Луѓето кои одвај чекаат да патуваат пак можеби не ја сметаат Италија за една од најбезбедните земји каде би отишле во прва прилика за време на или по завршувањето на пандемијата.
Сепак, римскиот аеродром Фјумичино стана првиот аеродром во светот прогласен за COVID-19 аеродром со пет ѕвездички.
Оваа награда му ја додели меѓународната компанија за рејтинг на аеродроми Skytrax. Компанијата е позната по годишната листа на најдобри аеродроми, но пандемијата со COVID-19 беше поттик да се избере аеродром што најдобро се справува со кризата, односно води грижа за хигиената, безбедноста на патниците и вработените, како и други предизвици што произлегуваат од кризата.
Аеродромот Фјумичино, познат и како Меѓународен аеродром Леонардо да Винчи, е најпрометниот аеродром во Италија. На почетокот на септември таму беше отворен тест-центар за коронавирус на површина од 650 кадратни метри, со кој управува Црвениот крст на Италија.
Skytrax ја оценуваше одличната организација на аеродромот, како и брзото тестирање за коронавирусот, лесно читливите натписи и предупредувања на повеќе јазици, строгото спроведување на задолжителното носење маски, видливото присуство на персонал за одржување хигиена, како и ефикасното спроведување на сите полетувања и слетувања на терминалите.
Skytrax, со седиште во Обединетото Кралство, досега имаше увид само во работата на европските аеродроми. Со три ѕвездички за ковид безбедност беа наградени аеродромите Малага-Коста дел Сол (AGP) во Шпанија, Нис Кот д'Азур (NCE) во Франција и лондонски Хитроу (LHR).