Барселона синоќа беше оштетена на гостувањето кај Реал Сосиедад бидејќи голот на Роберт Левандовски беше неправедно поништен поради наводен офсајд.
Полјакот постигна гол во првото полувреме за водство на Каталонците од 1:0, а судиите во ВАР собата му предложија на главниот судија Гиљермо Куадра Фернандес да го поништи, што и го направи.
Снимката која требаше да ја оправда одлуката на судијата излезе веднаш, но се чини дека се покажа спротивното. Имено, Левандовски беше во дуел со домашниот стопер, Мароканецот Најеф Агерд, а по прегледувањето на ВАР снимката беше досуден во офсајд бидејќи дел од врвот на копачката му беше во недозволена положба.
Сепак, многу шпански фудбалски фанови и новинари тврдат дека Барселона е оштетена. Тие наведуваат дека ВАР погрешно го идентификувал стапалото, односно го карактеризирал стапалото на Агерд како стапалото на Левандовски. Легендарниот Полјак затоа беше речиси половина метар во дозволена позиција.
Поради (не)дозволената позиција утрово на Instagram се пошегува и неговиот соиграч Рафиња.
По натпреварот, судиската организација се состана и ја даде својата верзија за поништениот гол и ја образложи оваа одлука на ВАР технологијата.
Тие наведуваат дека немало погрешно толкување ниту, пак, виделе замена на идентитет помеѓу Агерд и Левандовски од страна на компјутерот, бидејќи се зборуваше дека врвот на копачката во офсајд е всушност на Агерд.
Во извештајот се наведува и дека ситуацијата била прегледана со 10 дополнителни камери, покрај оние од аудиовизуелната продукција, за да се потврди дека системот е исправен и дека применетата технологија предвидува милиметарски офсајд и следење на врвот од копачките.
Системот Hawk-Eye снима 29 агли на фудбалери до 50 пати во секунда за да ја пресмета нивната точна позиција на теренот. Благодарение на оваа технологија се намалува времето за утврдување дали има офсајд или не. Просекот обично е 25 секунди, иако може да биде и подолг. Такво е објаснувањето од судиската организација.