Заклучно со вчерашниот ден, нема нов кандидат што собрал 10 илјади потписи, а најблиску до остварување на такво нешто се кандидатите на Левица и ГРОМ.

Според информациите на Државната изборна комисија, заклучно со синоќа (среда) во 20:00 часот нема нов потврден кандидат за претседател.
Најблиску до официјализирање на кандидатурата е професорката Билјана Ванковска, чија кандидатура ја поддржа Левица, и на која ѝ недостасуваат 915 потписи. За очекување е да ги собере денеска или утре.
Изгледно е и дека потребните потписи ќе ги собере и градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, од партијата ГРОМ. Нему му недостасуваат 2.016 потписи за да стане претседателски кандидат.
Останатите, според темпото на собирање потписи, тешко е за верување дека ќе стигнат до потребната бројка од 10 илјади. Само д-р Вело Марковски има нешто над илјада, а од останатите, активитската за човекови права Мерсиха Смаиловиќ со 977 потписи е најблиску до илјадарката.
- Билјана Ванковска-Цветковска 9.085
- Стевчо Јакимовски - 7.994
- Вело Марковски - 1.087
- Мерсиха Смаиловиќ - 977
- Ѓорѓи Манасков - 323
- Зорица Цветковска 105
- Господин Попоски - 63
- Томе Николоски - 0
Потсетуваме, досега потребните потписи ги собраа: министерот за надворешни работи Бујар Османи од ДУИ, градоначаникот на Гостивар како кандидат на здружената опозиција Европски сојуз за промени - Арбен Таравари и градоначалникот на Куманово од новоформираната партија ЗНАМ - Максим Димитриевски.
Кандидатите на СДСМ, актуелниот претседател Стево Пендаровски, и на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова, како кандидати поддржани од партии со 30 пратеници во Собранието, не им требаат потписи и тие се веќе во трката за претседател.