Интервју со Благој Нацоски: Италијанската публика ги обожува македонските песни, да се гордееме со нашиот уникатен и преубав мелос

Бисера Трајковска МИА
/ 09.12.2020 / 11:01

Во Фоајето на Националната опера и балет вечерва публиката ќе има можност да го проследи концертот „Везилка“ на познатиот македонски оперски пејач Благој Нацоски, кој веќе долго време живее и работи во Италија. Нацоски е врвен уметник чии оперски изведби бележат огромни успеси во сите оперски куќи во Италија па и пошироко, но во текот на овој месец токму македонските слушатели ќе имаат можност во живо да ги проследат настапите на нашиот најпознат тенор, и да уживаат во неговите неповторливи изведби.

Нацоски студиите ги завршил во Италија, а веднаш потоа токму оваа држава ја избрал како место за живеење, но и за професионално надградување. Во интервју за МИА Нацоски вели дека Италија „мириса“ на опера.

За да се изведува успешно операта, особено онаа од италијанските композитори, тој појаснува дека е есенцијално да се познава во сржта италијанскиот јазик, да се дише воздухот што го дишеле тие, да се јаде храната што расте на тоа поднебје, да се видат пејзажите што им биле инспирација при творењето.

Во неговите музички изведби слушателите можат да уживаат и на социјалните мрежи, каде тој често објавува видеа како пее македонски песни. Во овие видеа подеднакво уживаат и Италијанците но и луѓе од други земји, кои, како што појасни Нацоски, ги обожуваат македонските песни.

– Само добивам коментари од Италијанци, но и од други земји, околу убавината на македонските песни. „Леле, што е тоа што пееш“, „Ау, кажи ми за што се пее во таа прекрасна песна“… Впрочем, ако имаме нешто што може да се гордееме во Македонија тоа е токму нашиот мелос, вели пејачот.

Сепак, пандемијата со коронавирусот најмногу ги погоди токму уметниците од целиот свет. Беа откажани речиси сите планирани настапи и концерти, а на Нацоски годинава му беа откажани педесетина настапи во Италија, Шпанија, Јапонија, Македонија, Швајцарија..

Според него, најтрагично е тоа што уметниците живеат во неизвесност, затоа што, како што вели, властите обрнуваат најмалку внимание на нив.

– Најтрагично е што сѐ уште ние уметниците живееме во неизвесност, од страна на властите во сите земји, со ретки исклучоци, се има најмалку внимание за нас. Политичарите не не ни споменуваат како категорија, како уметноста да не е работа за тој што се занимава со истата, појаснува Нацоски за МИА.

Но дури и во моментите на најголемиот карантин, тој вели дека неговата ведрина и оптимизам не го напуштија.

– Можеби малку тага ми дојде во моментот кога беа повлечени рестрикциите и кога повеќето од луѓето се враќаа на своите работни места, што значи на своите навики, а за нас изведувачките уметници не важеше тоа бидејќи не можеше да се настапува, додава оперскиот пејач.

Концертот што Нацоски вечерва ќе го одржи е во рамки на „Денови на македонска музика 2020“, а во текот на месецов планирани се и други негови настапи и изведби во просториите на Националната Опера и Балет.

Г-дин Нацоски најавивте дека на 9 декември ќе одржите концерт во Скопје, со дела од македонски композитори. Ќе може ли да ни дадете повеќе детали? 

Вечерва конечно ќе го реализираме концертот договорен уште од пред повеќе од една година, најпрвин за април 2020, а одложуван неколку пати заради пандемијата. Истиот всушност е во рамките на фестивалот „Денови на македонска музика 2020“ и ќе изведам дела исклучително од македонски композитори, и тоа Скаловски, Прокопиев, Фирфов, Зографски, Цанев, Стојков, Џамбазов и Имери, односно дела напишани во различни моменти во последните пет децении. Истите се напишани на стихови на едни од најубавите македонски поезии и тоа од Кочо Рацин, Славко Јаневски, Владо Малески, Ацо Шопов и Блаже Конески. Повеќето од делата ќе ја добијат и својата праизведба со гудачки оркестар (истите досега се изведувани само со пијано придружба). Кога сме веќе кај оркестарот, со мене ќе настапи „Профундис“ под диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ. Концертот го насловивме „Везилка“ бидејќи три од соло песните се на стихови на Блаже Конески а токму во овие денови се совпаѓа годишнината и од раѓањето и од смртта на овој голем македонски книжевник односно кодификатор на современиот македонски литературен јазик. Еден час пред концертот, во фоајето на МОБ ќе биде отворена изложба на портрети од македонските композитори.

Минатиот месец настапивте на концертот „Скопски солисти“ во Македонската Филхармонија. Вашите импресии од концертот?

Тоа ми беше прв настап во Македонија од кога е започната пандемијата, а исто така требаше да се одржи во април првенствено. Мојата соработка со „Скопски солисти“ односно со нивниот раководител и основач Васил Атанасов датира од моите студентски денови во Италија и ми беше навистина огромно задоволство да настапам на овој нивни 20-годишен јубилеј. Му честитам на Васил за неговата истрајност, упорност и професионалност во овој комплициран период да организира толку убав настан.

Веќе долго време живеете во Италија, таму завршивте факултет и професионално се занимавате со опера. Зошто токму Италија ја избравте како место за живеење?

Додека бев дете, често кампував со моите родители во Љубаниште, на бреговите на нашиот охридски бисер и тоа по 30-тина дена секое лето. Вода пиевме исклучително од изворот кај манастирот „Свети Заум“ кој е достапен само со кајче, и јас одев секој ден со нашиот чамец да полнам вода од него. Зошто од таму? Едноставно бидејќи таа изворска вода е најквалитетна и има еден посебен вкус кој до денес го немам заборавено. Ете, значи од дете бев научен да пијам вода од изворот, така што тоа е случај и со мојата животна професија буквално, односно ја изучив операта во земјата каде што истата е родена, односно создадена. Во Италија „мириса“ на опера, за да се изведува успешно операта, особено онаа од италијанските композитори е есенцијално да се познава во сржта италијанскиот јазик, да се дише воздухот што го дишеле тие, да се јаде храната што расте на тоа поднебје, да се видат пејзажите што им биле инспирација при творењето.

Какви можности нуди Италија за еден музичар, во однос на Македонија, може ли да направите некоја паралела од ваша гледна точка?

Разликата е во тоа што има театар во речиси секој град, односно оркестри насекаде, па дури и во малите населени места има традиција на дувачки оркестарски групи, истовремено и хорски состави. Меѓутоа не можеме да правиме и да посакуваме да биде слично бидејќи имаме различни истории во тој поглед, различни искуства. Нашата прва и единствена оперска куќа во Македонија е создадена во 1947 година, додека во Италија двеста години порано.

На социјалните мрежи споделувате видеа од испеани македонски песни. Тие се одлично прифатени од македонската публика. Но, како реагира италијанската публика на македонските песни?

Ги обожува!!! Само добивав (и добивам) коментари од Италијанци, но и од други земји, околу убавината на македонските песни. „Леле, што е тоа што пееш“, „Ау, кажи ми за што се пее во таа прекрасна песна“ и сл. Впрочем, ако имаме нешто со што може да се гордееме во Македонија, тоа е токму нашиот мелос. Не се работи за пристрасност или патриотизам во случајов, навистина имаме еден уникатен и преубав мелос.

Живееме во време на пандемија, која буквално ни го смени животот на сите, но некако најмногу ги погоди музичките уметници кои живеат и опстојуваат од свирки и настапи. Колку пандемијата со COVID-19 вам ви го смени животот, што се случи со вашите настапи кои беа планирани за оваа година?

КАТАСТРОФА! Ми се откажаа едно педесетина настапи во Италија, Шпанија, Јапонија, Македонија, Швајцарија! Знаете, јас сум во театар од мојата двегодишна возраст, а можеби и порано со оглед на фактот дека мајка ми настапувала на сцената имајќи ме мене во утробата, така што да бидам оддалечен од истата со месеци, да не го почувстувам андреналинот од истата, беше навистина тешко за мене пред се од ментална гледна точка. Најтрагично е што сѐ уште ние уметниците живееме во неизвесница, од страна на властите во сите земји (со ретки исклучоци) се има најмалку внимание за нас. Политичарите не не ни споменуваат како категорија, како уметноста да не е работа за тој што се занимава со истата. Јас само се надевам дека ова лудило ќе заврши што е можно побрзо и ќе се вратиме во нормала.

Како ги поминавте најтешките моменти во Италија на самиот почеток на пандемијата, кога беше една од држави со најмногу заразени и кога беа воведени повеќе рестрикции, како ги поминувавте карантинските денови во тој период?

За среќа по природа сум ведар и голем оптимист и таа моја ведрина и оптимизам не ме напуштија ни за момент во текот тој таканаречен „локдаун“. Како што можевте сите да забележите, пеењето го негував секојдневно и тоа за мене беше душевна храна во тие денови. Можеби малку тага ми дојде во моментот кога беа повлечени рестрикциите и кога повеќето од луѓето се враќаа на своите работни места, што значи на своите навики, а за нас изведувачките уметници не важеше тоа бидејќи не можеше да се настапува.

Можете ли да издвоите некој оперска улога која ви е особено драга и што е она што го сметате за ваш голем успех?

Не би можел да издвојам една улога или еден настан. Се разбира дека моите настапи во Миланска Скала (вкупно петнаесет досега) ги сметам за една кулминација во мојата кариера. Улога пак која највеќе сум ја извел е Грофот Алмавива во „Севилскиот берберин“ од Росини, 91 пат досега и тоа во најразлични земји, пред две години на пример бев награден за истата при моето деби во Русија. Потоа тука е улогата на светската премиера на операта „Страв“ во 2015, каде ја толкував главната улога, односно Алфани, прв и единствен досега. Драги ми се настапите (многубројни) во Јапонија, во Њујорк итн.

Г-дин Нацоски дали ви е остана нешто како предизвик во вашата богата кариера?

Ох се разбира, еден куп работи, овие 18 години меѓународно делување ми беа само загревање, тек сега следат предизвици. Се разбира, Севилскиот берберин морам да го испеам барем уште девет пати за да стигнам до стотка.

По вечерашниов концерт што друго ви претстојува?

Концертот „Везилка“ не е мојот единствен настап во Македонија во текот на овој месец. На 16 и 18 декември, повторно во Македонската Опера и Балет, ќе ја изведам операта „Травијата“ од Џузепе Верди, а на 22 ораториумот од Хендл „Месија“, за првпат во Македонија.

Потоа, на крајот на месецот имам еден гала концерт во Милано, но само со директен пренос онлајн, без публика. На почетокот на јануари истотака со пренос онлајн ќе ја изведам операта „Пепелашка“ од Росини, и тоа во Џенова, Италија. Кон средината на јануари според планот би требало да почнам со „нормални“ настапувања во оперски претстави но засега ништо не се знае, за жал планирањата на театрите одат малку од денес за утре, во зависност од тоа како се движи пандемијата.

реклама

Зошто треба да ставите алуминиумска фолија зад рутерот?

Read more

Голем месечен хороскоп за април 2024: Ретрограден Меркур им ги мрси конците на неколку знаци

Read more

Едноставен и брз метод: Белите патики повторно ќе изгледаат како нови

Read more

Како е поврзано пиењето кафе со ракот на дебело црево?

Read more

Интервју

Дарија Андовска, деканка на ФМУ: Интелектуалецот треба и мора да биде општествено ангажиран

Read more

Монументалната архитектура како уметничка скулптура низ објективот на Ерина Богоева

Read more

Надија Реброња: Во Скопје се шета по ритамот на музиката на уличните музичари, а низ Вардар тече поезија

Read more

Ерина Богоева: Ако се спасиме себе си, тогаш сме на чекор поблиску да го спасиме и светот

Read more
 

Ново

Силен земјотрес ја погоди Бугарија

Читај повеќе

Ливерпул се откажа од Алонсо, Клоп ќе го наследи Рубен Аморим

Читај повеќе

Израел ја нападна Сирија: 38 загинаа во Алепо, меѓу кои и членови на Хезболах

Читај повеќе

Лавров: Украинскиот план е бесмислен, вклучува повлекување на нашата армија од освоените територии

Читај повеќе

Без струја дел од Карпош

Читај повеќе

Сончево и топло време со температура до 27 степени

Читај повеќе
  • play_arrow

Огромна дупка во Рим проголта два автомобила

Читај повеќе
  • filter

Се продава легендарното BMW M1, проценето е до 500.000 евра

Читај повеќе

Госпоѓиците од Авињон на сцената на Националната опера и балет

Читај повеќе