудбал.
„Ние не сме фаворити да бидеме први во групата, но би сакал да стигнеме до финалето и да играме против оваа Италија. Нашето патешествие во меѓународниот фудбал всушност почна со полуфиналето на Мундијалот 2002, сите сакаат сега и да победиме. Сигурен сум дека, ако ништо друго, ќе продолжиме да учиме и со учеството на ова првенство“.
Токму Ѓунеш ја предводеше таа неверојатна турска генерација која на светскиот собир успеа да стигне до бронзениот медал. Турција тогаш во полуфиналето загуби од Бразил, кој потоа стана шампион, а во борбата за третото место го победи кодомаќинот Јужна Кореја.
„Знаеме кои ѝ се силните страни на Италија, но ги знаеме и нијзините слабости. И тоа како сме свесни за престижот и традицијата на Италија, која се има квалификувано речиси на сите натпреварувања. Како и да е, ќе биде тешка битка во техничка, тактичка и физичка смисла. Сакам моите играчи да покажат квалитет“, додаде.
Во своите редови Ѓунеш располага и со четворица играчи кои играат во Калчото и тоа Мерих Демирал од Јуве, Хакан Чалханолу од Милан и дуото од Сасуоло, Каан Ајхан и Мерт Мулдур.
„Добро е што имаме играчи кои настапуваат во Серија А, бидејќи тие знаат како функционираат Италијанците и пристапот кој нивните тимови го имаат. Ова е натпревар помеѓу два силни тима и верувам дека Турција може да победи“, оптимист е турскиот селектор.
„Не смееме да загубиме концентрација, во спротивно ќе имаме сериозни проблеми. Првиот и последниот натпревар од групата се фундаментални и можат да го сменат балансот на целата ситуација“, заврши тој.
Натпреварот вечерва ќе го суди холандскиот судија Дани Макели.