Врз францускиот претседател Емануел Макрон денеска беше фрлено јајце, при посетата на саемот за угостителство во Лион, јави дописникот на МИА.
Сторителот веднаш бил евакуиран во друга просторија и му биле ставени лисици на рацете.
-Ако има нешто да ми каже нека дојде, коментираше шефот на државата, барајќи да го донесат кај него.
-Подоцна ќе одам да го видам. Одете донесете го, додаде тој.
Овој инцидент се случи за време на неговата посета на штандовите на Меѓународниот саем за угостителство, хотели и храна (СИРХА) што се отвора во Лион, со тројца членови на владата – министерот за мали и средни претпријатија Ален Грисет, државниот секретар за туризам Жан -Батист Лемојн и министерот за земјоделство Жулиен Денорманди – како и поранешниот шеф-готвач на Елисејката палата Гијом Гомез.
Во халата на салонот, професионалците топло му се заблагодарија за државната помош за време на кризата, како и за утринското соопштение за претстојното ослободување од данок за напојниците платени со банкарска картичка.
-Благодарам што се справувате со кризата, му рече еден граѓанин.
-Благодарам, можевме да издржиме една година, додаде друг.
-Браво за она што го направивте за рестораните, додаде трет.
Макрон на 8 јуни доби шлаканица за време на патувањето во Таин-Л’Ермитаж, предизвикувајќи голем бран протести од политичката класа. Два дена по инцидентот, лицето беше осудено на четири месеци затвор и беше ослободено на 21 септември.