Како да ја употребите бојата на сезоната во вашето есенско реновирање?
Тиквата е кралица на есента, а сите нијанси на нејзината раскошна боја се добредојдени во нашиот дом - од огнено портокалова, преку топлата жолтеникава до пастелните тонови со доза розово.
Ако размислувате да внесете свежина во домот оваа есен со помало или поголемо реновирање или едноставно ново уредување на ентериерот, ви препорачуваме да искористите некоја од нијансите на бојата на сезоната.
Можете да обоите или да обложите со тапет еден или повеќе ѕидови или да ги смените плочките во кујната, подот во ходникот или некој друг помал простор. Деталите се секогаш добра и финансиски неоптоварувачка промена – наместо цела софа, купете нови перници; наместо нова фотелја претапацирајте ја старата; наместо цел елемент како комода, ставете впечатлива вазна, саксија со собно растение или некој друг украс во некоја од нијансите на есенската тиква.