„УРИЕЛ“ ЌЕ ИМА ПРОМОЦИЈА ВО РАМКИ НА ФЕСТИВАЛОТ РЕ-КУЛТУРА

Урош Ѓоровиќ: Бескрајно сум одушевен од начинот на кој функционира младата македонска сцена

Урош Ѓоровиќ

Живата и животворна соработка на младинските културни сцени во регионот ѝ носи на македонската книжевна публика еден моќен поетски глас од Србија - младиот поет Урош Ѓоровиќ. Како втора збирка поезија од едицијата „Црно сонце“ на издавачкиот огранок на „Култура Бета“,  излезе од печат дебитантската и наградувана стихозбирка на Ѓоровиќ, „Уриел“, во препев од српски јазик на Андреј Медиќ Лазаревски. За стихозбирката Ѓоровиќ е  ги добива „Бранковата награда“ и признанието „Матиќев шал“ во Србија.

Ѓоровиќ и Медиќ Лазаревски се сретнуваат на 49-тото издание на фестивалот за млада поезија и проза „Рукописи“ во организација на Домот на младите Панчево, каде се развива длабоко взаемно разбирање на состојбите на младинските културни сцени во Македонија и во Србија, како и инстантен поетски прочит меѓу двајцата млади поети и културни работници. Препевот на „Уриел“ е резултат на оваа синергија.

Марија Велинова, уредничка на македонското издание, за книгата ќе каже дека е „збиена и раскошна, неговата поезија честопати зборува за телото, туѓо или свое, во кое очите се претвораат во дупки на асфалтот, кожата во кралски тепих и сѐ добива свој двојник преку неговата проникливост.“ „Уриел“, вели Велинова, е „огнен меч во современата поезија“.

Промоцијата на „Уриел“ е закажана за 23 септември од 21 часот во барот „Љубов“ во рамки на фестивалот „Ре-култура“, а промотори ќе бидат Медиќ Лазаревски и Ангела Бошкоска. Во очекување на доаѓањето на Ѓоровиќ во Скопје, разговарав со него за процесот на пишување, мотивите што ги обработува, за значењето на заедништвото за фунционирањето на една младинска културна сцена...

„Уриел“ во македонски превод пристигнува во Скопје како книга чии песни постојано се движат меѓу телото, љубовта, стравот, вер(б)ата и секојдневниот градски живот. Како би го опишал нејзиното внатрешно патување низ трите „акорда“ и што за тебе значи самиот наслов „Уриел“?

Идејата за „три акорда“ произлезе од верувањето дека музиката – особено американскиот кантри и панк – бара само три акорда и вистина. Тоа беше водечкиот принцип при пишувањето на овие песни; самите песни градациски го следат развојот и растежот на лирскиот субјект. Овие три дела всушност соодветствуваат на одредени периоди на пишување што опфаќаат седум години. Покрај тоа, насловот „Уриел“ е донекаде иронична игра на зборови, со оглед на тоа што, на прв поглед, изгледа како да алудира на моето сопствено име. Го доживеав како еден вид поетско самонасловување. Тоа исто така вклучува и субверзија на архетипот на ангелот – особено затоа што, сосема случајно, Уриел е архангелот што служи како заштитник на уметниците и писателите.

Во песните како „Туѓо тело“, „Ононон“ и „Светот носи леснотија“, телото не е само интимен простор, туку и место на несигурност, желба, преобликување и можност за самоприфаќање. Како се менува односот кон сопственото тело додека човекот преминува од младост кон зрелост?

Моето искуство укажува на тоа дека секогаш постои активен дијалог меѓу нашите мисли и начинот на кој ги доживуваме сопствените тела. Овој дијалог може да тргне во сосема различни насоки, од глорификација до одбивност. Да се ​​биде жив и да се има тело подразбира одредена форма на секојдневен body-horror, заедно со постојаната свесност дека токму тоа тело – во каков и да е облик – најбуквално нè носи низ животот. Во ера толку силно стимулирана од визуелното и физичкото – и практично опседната со надворешниот изглед – ние сме посвесни за самите себе од кога било, што отвора нови димензии на несигурност и прашања поврзани со личниот идентитет.

Во „Уриел“ користиш необични споеви на религиозни, митолошки, урбани и слики од поп-културата: од катедрали и ангели до неонски допири, компјутерски стрелки и телевизиски екрани. Што ти овозможува ваквиот (визуелен) амалгам, а што не би можел да го кажеш со поунифициран поетски јазик?

За мене, поезијата претставува и неопходност и форма на забава; од оваа тензија произлегува мојата постојана потрага по заедничка врска меѓу спротивставени предмети или сензации. Покрај игривоста, парадоксот и контрастот се највпечатливите алатки во мојата уметност, бидејќи секогаш му оставаат простор на читателот сам да го открие суштинското ткиво на тие фрази или стихови. Како голем обожавател на Дејвид Линч, верувам – колку и да звучи чудно – дека преку апстракцијата можеби можеме попрецизно да го опишеме и разбереме светот околу нас, низ призмата на неинтелектуализираните емоции.

Дел си од повеќе младински книжевни и уметнички иницијативи, а во твојата биографија се споменуваат групата „Проред“, колективот „СВИ МИ“ и разни поетски перформанси. Каква културна инфраструктура им е потребна на младите автори денес за да не останат само индивидуални гласови, туку да создаваат заедница и простор за експериментирање, но и градење трајни уметнички вредности?

Сметам дека во совршен свет, секој уметник би можел и би требало да се потпре на инфраструктура (било да е државно финансирана или заснована на проекти) за целосно да ја реализира својата визија. Сепак, би сакал да истакнам и дека, во повеќето случаи, соработките и перформансите во кои сум учествувал започнувале како „герилски“ иницијативи на истомисленици кои се запознале онлајн, на работилници или во живо. Пред сè, треба да одите таму каде што чувствувате дека се собираат вашите луѓе и оттаму да градите заедница. Тоа е нешто што не може да се замени со никакви пари. (Но, ако ова случајно го чита некој од некоја културна институција и сака да финансира некој проект на кој би работел, слободно нека ме контактира.)

„Уриел“ сега добива македонски препев и промоција во Скопје. Како течеше соработката со Андреј и кои се најголемите предизвици кога една поезија заснована на звук, асоцијација, телесност и повеќезначност преминува во сроден, но различен јазик — и што би сакал македонските читатели да препознаат како свое во оваа книга?

Ништо од ова немаше да се случи без „Рукописи“ и нашата средба на фестивалот посветен на таа антологија – но пред сè, немаше да се случи без љубопитноста на Андреј за младата српска поетска сцена, како и без неговата непоколеблива амбиција и искреното чувство на повик кон поезијата. Бескрајно сум инспириран и воодушевен од начинот на кој функционира младата македонска сцена, особено екипата собрана околу „Култура Бета“. Би сакал да ја искористам оваа прилика уште еднаш да му се заблагодарам на Андреј; тој посветено работеше на текстот и во него пронајде нешто што лично му припаѓа. Се надевам дека преку оваа книга македонските читатели пред сè ќе го препознаат вложениот труд, но и дека ќе продолжат да ги следат другите изданија од едиција „Црно сонце“.

реклама

Интервју

Наташа Гелева – Лени: Културата никогаш не зависела примарно од удобните институционални рамки

Read more

Урош Ѓоровиќ: Бескрајно сум одушевен од начинот на кој функционира младата македонска сцена

Read more

Мајк Дауни: Пораките во уметноста треба да се прошверцуваат, а не да се попуваат

Read more

Д-р Наталија Орлиќ: Колку повеќе технологијата напредува, толку поважни стануваат човечките вештини

Read more

Ново

10.10 е магичен датум за три хороскопски знаци 

Читај повеќе

Питони, отровна змија и гуштер под седиштето: косовски државјанин се обидел нелегално да ги внесе во Македонија

Читај повеќе

Излезот од блокадата со Бугарија е во дијалогот, смета Мицкоски

Читај повеќе

Шефот на Ryanair ја смирува авиоиндустријата: Ќе има доволно керозин

Читај повеќе

Starlink доаѓа на мобилните телефони: Илон Маск го купи делот од сложувалката што недостасуваше 

Читај повеќе

Наташа Гелева – Лени: Културата никогаш не зависела примарно од удобните институционални рамки

Читај повеќе

Рецепт за највкусната салата од зелка

Читај повеќе

Теснецот е одблокиран, зошто цените на горивата не паѓаат?

Читај повеќе

Volkswagen ги послуша критиките на возачите

Читај повеќе