Македонскиот автомобилски шампион на меѓународните трки, Игор Стефановски Иџе, викендов ќе вози на ТЦР шампионатот на Италија. Од Имола, тој оптимистички најавува дека е подготвен да одговори на најновиот предизвик, иако е единствениот странец на оваа трка.
Ова ќе биде третата трка од сезоната во Имола. Иџе ќе се натпреварува на познатата стаза „Енцо и Дино Ферари“, чиј шарм имал прилика да го вкуси и претходно. По настапот во Хрватска, направени се одредени корекции и поправки на возилото, па доколку сѐ биде во ред, тимот на Стефановски очекува борба за висок пласман.
Иџе е единствениот странец помеѓу натпреварувачите. Тој ќе се натпреварува заедно со 24 други автомобилисти од Италија.
Првата трка се вози утре од 14:45, а втората е веќе следниот ден, в недела од 11:35. Вечерва од 19 часот ќе се возат квалификациите.