Шесткратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон призна дека му недостига возбудата на трките и поддршката од публиката, но сепак се надева дека може да започне сезоната 2020, ако треба и пред празни трибини.
– Не знам колку е возбудливо фановите да гледаат трки само од нивните домови, но тоа е подобро од ништо. Сепак, ова е тежок момент за секој возач, затоа што навивачите се тие што ја прават добра трката, рече 35-годишниот Британец.
Новата сезона во Формула 1 требаше да започне во март, но поради пандемијата на COVID-19, сите трки беа одложени или откажани барем до крајот на јуни.
– Во целиот свет, колку повеќе фанови имате, толку е подобра атмосферата. Во овој период имав време повторно да ги откријам работите што ги сакам, како и да им посветам повеќе внимание. Ова ми дава енергија и самодоверба да работам уште понапорно, заклучи Британецот.