Интервју со селекторот Благоја Милевски

Филип Здравески и Јован Трпчески
/ 09.05.2022 / 18:40

Македонската фудбалска репрезентација беше на чекор од пласман на Светското Првенство во Катар оваа година. Го победивме на гости актуелниот европски првак Италија но, и покрај добрата игра немавме сили и малку спортска среќа за уште еден гостински подвиг против Португалија. Севкупниот одличен впечаток што го оставивме во квалификациите и особено во баражите од една страна ја остави јавноста со доза на нереална разочараност дека можеби можевме да бидеме дел од светскиот фудбалски крем но, од друга страна влева голема надеж дека сме кадарни за уште подобри резултати во блиска иднина.

Токму тоа беше повод да поразговараме со селекторот на македонската фудбалска репрезентација, г-дин Благоја Милевски. Се работи за човекот кој што во својот ментален склоп е победник, човекот кој е виновен за ренесансата на македонскиот репрезентативен фудбал, кој што испиша историја со првиот пласман на една македонска репрезентација на големо фудбалско натпреварување (У21 ЕУРО 2017 во Полска) и кој што продолжува да остава свој печат како селектор и на сениорската репрезентација.

Откако заедно со новинарот на порталот на англиски јазик MacedonianFootball.com селекторот нè прими во неговата канцеларија во „Куќа на фудбалот“ во ФФМ, испивме по едно кафе низ малку општ муабет пред да почнеме со многуте прашања кои по пола ги припремивме ние и нашите горенаведени колеги.

Селекторе, можевме ли еден чекор повеќе?

„Како да не. Ако не мислевме дека можеме, немаше ни да се бавиме со оваа работа, барем не ние како стручен штаб. По сето она што се случуваше на терен, дефинитивно да“.

Во двата бараж натпревари искористивте 4 од можните 5 замени. Зошто по една замена остануваше неискористена? Особено против Португалија, зарем не ни беше потребна уште една свежа крв за да пробаме да се вратиме од таа негатива од 2:0? Зошто не се настапи похрабро во последните 25 минути после примањето на вториот гол?

„Похрабро, за да промениш тек на натпревар треба да имаш и квалитет кој ќе ти донесе таква промена. А, ако немаш таков профил на играч кој може таков тип на натпревар да би го променил, не гледам простор да се направи било што за да се проба да се промени - за тоа ниво. Народски кажано, тоа би било како да одиш со глава во ѕид. Кога одиш да играш финален бараж за Светско против репрезентација составена од врвни играчи, барем јас не гледам зошто да одам со глава во ѕид. А дека имаше потреба да се проба нешто, да, кога губите 2:0 има потреба од таква промена“.

Натпреварот го загубивме наивно поради две наши грешки (на Ристовски и Барди). До кога ќе ни се провлекува таа наивност, па можеби на моменти да ја наречеме и неодговорност во играта особено ако се знае дека големите репрезентации речиси секогаш ги казнуваат таквите грешки?

„Грешките се составен дел од фудбалската игра. Некои се казнуваат, а некои не. И не се проблем само конкретните грешки туку и сè она што се случува на теренот и после грешките, односно покривањето на сопствениот простор во продолжението на акцијата. Но, и најголемите репрезентации грешат. Фудбалерите беа максимално и психолошки и тактички подготвени и никој на светот од нив не може да бара повеќе од она што го прикажаа. Секогаш сум целел кон совршенство и ќе беше совршено да се пласиравме на Мундијалот но, и при ваков исход јас сум задоволен од пристапот и начинот на кој што моите фудбалери ги одиграа двата бараж натпревари“.

Во јавноста имаше една доза на изненаденост од неповикувањето на Илија Несторовски за баражите. Вистина е дека не игра во Удинезе, но можеби ќе придонесеше за атмосферата во тимот?

„Не гледам причина да повикувам играчи во репрезентацијата само поради атмосфера, а кои нема да ми служат на терен, особено што имав повикано напаѓачи кои се во натпреварувачка форма и имаат минутажа во своите клубови, за разлика од Несторовски. Доколку се сменат работите во иднина, вратата на репрезентацијата е отворена и за него и за сите оние кои што ќе се најдат во идентична ситуација“.

Мислите ли дека доколку Горан Пандев беше во тимот резултатот од финалниот бараж можеби ќе беше поинаков? Можеби и начинот на нашата игра?

„Горан Пандев е најдобриот македонски фудбалер во историјата и ја заврши својата репрезентативна кариера на Европското првенство. Во неколку наврати децидно изјави дека нема да го погази сопствениот збор и дека тоа е негова конечна одлука. Искрено, не верувам ниту дека присуството на Пандев ќе сменеше нешто во баражот. Замислете да беа и Пандев и Несторовски во составот, а ние да го изгубевме натпреварот против Италија? Тогаш веројатно ќе следуваа други, поинакви прашања. Лесно е да се биде генерал после битка. Сите тие хипотетички ситуации може да придонесат само за создавање конфузија. Баражот е зад нас и сега сме насочени кон подготовките за Лигата на нации“.

За прв пат ФИФА усвои ваков формат за европските баражи. Беше прилично нефер кон репрезентациите во вториот шешир, а кон Македонија беше најнефер поради играњето двапати на гости и тоа против два гиганта за на крај да не се пласираме во Катар иако го елиминиравме актуелниот еврпски шампион. Кое е вашето мислење за ваквиот формат?

„Кога ќе дојдете во ситуација да се најдете меѓу топ 20 репрезентации во Европа, од кои 10 се учеснички во бараж и две кои дојдоа преку Лига на нации, значи тие две ги ставам на страна, според перформансите кои ги прикажаа репрезентациите, тие 10 во квалификациите за Светско, пред самата жрепка мене ми беше сеедно кој ќе ни падне. Зошто? Затоа што за да се дојде до бараж треба да се одиграат 10 натпревари. За било која репрезентација која покажала перформанси на тоа ниво за да дојде меѓу топ 10, не може да кажете дека е слаба репрезентација. Значи, мора да има достоен квалитет за Светско првенство. Е сега форматот, и жрепката што се падна така - за мене не е во ред. Затоа што доаѓаме во ситуација да бидеме втори во една група со Германија, Романија, Исланд, Ерменија, да играме бараж со 4-кратен светски првак и актуелен европски, ги победуваме, и не одиме на Светско. Тоа е де факто неблагодарно, прво за самите фудбалери. Да покажеш такви перформанси, да го победиш актуелниот европски шампион и да не се пласираш - голема штета за фудбалерите и за нас како федерација“.

„После тој бараж не мислам дека би било нешто многу поразлично ако игравме на домашен терен, но секако ќе бевме поодморни и целата атмосфера околу натпреварот ќе беше поинаква доколку после Италија игравме дома. Оваа Македонија покажа дека исто игра и на гости и дома, зборувам од тактичка поставеност, но ќе имавме ден повеќе за одмор. Во такви моменти кога за три дена играте таков натпревар со поранешен европски шампион и тим кој според индивидуален квалитет можеби е во топ 3 во моментов во светот, секако дека не е во ред, спортски гледано, за да имаме некој фер-плеј“.

Што мислите за одлуката на ФИФА да не ги избрише жолтите картони за полуфиналните баражи? Ќе беше ли поинаква нашата игра доколку против Италија ги имавме Елмас и Костадинов?

„Тоа воопшто не беше во ред. Според мене фер е да бидат сите од иста појдовна точка, да има некој баланс во тој прв натпревар. Не зборувам за црвени картони, но жолтите се составен дел од натпреварите и се добиваат за најразлични причини. Сепак, не мислам дека драстично ќе сменеше нешто“.

Ни следува Лигата на нации. Отвораме против Бугарија на гости, во момент кога политичките односи со нашиот сосед се на најлошо можно ниво по Втората светска војна, а воедно и двата народа имаат лош однос поради политичката криза. Мислите ли дека нашите фудбалери може да имаат психолошки проблеми на теренот во Разград каде многу веројатно дека ќе ги дочека непријателска атмосфера од бугарските навивачи? Може ли овој натпревар да биде одлучувачки за конечниот пласман во групата?

„Никогаш не размислувам во правец да поврзувам било кој спортски настан со актуелна политичка ситуација или политичка релација меѓу две држави, а уште помалку меѓу два народа. На стадион може да има негативна атмосфера, имавме и сега кога игравме пред 30 и кусур илјади Италијанци и 50 илјади Португалци. И едните и другите фудбалери кога се на терен се исклучуваат од било какви такви работи, така да не гледам било каков посебен притисок кој би нѐ оневозможил или би ни ги лимитирал фудбалските способности, наши или на противникот. Овој натпревар е само прв, има уште пет и не одлучува за пласманот. Тоа ќе зависи од сите натпревари до крајот. И овие натпревари ќе бидат дел од она што го правиме и сега - подготовка за квалификациите за ЕУРО 2024 и за понатаму“.

„Јас го гледам тимот како ќе изгледа и после 2025 без разлика дали јас ќе бидам тука или не, бидејќи репрезентацијата ќе игра и после мене“.

Имаше гласина дека Украина побарала да одигра пријателска со нас во Скопје на крајот од месецов.

„До мене не стигнала никаква понуда, а ниту планирам да се игра бидејќи нема простор. Се наоѓаме во период каде првенствата каде играат нашите играчи завршуваат различно. Ќе имаме проблем да ја избалансираме оптеретеноста на играчите, а на 2 јуни е веќе натпреварот со Бугарија. Се надевам само дека сите ќе бидат здрави и способни да одговорат на повикот. Кој ќе игра и колку ќе игра, тоа е знак прашалник. Ќе мора и да се ротираат играчите бидејќи играме 4 натпревари, крај на сезона е, имаме и две гостување за кои имаме проблем и со летовите“.

Што ве инспирираше да станете тренер? Имаше ли нешто посебно што ве натера да се бавите со оваа професија?

„Кога бев фудбалер учев од моите тренери, од некои како треба, од некои и како не треба. Сето тоа што се сведува околу начинот на работа на сите оние кои ми биле тренери, ми користи сега и ми било една од причините да почнам да се бавам со тренерската професија. Од друга страна, сега учам многу од фудбалерите, всушност најмногу. Можеби положбата на играчот која јас сум играл и од она што сум го гледал работејќи со тренерите ме инспирирало на некој начин да пројавам желба да работам со тим фудбалери. Многу работи има кои сум ги прифатил како позитивни, но има и како негативни, кои ми користат во работата денес. Нема нешто посебно што ме натерало да станам тренер, едноставно со текот на времето. Јас престанав да играм на 39 години, 2010 година, а од 2007 или 2008 почнав да полагам тренерски лиценци. Значи јас добри 2-3 години бев активен професионален фудбалер кога веќе бев определен да се бавам со оваа работа“.

На У21 Европското првенство во 2017 во Полска

Што прави селекторот кога не е селектор, односно во слободно време? Имате ли некое хоби?

„Дел од моето секојдневие ми се моите кучињата. Најголем дел од слободното време го минувам со нив. Се работи за овчарски кучиња од расата преса канарио, тоа е канарски мастиф, потекнува од Канарските Острови. Секако, играм и мал фудбал со пријателите, исто и тенис, може да се каже дека тоа ми е еден вид хоби“.

Сигурно ќе го следите Мундијалот во Катар. Кој според вас е главен фаворит за освојување на пехарот? И дали доколку не ја елиминиравме, Италија ќе беше еден од фаворитите?

„Тоа е тешко прашање, тешко е да се издвои фаворит. Јас би ги издвоил Бразил, Германија и Франција. Италија има сериозен квалитет, како тим како целина и како индивидуален и тимски квалитет“.

Сè помалку играчи од домашната лига гледаме во репрезентацијата. Минатиот пат беше само вториот резервен голман. Може ли Федерацијата да направи нешто за да помогне да се покачи квалитетот на домашната лига?

„Не може ФФМ да се меша во работата на клубовите. Да, ние како федерација и селекции треба да црпиме квалитет од клубовите. Но, зошто квалитетот на клупскиот фудбал ни е на ова ниво, не е до нас. За тоа треба да се запрашаат клубовите. Не дека јас како селектор или некој од федерација имаме такво мислење, туку ете и она што го покажаа на последните настапи во Европа, каде ако не грешам бвеме меѓу оние со најслаби резултати. Сега во група го имаме Гибралтар, кој имаше клуб во групната фаза од Конференциската лига. Значи, сите напредуваат. Јас би бил најсреќен базата на националната селекција да ни биде од домашното првенство. Кога со У21 отидовме на ЕУРО - беше така. Не дека јас сега не сакам да го видам квалитетот, туку тоа што сега го бара европскиот фудбал како квалитет или потенцијал што мора да го поседува еден играч, тука во моментов го немаме. Би бил најсреќен доколку што побрзо тоа би се сменило. И мене би ми се олеснило и во селектирање и да имам повеќе опции, квалитетни, кои би биле адекватни на она што ни го бара конкуренцијата во Европа. Јас можам да викнам и 5 и 10 играчи од домашната лига, но што би добила репрезентацијата? Што во моментот бара европскиот фудбал за некој да биде конкурентен, јас тие информации ги црпам на самите натпревари. Според тоа се води селектирањето. Не значи и дека ако еден играч бил репрезентативец пред 3 или 4 години, дека треба и сега. Можеби тогаш бил добар, но сега не е. Сега бараме други карактеристики. Секој има своја филозофија на фудбал, што му треба, какви карактеристики треба да има играч за врска, или напаѓач или одбранбен, согласно со тоа што му треба за да биде конкурентен“.

„Ќе повторам како заклучок дека со сето она што го прикажа Македонија во квалификациите и особено во баражите, му се допаѓало тоа некому или не, покажа дека може да биде конкурентна и против најдобрите. Теренот е мерило за сè, не е името и презимето на фудбалерот туку перформансот што го дава на терен. Барем така е кај овој стручен штаб и така и ќе биде сè додека е овој стручен штаб на чело на репрезентацијата“.

Како играч неколку пати бевте повикуван во репрезентацијата, а според клубовите каде настапувавте и начинот на кој игравте, веројатно заслуживте многу повеќе повици. Дали жалите што никогаш не добивте вистинска шанса во репрезентација?

„Не. Можеби според она што сум го пружал на терен и во клубовите во кои сум играл надвор и тука - сум заслужил, особено кога играв во Марибор и Ашдод. Ако се ценеле перформансите и учинокот на терен, како и натпреварувањата каде што сум играл, тогаш дефинитивно да, но тоа е тоа. Ако можев со Марибор да играм Лига на шампиони и УЕФА куп и да бидам играч на натпревар и тоа оценет по германски весници, против Дортмунд, а во тој период да не добијам повик во репрезентација. Ама тоа е тоа и не жалам бидејќи сето она во кариерата бил мој личен избор, можеби не требаше толку рано да ја напуштам Звезда, можеби требаше таму да ја чекам шансата“.

Неодамна се појавија гласини дека ќе се повлечете од репрезентацијата за да станете тренер токму на Црвена звезда.

„Тие приказни потекнаа од некои српски медиуми. Лични разговори и преговори не сум имал. Имам активен договор со ФФМ и сите мои активности се насочени кон она што следува со репрезентацијата“.

Речиси во текот на целата Ваша тренерска кариера провејуваше оспорување и сомнеж во Вашите квалитети. И кога бевте во Вардар, и во У21 репрезентацијата, и после првите натпревари на кормилото на сениорската репрезентација. На сите тие оспорувања Вие одговаравте со успеси: две титули со Вардар, историски пласман на една македонска фудбалска репрезентација на Европско првенство со У21, бараж за Светско првенство со сениорите и победа над актуелен европски првак. Како сте го доживувале сето тоа и што е она што ве терало да одите напред?

„Тоа секогаш го имало и ќе го има и искрено не допирало многу до мене затоа што сум научен да тежнеам кон највисоките цели. На тој пат, човечкиот фактор, поточно меѓусебната почит и карактерот на оние со кои што работам, се на прво место. Тука пред сè мислам на фудбалерите како и на членовите на стручниот штаб. И подалеку од тоа, поширока слика не постои, ја нема. И сето тоа на многумина им пречи и тоа на оние на кои што нефудбалските работи им се на прво место. Друга причина за тоа - не гледам. Затоа што не гледам како може некому да му пречи Македонија да игра на Европско првенство, да биде на чекор од пласман на Светско првенство, да ја победи Италија, да биде рамноправна со Португалија. Сомнежи имало и ќе има, но јас тука не можам ништо да направам освен да продолжам по својот пат и да не дозволам тие душегрижници да ме насочат на друга страна“.

Познат сте како човек кој што не трпи мешање во работата од раководните структури било во клуб или во ФФМ, а впечаток е и дека менаџерите Ве заобиколуваат ако станува збор за протежирање на одредени фудбалери. Дали сте имале притисоци во својата кариера во тој поглед, односно дали имало обиди друг да Ви составува тим и дали во таков случај Вашиот одговор бил, односно би бил, давање оставка?

„Сè уште не сум дошол во ситуација да дадам оставка затоа што мојата поставеност е таква што човечките вредности и карактерни особини се на прво место. Сите тие личности се составен дел од фудбалот не само кај нас туку и секаде во светот но, ќе повторам, начинот на кој што функционирам јас и мојот стручен штаб години наназад е таков што секогаш го кажувам моето мислење онака како што е, без разлика дали во моментот некому му е пријатно или непријатно и независно дали станува збор за фудбалер, фудбалски работник или функционер, тој ќе го слушне моето мислење. Можеби токму таа директност е она што ја создава таа атмосфера околу мене и мојот тим на соработници, односно не оставам простор за импровизација“.

Каков е вашиот став за натурализација на играчи во репрезентацијата?

„Ако фудбалерот има квалитет кој ќе го подигне квалитетот на репрезентацијата - секако дека да“.

Кои се вашите најголеми доблест и маана, и дали сте злопамтило?

„Злопамтило не сум, никогаш. Најголема доблест или маана може да ми е едно исто, а тоа е искреноста. Тоа ми е и доблест и маана“.

Жрепката за квалификациите за ЕУРО 2024 сè уште не е ни направена. Сепак, гледате ли и во таа насока?

„Работиме во таа насока, да бидеме конкурентни да пробаме да испишеме нова историја“.

На селекторот Милевски му се заблагодаруваме за гостопримството и за одвоеното време и му посакуваме уште успеси со македонската фудбалска репрезентација, како и нов пласман на едно големо натпреварување.

Фото: ФФМ

реклама

Како изгледал етничкиот состав на цела Македонија во 1905 година?

Read more

Со две ластичиња до убави велигденски јајца со нова шара

Read more

Зошто треба прво да се испржи меленото месо, па потоа да се додаде кромид?

Read more

Адвокат советува на кое прашање никогаш да не одговарате кога кога ќе ве запре полиција

Read more

Интервју

КАЈГАНА ЕКСКЛУЗИВА со Срѓан Драгојевиќ: Од поезија до филм и учеството на Саем на книга во Скопје

Read more

Дарија Андовска, деканка на ФМУ: Интелектуалецот треба и мора да биде општествено ангажиран

Read more

Монументалната архитектура како уметничка скулптура низ објективот на Ерина Богоева

Read more

Надија Реброња: Во Скопје се шета по ритамот на музиката на уличните музичари, а низ Вардар тече поезија

Read more
 

Ново

Роберт де Ниро откри кои му се најомилените актери на сите времиња

Читај повеќе
Како да направите совршени американски палачинки?

Како да направите совршени американски палачинки?

Читај повеќе

Украле сеф од менувачница во Чаир и побегнале со возило без таблички

Читај повеќе

Маж ја нападнал поранешната сопруга на работното место, па ѝ се заканувал со нож

Читај повеќе
  • play_arrow

Побрз, подобар, попаметен - запознајте го Atlas, новиот хуманоиден робот

Читај повеќе

Топ 10 европски градови кои најубаво мирисаат

Читај повеќе

Де Роси ќе остане тренер на Рома и во следната сезона

Читај повеќе

Зошто треба да исклучувате Wi-Fi навечер?

Читај повеќе

Рани симптоми на дијабетес кои не смееме да ги игнорираме

Читај повеќе