Денес, во ерата на дигиталните иновации, телевизијата минува низ целосна метаморфоза. Традиционалната телевизија што беше резервирана за дневната соба еволуира во нешто што е ново и приспособено на потребите на модерните корисници. Новите времиња носат нови трендови – стриминг сервиси, интерактивност, персонализирно искуство... Македонски Телеком ја предводи оваа трансформација кај нас со Magenta TV, новата телевизија што неодамна се појави на пазарот. За предностите на новата телевизија којашто ги следи светските трендови во индустријата зборувавме со Иван Брзовски, Лидер за телевизија и конективност во Македонски Телеком.
Magenta TV е новата телевизија на Телеком. Што е ново и која е разликата во однос на претходната телевизија?
Има доста разлики. Всушност само едно е исто, а тоа е дека MagentaTV повторно ќе биде најдобрата дигитална телевизија на македонскиот пазар, со најдобра понуда на содржини. Останатото е во најголема мера различно, почнувајќи од технологијата којашто сега е многу понапредна, базирана на Android TV и на инфраструктура во облак (cloud), потоа функционалности што се актуелни и го следат трендот на индустријата, целосно поинаков кориснички интерфејс којшто е повизуелен и поинтелигентен и се одликува со поголема прегледност и полесен пристап до содржините, препораки за содржини итн. Со Magenta TV омилените содржини можат да се следат секаде, секогаш и на сите уреди. Се она што е достапно на големиот ТВ екран во вашиот дом, преку Magenta TV приемникот, можете да продолжите да го гледате на вашиот мобилен телефон, таблет, лаптоп, или обратно, она што ќе започнете да го гледате во движење, ќе можете да го довршите или повторно да го изгледате дома. Содржините од ТВ каналите, содржините на барање, снимените содржини, содржините во новиот Видео Клуб што ги овозможуваме со нашите партнери..., и многу други поволности. Magenta TV не е само ново име, туку сосема нова генерација телевизија.
Која е предноста што корисниците ќе ја имаат од оваа телевизија?
Освен новата напредна технологија, којашто секако е видлива во квалитетот на сликата и звукот, како што веќе кажав, пристапот до содржините е многу полесен, поинтуитивен, повизуелен и подопадлив. Услугата е базирана на ТВ услугата на Google, а знаеме дека Google ни носи многу добри и корисни работи. Покрај самата Magenta TV, сега корисниците на самиот уред можат да користат многу други апликации од најпознатите стриминг провајдери, но и многу други апликации за мултимедијални содржини, музика и игри, со можност за гласовни команди дури и на македонски јазик. Едноставно, Magenta TV го прави вашиот телевизор паметен и многу пофункционален, без потреба да инвестирате во скап софистициран уред. Самиот уред е многу помал, а далечинскиот управувач многу полесен за користење, со фокус на најпопуларните функционалности. Инсталацијата на уредот и неговото користење е многу едноставно, тоа го прават нашите екипи во домот на корисниците, но и самите корисници лесно би се снашле во целата постапка.
Порано понудата на содржините беше најважниот диференцијатор, а денес тоа е самата платформа. Зошто е тоа така?
Содржините и понатаму остануваат на тронот, затоа што сите знаеме дека „Content is the King“. Но, како ќе пристапиме до нив, како ќе ги користиме и какво ќе биде уживањето во содржините ја создава онаа додадена вредност што сега е многу битна. Корисниците сакаат да уживаат во содржините, но и пристапот да биде едноставен, кога што ќе посакаат и каде што ќе посакаат, а токму сето ова го овозможува Magenta TV. Квалитетот и изборот на содржини отсекогаш биле препознатливи за Македонски Телеком. Без разлика дали ние ги имаме правата за тие содржини или имаме соработка со некој од многуте партнери, за корисникот тоа не е важно, за него е важно сите овие содржини да му се лесно достапни за да ужива во нив. Целта на Македонски Телеком е Magenta TV да стане универзален агрегатор на телевизиски, видео и мултимедијални содржини, директно или во соработка со партнери, и сето тоа да биде поволно и секаде достапно и лесно за користење.
Зошто Magenta TV е најдобра и најсофистицирана платформа на пазарот?
Прво, Magenta TV ќе понуди најдобар избор на содржини. Без оглед дали станува збор за спорт, детски, филмски, документарни или други типови на содржини, тука ќе има најмногу и најдобар избор. Од аспект на функционалности, континуирано ќе одиме во чекор со барањата и потребите на корисниците. Светски гиганти во оваа индустрија стојат во позадина на нашата платформа, секој во оној дел за кој е специјализиран и најдобар. Веќе го спомнав Google TV на кој е базирана платформата, Media Kind како компанија која го овозможува делот за стриминг, Amazon, Microsoft и повторно Google со нивните cloud инфраструктури, итн. И најверојатно најважно за македонскиот пазар е тоа што ова е глобална платформа и решение за сите компании коишто се дел од Групацијата Дојче Телеком, така што искуството на корисниците во Македонија ќе биде исто со искуството на корисниците од Германија, Унгарија, Австрија, Хрватска и многу други европски држави. Нашите корисници секогаш ќе бидат во чекор со новитетите во оваа индустрија, истовремено со корисниците од западноевропските пазари.
Се вели дека класичната телевизија се редефинира. Која е иднината на телевизијата?
Телевизијата во својата историја многу пати била редефинирана и истото ќе се случува и во иднина. Целта на телевизијата е да обезбеди забава, информираност и едноставен начин на уживање во содржините, но во чекор со технолошките иновации што ги носи духот на новото време. Класичната телевизија се редефинира, станува персонализирана, активна, сите телевизори стануваат паметни, се отвора потенцијал за виртуелна реалност итн... Токму по овој пат оди нашата нова телевизија. Веќе ги имаме повеќето од овие функционалности, а многу брзо Magenta TV ќе ја обезбеди и можноста за приспособување во согласност со потребите на секој поединечен корисник, креирање на лични профили, персонализирани препораки и ирелевантност на времето и просторот. Едноставно, сè што сакаме, за секого, секаде и во секое време.