Иран и Русија во трговските трансакции користат само национални валути, а веќе не долари, во согласност со билатералните договори во финансискиот сектор, изјави гувернерот на иранската централна банка, Мохамад Реза Фарзин.
„Склучивме валутен договор со Русија и целосно го отстранивме доларот. Сега тргуваме само во рубли и риали“, рече гувернерот на конференцијата што ја емитуваше ТВ-каналот SNN, според извештајот на руската новинска агенција ТАСС. Тој додаде дека финансиските власти се договориле курсот да се користи за надворешно-трговски трансакции.
Кремљ на 21 октомври објави дека употребата на националните валути во иранско-руските трансакции е зголемена за 12,4 отсто од почетокот на годината и сега сочинува 96 отсто од сите трансакции. Во јули руската и иранската централна банка потпишаа договор за размена на валути, заедно со завршената интеграција на рускиот платен систем Мир и иранскиот Шетаб, потсетува агенцијата ТАСС.
Руската и иранската централна банка ја завршија првата фаза од интеграцијата, објави пред две недели на социјалната мрежа Х, шефот на Одделот за односи со јавноста на Централната банка на Иран, Мостафа Гамари Вафа, според извештајот на ТАСС, додавајќи дека граѓаните на Исламската Република сега можат да користат картички на територијата на Русија на системот Шетаб за подигање готовина во рубли.
На крајот од втората фаза, руските туристи ќе можат да подигнуваат готовина од банкоматите во Иран со помош на картичките Мир, а на крајот на третата фаза, иранските граѓани ќе можат да ги користат картичките Шетаб за плаќање на стоки и услуги во Русија, објави руската новинска агенција Интерфакс.