ГОСТИНКА НА ФЕСТИВАЛОТ „ПРО-ЗА БАЛКАН“

Катарина Луа ван Хоф: Книжевната фикција е суштинска за зачувување на слободата и сè што е убаво во светот

Една од влијателните имиња во европското издаваштво, Катарина Луа ван Хоф, поранешна шефица на одделот за странска литература во францускиот гигант „Галимар“, беше учесничка на програмата „Скопје фелоушип“ од 15 до 17 септември во Скопје, во рамки на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“.

Фото: Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан

Катарина Луа ван Хоф, родена во Берлин, студирала историја и компаративна книжевност во Брисел, Вашингтон, Берлин и Париз. По значајното искуство како новинар во САД, Украина и Русија, таа работела и како уредник и автор во Германија, пред да се приклучи на француската издавачка индустрија.

Како шеф на одделот за странска литература во Éditions Gallimard, под нејзиното раководство биле издавани публикациите на водечките романсиери како Амос Оз, Орхан Памук, Људмила Улицкаја, Петер Хандке и Бернхард Шлинк.

Во 2021 година ја основа Les Argonautes, независна издавачка куќа со иновативниот дигитален проект за промовирање на европската литература, La Carte des Argonautes, и како издавач на меѓународно признати автори, вклучувајќи ги Маренте де Мур, Аста Оливија Норденхоф, Пајтим Статовци и Лина Волф, Паскал Мерсие и Татјана Толстој.

Имавме прилика да разговараме со Луа ван Хоф на последната фестивалска вечер, кога беа претставени писателите Ненад Шапоња, Мајк Дауни и Виолета Танчева-Златева, и му беше доделена наградата „Прозарт“ на српскиот писател Владимир Пиштало, годинешниот лауреат на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан, во Даут-пашин амам во Скопје.

Фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ ви беше домаќин на овогодинешното издание. Со какви очекувања дојдовте во Скопје? И сега кога заврши, какви се вашите впечатоци?

Како издавач специјализиран за европска книжевност, дојдов тука најмногу затоа што сум љубопитна да дознаам што се случува на македонската книжевна сцена, како се одвиваа книжевните дебати, но и да соработувам со колегите издавачи. Бев многу љубопитна за прилично живите дебати. Зачудена сум што разговорите беа многу пополитички отколку што мислев дека ќе бидат, мислев дека ќе бидат поштедени некои политички теми. Мислам дека повеќе се работи за именување на тензиите, додека истовремено уште сме здружени. Позитивно сум изненадена од дебатната култура во книжевноста, од нејзините политички аспекти, се разбира од книжевниот квалитет за кој веќе бев заинтересирана, бидејќи веќе прочитав некои текстови пред да дојдам овде.

Со кои македонски автори сте запознаени?

Запознаена сум со творештвото на Лидија Димковска, а ја прочитав и Румена Бужаровска, со која се запознав на еден книжевен фестивал во Швајцарија во март. Го прочитав и „Храпешко“ на Ермис Лафазановски. Читам многу извадоци и синопсиси, кратки преводи кои ми ги предлагат преведувачи, агенти или уредници, за да видам дали можеби нешто ќе ми фати око. Ја следам македонската книжевност со години, како што ја следам и другата европска литература, така што имам многу поттекст и контекст.

Фото: Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан

Како се промени климата во меѓународната издавачка индустрија во изминатите 10 години? Дали постигнавме поголема отвореност кон другите пазари?

Тоа е големо прашање. Издавачката индустрија сè повеќе се концентрира во поголеми корпорации. Бидејќи бројот на читатели се намалува, а со тоа се намалува и економската добивка што можеме да ја извлечеме од издавањето книжевна фикција, ситуацијата станува сè понапната. Издавачките групации имаат тенденција да стануваат сè поголеми и поголеми.

А од друга страна, тука се независните издавачи, како мене, кои го прават спротивното, се специјализираат, прават квалитетни избори и применуваат многу карактер во нивната уредувачка програма за да се прилагодат на најсоодветниот начин на новите околности и да привлечат нови генерации читатели на книжевна фикција. Навистина ја ценам различноста во книжевната фикција.

Секој пазар е многу специфичен. Значи францускиот пазар е сосема различен од македонскиот, а германскиот сосема различен од францускиот. Она што е интересно е дека програмите како оваа, Фестивалот („Про-за“) и Фелоушип програмата, покажуваат дека европската културна политика некако функционира и нè турка да го поддржуваме преведувањето. За мене е важно да постои политичка волја за размена и соработка. Чувствувам дека тој дел функционира многу добро, а книжевните уредници и преведувачите навистина добиваат голема поддршка. Кога доаѓам овде, не морам да зависам од мојата сопствена мрежа, но има размена, полесно доаѓаш до луѓето и создаваш нови контакти кои ќе бидат корисни во иднина. Порано ова беше многу потешко и одземаше многу време. Сега, благодарение на овие фестивали и фелоушип програми стана многу полесно. И тоа е многу важно за нас, особено како европски издавачи, затоа што треба да работиме заедно за да разменуваме и наоѓаме автори и да дознаеме како можеме најдобро да ги промовираме, можеби дури и заедно. Автор што е преведен во неколку земји одеднаш станува меѓународен автор, што пак многу го олеснува нивното промовирање во нашите земји. Германскиот пазар е традиционално прилично отворен за преводи, францускиот пазар има висококвалитетни преводи, прекрасни преведувачи, но сега понекогаш чувствувам дека јавноста не е многу отворена за преведена литература. Французите се многу заинтересирани за сопствената литература. Оние кои се заинтересирани за нивните европски соседи, најчесто се интересираат за политиката во моментов, а помалку за литература, што е разбирливо со оглед на ситуацијата.

Вашиот богат каталог вклучува бројни познати книжевни имиња. Кои се вашите методи при изборот на автор, домашен и странски, кои се критериумите кога одлучувате дали ракописот ќе премине во следната фаза за објавување? Каков е процесот кога станува збор за преводи на веќе објавени книги на други јазици?

Процесот не мора нужно да е долг. Може да биде прилично брз. Може само да прочитам еден пасус и да ми се јави тоа чувство дека има нов и изненадувачки книжевен глас! Тоа е она што го сметам за прекрасно во преведената литература, што читате само многу селективен избор на автори, оние кои имаат потенцијал да бидат преведени.

Па тоа и го правам, ги наоѓам најинтересните нови гласови во секоја земја. Оние кои носат нешто многу уникатно во литературата што доаѓа од друга (историска и културна) позадина. Тоа е фасцинантно!

Многу пати кога примам ракопис престанувам да читам по само неколку страници, го оставам настрана затоа што е здодевен, затоа што многу потсетува на нешто што веќе сум го читала многу пати или затоа што не е доволно добро напишано. Верувам во објавување дела што лично мене ми будат страст. Затоа што штом ќе ја објавите, треба да зборувате за книгата, треба да им кажете на луѓето зошто текстот е важен, треба да им ја дадете на луѓето и да кажете „Ова е книгата, ова е таа книга“. Затоа, навистина е важно да сте навистина убедени во нејзиниот квалитет и нужност и да не мислите дека тоа е само една од многуте книги што можеби вреди да се прочитаат.

Фото: Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан

Како развивате стратегии за идентификување на новите трендови во литературата? Што е уште поважно, дали верувате во трендови во литературата?

Дефинитивно има трендови во литературата. Има теми кои се чини дека функционираат за една книжевна генерација. Во денешно време многу автори пишуваат за јавноста и за она што тие мислат дека може да биде интересно за читателите, други се концентрираат на она што го чувствуваат и на она што чувствуваат дека е важно. Трендовите се прилично очигледни кога обрнувате внимание, читате многу, гледате многу, забележувате што сака јавноста, како реагираат читателите. Некои автори пишуваат полесна, позабавна литература, која во моментов е прилично доминантна.

Од друга страна, многу женски и често феминистички автори стануваат погласни и слушнати, особено кога зборуваат за искуства на злоупотреба и угнетување.

На пример, во Франција на [Мишел] Уелбек (до неодамна) му се восхитуваа дека е најинтересниот, секако најважниот француски автор на нашето време. Сега перцепцијата е променета и луѓето сакаат да ги слушнат гласовите на жените. Некој со понекогаш прилично агресивна или барем исклучиво машка перспектива изгледа малку помалку интересен отколку што тоа беше случај порано. Тоа е голем тренд, нема многу последици за мојот уреднички проект, но секако многу повеќе за оние на поголемите куќи и секако влијае на тоа како се развива општеството.

Значи трендовите не се создаваат, ги барате кај читателската публика?

Мислам дека не можете да создадете тренд во книжевна фикција. Некои детски книги се создаваат преку маркетинг стратегии, се прават маркетинг студии…. и, секако, романтичната литература се создава преку маркетиншките трендови, тие измислуваат нешто прилично вештачко и многу плитко, кое секогаш се врти околу истите емоционални тригери, и оваа литература многу веројатно наскоро ќе биде пишувана со вештачка интелигенција.

Како и да е, не, книжевната фикција се разликува по тоа што нè тера да живееме персонализирано и уникатно искуство, што како читател сме активни и реактивни и со тоа учествуваме во приказната. Не ги злоупотребува емоциите туркајќи го читателот во оваа или онаа насока. Интересот за книжевната фикција доаѓа од нашата единствена и човечка перцепција и доживеани искуства, културни искуства, историски искуства, нешта кои не би можеле вештачки да се реплицираат и кои се единствени за секоја точка од историјата.

Процесот од ракопис до објавување книга како финален производ е нешто што не е блиску до читателите како крајни потрошувачи. Да, содржината е многу важна, но начинот на кој таа содржина ќе биде спакувана е дело на цели тимови уредници, дизајнери, ПР експерти, маркетинг тимови, социјални медиуми... Како се справувате со фактот дека понекогаш можеби ќе ви се допадне некој ракопис, некој автор, но тешко „се продаваат“?

Па, јас се занимавам само со ваков вид литература, баш таква што тешко „се продава“. Литературата што ја работам е амбициозна, од таа што тешко „се продава“, па морам да најдам субвенции, да најдам помош и да се обидам да бидам инвентивна со стратегија со текот на времето. Учествувам на многу фестивали и промоции на книги и многу патувам за да разговарам со книжарите. И се надевам дека политичката волја на нашата влада, која во моментов сè уште ги поддржува литературата и уметноста, ќе продолжи да го прави тоа, бидејќи за мене овој вид книжевна фикција е суштинска за зачувување на слободата и сè што е убаво во светот.

Понекогаш се сомневам, особено во последниве години, ситуацијата е многу алармантна. Мислам дека можеби ќе има некаква промена во политичката волја за поддршка на слободата во уметничкото творештво. Навистина треба да внимаваме да ја зачуваме оваа наша слобода и културна креативност во која сите уживаме. Чувствувам дека постои одредена опасност за зачувувањето на високите културни стандарди... партиите на екстремната десница малку по малку доаѓаат на власт насекаде и ја ставаат во ризик нашата културна слобода...

Да, Европа која веќе се наклонува кон десно секако ќе се одрази на културните движења и трендови, и секако финансирањето на културата и уметноста.

Тоа веќе се случува во некои земји, таму помалку ги финансираат новите современи гласови, а повеќе старото наследство. И многу брзо ќе видите дека ова ќе има многу силно влијание. Младите творци треба да бидат слушнати. Различноста на новите гласови и преводи треба да се зачува. Многу сум благодарна за оваа покана и за оваа единствена можност да се сретнам и разменам со издавачи и автори во Скопје. Размената и различноста се едноставно суштински за литературата. Националната литература која се храни исклучиво од минатото брзо ќе биде многу плитка и неинтересна. Дури и овде на фестивалот ќе беше добро да се слушнат некои помлади книжевни гласови. На други места понекогаш имам чувство дека постарите генерации писатели се помалку слушнати, што е едноставно тажно.

Рековте дека сакате да ги поместите границите, да одите понатаму, да ги пронајдете новите гласови. Како го гледате опстојувањето на издаваштвото во пејзажот на дигиталната ера?

Навистина не знам, не сум помудра од кој било друг. Само посакувам вештачката интелигенција да се концентрира на тоа да ни го олесни животот во поглед на пресметување данок, сметководство, за бирократија, чистење, безбедност и здравствена нега на постарите, наместо да се обидува да ги замени луѓето на места каде што ние во суштина ја изразуваме нашата човечност.

Мислам дека е длабоко човечки човек да бара убавина. Уметноста е дел од оваа потрага.

Кога ќе го погледнам моето куче, кое многу го сакам, а потоа ќе погледнам некои од оние мажи кои помалку ги ценам, оние кои започнуваат војни, дозволуваат луѓе да умираат во чамци на море, пукаат со оружје врз деца и изгладнуваат цели региони... единственото нешто што чувствувам дека она што е интересно кај луѓето е уметноста. Мене лично ме успокојува дека како луѓе сме способни да пееме, и да пишуваме, и да правиме музика и да цртаме слики... Тоа е она што го ценам кај луѓето. Мислам дека ако ни остана малку разум, уметноста треба да опстане на некој начин дури и во дигиталната ера каде уметноста често се гледа како обичен луксуз или дури и како општетсвено добро што се користи за да се форсира социјалната кохезија или националниот идентитет. Не верувам дека уметноста може да го промени светот, мислам дека тоа е само мал, но суштински придонес за нашето опстојување.

Можеби уметноста се зачувува самата себеси. Се самозацелува, вака или онака.

Уметноста толку многу прострадала и направил луѓето да страдаат исто така. Низ историјата... ужасни работи се случувале преку уметноста, со уметноста, од уметноста, против уметноста... Нема многу моќ, уметноста... Но, исто така, може да има толку голема моќ. Според мене, работата во книжевноста или општо во високата култура потекнува помалку од идеалистичката концепција, ами главно претставува надеж. Животот е многу краток. Мораме да делуваме, да создаваме и да работиме на она што мислиме дека можеби ќе ги подобри работите.

Каков совет би им дале на младите автори кои штотуку влегуваат во издавачката сцена, и на младите издавачи?

К: Настрана моите години, и самата сум млад издавач, издавач сум изминативе 2-3 години, пред тоа работев во поголема издавачка куќа како уредник. На младите автори би им порачала, само барајте го својот глас, сопствената тема, не се обидувајте да пишувате нешто што некој друг пишува(л) или она што некој го очекува од вас. Честопати тоа е помалку интересно. И, се разбира, читајте, читајте и читајте, за да си ги проширите хоризонтите и да знаете дали можеби не копирате нешто што енкој друг веќе (многу подобро) го напишал. А до младите издавачи... Ако сум навистина песимист, би рекла „Немојте! Не се зафаќајте со оваа работа!" (се смее) Толку многу работа, толку малку пари! Но, јас ја сакам оваа работа. Тоа е моментот кога откривате текст што навистина ви се допаѓа и секако не сте сигурни дали на некој друг ќе му се допадне. Веќе научивте дека немате ист вкус како и сите други. Но, се работи и за препознавање одредени критериуми, за препознавање на квалитетот и амбициозноста и убавината во литературата. Станува збор за откривање дали моите критериуми одекнуваат кај читателите.

Голема сатисфакција е да го објавиш она што го сакаш и да откриеш дека и другите го сакаат.

За мене веќе е голем успех што сум помогнала во Франција да се дознае за автори за кои никој не слушнал дотогаш. На пример, објавив ерменска авторка која не беше нешто многу преведувана. Сузана Харутјунајан е една од најпрестижните писателки во својата земја, но таа ретко патувала надвор од земјите на поранешниот Советски Сојуз. Сега објавувањето на нејзиниот прв роман преведен на француски ќе ја донесе на неколку значајни книжевни фестивали во Франција. Книгата беше многу тешка за преведување, но вредеше. Тоа е прекрасен роман и јас сум толку горда што го донесов гласот на Сузана Харутјунајан во франкофонскиот свет. Луѓето се изненадени што имаат можност да читаат и ерменски автор. Тоа се моменти кога се чувствувам како да додадов некој мал позитивен елемент на светот, за тоа вреди се што правам.

Така, на еден млад издавач, би му рекла: „Води се по својот вкус, обиди се да го направиш светот подобар со твоите избори, тоа е она што сите треба да го направиме“.

реклама

ПР кампањата на Вучиќ со пациентите од Кочани предизвика бран револт на социјалните мрежи

Read more

Орбан до Будимпешта Прајд: Ич не се ни мачете да организирате годинава

Read more

Најдобриот природен лек за црниот дроб што чини само 1 евро

Read more

Обид за измама во ски-скокови: Норвежаните на столбот на срамот откако беа разоткриени

Read more

Интервју

Марија Велинова: Доста беше „на ти го-дај ми го“, да го разбиеме елитниот круг во културната фела

Read more

Интервју со Афродита Салихи - фудбалерката рекордер

Read more

Катарина Луа ван Хоф: Книжевната фикција е суштинска за зачувување на слободата и сè што е убаво во светот

Read more

Здравка Евтимова: Талентот на писателот умира ако писателот пишува лаги

Read more
 

Ново

Голем хендикеп за Барселона: Заврши сезоната за младиот Касадо

Читај повеќе

ЕУ планира да испрати два милиони артилериски парчиња во Украина

Читај повеќе

„Не чувствувам вина, јас ги спасив сите што можев“, кажа Столе Боев обезбедување на дискотеката „Пулс“

Читај повеќе

ПР кампањата на Вучиќ со пациентите од Кочани предизвика бран револт на социјалните мрежи

Читај повеќе

Таравари: Ве молам не објавувајте фотографии од повредените, тоа може да влијае на нивниот процес на закрепнување

Читај повеќе

Променливо облачно и студено со засилен северен ветер, ќе има услови за врнежи од дожд и снег

Читај повеќе

„Убиството на младината е убиство на иднината“ – граѓаните од Кочани на протест побараа правда за жртвите

Читај повеќе
  • play_arrow

Топ 10 најпиратирани филмови на неделата

Читај повеќе

Германија „ја смени песната“ за планот на Макрон за нуклеарно оружје

Читај повеќе