Свет

Хаос во Сирија: Турската инвазија ја оживеа ИСИС

13. октомври 2019 - 12:51 | А.С.

По турските напади во Сирија, членови на семејствата на борците од ИСИС кои се наоѓаат во кампот Ал-Хол во североисточниот дел на земјата, се обидуваат да побегнат, јавува CNN.

Во кампот моментално се наоѓаат околу 70.000 луѓе, главно членови на семејствата на ИСИС, а снимката што се појави на интернет покажува каков хаос владее во кампот што е под надлежност на курдските сили.

Наредникот на Курдските сириски демократски сили (СДФ) Мерван Камишло изјави дека вчера во кампот дошло до „граѓанска непослушност“ и дека луѓето затворени таму се обидувале да ги нападнат стражарите и рушеле шатори.

Според извештај на Пентагон, откако американските војници го напуштиле кампот, дошло до ширење на идеологијата на ИСИС.

Немирите се случија по предупредувањата на СДФ, главниот партнер на САД во борбата против ИСИС, дека воените напади на Турција на североисточната граница на Сирија ќе ја отежне можноста за контрола над терористите во затворите и членовите на нивните семејства во камповите.

Пет борци на ИСИС вчера побегнаа од затворот Навкур

Откако Турција вчера изврши напад со минофрлачи покрај затворот Навкур, оттаму побегнаа пет борци на ИСИС.

„Има реална опасност ситуацијата да излезе од контрола“, рече Мустафа Бали, портпарол на СДФ, и ја обвини Турција дека ослободувањето на затворениците борци на ИСИС е дел од нејзината стратегија.

Курдите во Сирија: Турската инвазија ја оживеа Исламска држава

СДФ, предводени од Курдите, велат дека турскиот напад во северните делови на Сирија ја оживеале терористичката Исламска држава и ги повикаа сојузничките земји кои помогнаа во борбата против џихадистите да го затворат воздушниот сообраќај на турските воени авиони.

Портпарол на СДФ рече дека турската инвазија веќе не е само закана за оживување на ИСИС, туку веќе ги активирала ограноците на Исламска држава во Камишли, Хасаки и други подрачја.

„Сега се бориме на два фронта – на еден против турската инвазија, на другиот против ИСИС“, додава портпаролот на СДФ.

Тој порача дека борците на СДФ, кои четири години ги штителе коалициските сили во Сирија, сега „се измачувани од турските воени авиони пред очите на сојузниците“ за кои додаде дека ги напуштиле „одеднаш и без претходно предупредување“, очигледно алудирајќи на повлекувањето на американските војници од сириската граница со Турција.

Коментирај