Ве нервираат рекламите на Instagram? Се плашиме дека оваа социјална мрежа не ја интересира вашето мислење - стигнуваат уште реклами.

На Instagram доаѓаат два нови начини за поставување реклами - „реклами за потсетување и реклами за пребарување“ – објави платформата на својот блог. Овие дополнувања значат дека сега ќе наидете на реклами при пребарување, па дури и кога ќе ја затворите апликацијата може да добиете нотификација која исто така е реклама.
Во својата потрага по повеќе приходи, Instagram прво ќе лансира реклами за потсетување, а корисниците ќе можат да изберат за кои настани или лансирања сакаат да бидат известени надвор од апликацијата. На пример, ако видите реклама за премиера на нова серија или лансирање на нов телефон, можете да ја изберете опцијата Remind me, а Instagram ќе ви испрати три известувања - ден претходно, 15 минути пред и кога настанот започнува.
Платформата ќе додаде реклами и во пребарувањето. Рекламите ќе се појават во фидот што се прикажува кога корисниците ќе изберат еден од поимите во пребарувањето, а се наменети за оние што активно бараат бренд, производ или содржина. Така, ако на пример, објавите за кафе, може да видите реклама за некој бренд. Меѓутоа, овие реклами сѐ уште се во фаза на тестирање и се очекува да пристигнат „во наредните месеци“.
Овој потег не е изненадувачки. Компанијата продолжува да го зголемува бројот на реклами и други текови на приходи за дополнително да ја монетизира својата огромна корисничка база. Пребарувањето е важен дел од платформата, преку која многу корисници откриваат нови содржини, производи и брендови, а со додавање на реклами во овој дел, компанијата се надева дека ќе извлече дополнителни пари од огласувачите.