Интер го победи Фејнорд со 0:2 во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите. На Холанѓаните им недостигаше повеќе цел еден тим, 14 играчи се повредени или суспендирани, па Интер оствари рутинска победа со головите на Маркус Турам и Лаутаро Мартинес.

По натпреварот, новинар го праша тренерот на Интер, Симоне Инѕаги, дали сега цели кон двојна круна (Серија А и Копа Италија).
Инѕаги му одговори со кренати три прста. Тренерот на Интер, покрај првенството и купот, верува и дека може да ја нападне и европската титула.
Интер моментално води во италијанскиот шампионат откако освои бод во многу важно првенствено дерби против Наполи на гости и остана еден бод пред нив и три пред Аталанта.
Тимот на Инѕаги во полуфиналето од Копа Италија ќе игра против Милан.
Инѕаги е тренер на Интер од 2021 година и досега го предводеше на 198 натпревари. Минатата сезона го освои италијанското првенство, двапати ја освои Копа Италија и трипати Суперкупот. Во Лигата на шампионите пред две години стигна до финалето каде неговиот Интер загуби со 1:0 од Манчестер Сити.