Хитлеровото место за одмор сѐ попопуларно кај туристите

Оберзалцберг е сместен во импозантниот свет на Баварските Алпи, на 1.000 метри надморска височина. Но, ова идилично планинско место има мрачна историја.

Адолф Хитлер одел на одмор во Оберзалцберг (Obersalzberg), каде го поставил второто седиште на нацистичката влада. Центарот за документација кој наскоро ќе биде проширен потсетува на темното историско поглавје на тој идиличен планински град.

Оберзалцберг е сместен во импозантниот свет на Баварските Алпи, на 1.000 метри надморска височина. Погледот одозгора е спектакуларен. Го сакал и Адолф Хитлер, кој одморите таму ги минувал од 1923 година, многу пред да влезе во светската историја. Како нормален турист, Хитлер бил „комуникативен човек“, како што подоцна изјави во едно интервју тогашниот сопственик на пансионот во кој престојувал идниот нацистички диктатор и масовен убиец. Во 1925 година Хитлер изнајмил дрвена куќичка на ова место во близина на австриската граница, каде што го напишал вториот дел од неговиот програмски памфлет „Mein Kampf“ (Мојата борба). Подоцна престојувал и во селската куќа „Вахенфелд“ (Wachenfeld).

Хитлер со дете

Веднаш штом ја освоил власта во 1933 година ја купил истата куќа. Ја пренаменил во луксузниот „Бергхоф“ (Berghof) - панорамски прозорци, подрумски бар, куглана. Околу седиштето е изградена „фирерска област“ од 100 хектари, забранета за обичните смртници. Куќи таму изградиле и маршалот Херман Геринг, архитектот Алберт Шпер, но и други нацистички големци. Сите поранешни сопственици морале да ја продадат земјата, а оние кои не сакале да го сторат тоа биле носени да размислуваат за тоа во концентрациониот логор Дахау. Местото набрзо станало еден вид нацистичка елитна населба.

Седиште на нацистичката моќ

Покрај Берлин, летната резиденција станала второто седиште на Адолф Хитлер и неговата владејачка партија. Имала и касарни на СС, административни згради, работилници и подземни бункери. Наскоро во Оберзалцберг почнале да доаѓаат политичари, државници и високи офицери од целиот свет. Таму Хитлер преговарал со британскиот премиер Невил Чембрлен и италијанскиот диктатор Бенито Мусолини.

Хитлер го пречекува Невил Чембрлен

Во исто време, идиличните пејзажи налик на разгледници му дале можност на Хитлер да се претстави како национален лидер кој ја сака природата. Постојат познати фотографии на кои Хитлер на сончев ден гледа во далечината, милува по главите на русокосите деца, се ракува, седи со својата љубовница Ева Браун на тераса или оди на прошетка со своите волчјаци.

Место кое потсетува на нацистичката ера

Сето ова може да се најде во Центарот за документација во Оберзалцберг. Поранешната летна резиденција на Хитлер во 1999 година беше претворена во педагошко-историски центар. Сега е проширен со дополнителен простор од 1.000 m². Оригиналната зграда била дизајнирана за најмногу 40.000 посетители годишно и станала премала за големиот број туристи кои доаѓале во Оберзалцберг. Многумина од нив сакаат да знаат каде точно бил Хитлер, но малку од оригиналните градби останале.

Пподземен бункер во Оберзалцберг

Голем дел од комплексот бил уништен во бомбардирањето на британската авијација на 25 април 1945 година. На 4 мај американските трупи влегле во Берхтесгаден (Berchtesgaden), кој е веднаш под Оберзалцберг. Останале стационирани таму до 1995 година. По заминувањето на Американците, покраината Баварија сакаше да го контролира туризмот што самиот Хитлер го иницираше. Конкретно, целта беше да се избегне претворање на Оберзалцберг во место за аџилак на екстремните десничари и неонацисти. Одлучено беше да се изгради луксузен хотел и Центар за документација на локалитетот со богата историја, со цел туристичкиот и политичкиот интерес да се насочат во посакуваниот правец.

Магнети за туристи: „Орлово гнездо“ и бункерот

Хотелот „Zum Türken“ (Кај Турчинот) го преживеал бомбардирањето и во 1949 година бил вратен на стариот сопственик, кој го поседувал пред доаѓањето на Хитлер. Хотелот имал дополнително вградени бункери. Зградата на хотелот не била седиште на Хитлер, како што понекогаш погрешно се тврди, туку била наменета за одред од СС - луѓе задолжени за заштита на Хитлер, а Гештапо повремено престојувал таму. На почетокот на 2021 година хотелот го купи локално семејство, но сѐ уште не се знае каква ќе биде неговата иднина.

Гости на Хитлер

Британското бомбардирање го преживеа и Келштајнхаус (Kehlsteinhaus), куќа именувана по соседниот планински врв Келштајн. Познато е како „Орлово гнездо“ кај непријателите на Хитлер. Ја изградил секретарот на нацистичката партија Мартин Борман, наводно како подарок на Хитлер за неговиот 50-ти роденден. Куќата се наоѓа на 1.834 метри надморска височина, на карпа. Во својата книга „Geschichte des Kehlsteins“ (Историја на Келштајн), Флориан Бајерл вели дека приказната за подарокот не е недвосмислено документирана, но дека Келштајнхаус останува сведоштво за национал-социјалистичката мегаломанија. „Златен лифт среде планината, кој го издигнува посетителот на 'врвот на моќта' - сето тоа беше исклучително погодно за луѓето да бидат заслепени“. Во Келштајнхаус моментално се наоѓа популарен ресторан.

Отворањето планирано за годинана

Луѓето во голем број во Оберзалцберг не ги носи само величествениот планински свет, туку и „митот за фирерот“. Годишно низ областа минуваат 170.000 посетители. Тоа било премногу за Центарот за документација, кој морал да се прошири. Проширениот комплекс ќе ги отвори портите за посетителите годинава. Институтот за современа историја Минхен-Берлин подготви целосно ново издание на постојаната поставка „Идила и криминал“ на дополнителни 800 m². Мултимедијални техники, нови експонати и модел на пејзаж се само дел од новите елементи. Дополнителни 230 m² нов простор е за изложбениот простор за изложби што ќе се менуваат.

Хитлер (десно) на маса со деца

Проширениот Центар за документација треба да ги спречи љубопитните туристи сами да ја истражуваат околината или за настаните од тоа време да се информираат на сомнителни интернет страници.

реклама

740.000 случаи на рак годишно се поврзуваат со една навика

Read more

Од 25 април почнува финансискиот успех за еден хороскопски знак

Read more

Како машината за перење и облеката секогаш да ви мирисаат совршено?

Read more

Заврши ретрограден Меркур: Детален хороскоп за сите знаци, 2 ќе бидат најсреќни

Read more

Вести

Решена мистеријата за гробот на Платон откако бионичко око ѕирна во свиток стар 2.000 години

Read more

Win-win-win за рециклирањето во Холандија

Read more

Новото ажурирање Windows 11 „кине нерви“: Како да го решите?

Read more

Сондата Voyager 1 се „разбуди“ - повторно испраќа податоци од вселената

Read more
 

Гик

PUBG буди носталгија и се враќа на оригиналната мапа од нејзиниот почеток

Читај повеќе

Решена мистеријата за гробот на Платон откако бионичко око ѕирна во свиток стар 2.000 години

Читај повеќе
  • play_arrow

По 14 години потсмев, Apple конечно реши да ја направи апликацијата која сите ја бараа

Читај повеќе

Win-win-win за рециклирањето во Холандија

Читај повеќе

Бајден потпиша: Крај на TikTok во САД!?

Читај повеќе

Илон Маск му се намерачи на YouTube

Читај повеќе

Новото ажурирање Windows 11 „кине нерви“: Како да го решите?

Читај повеќе

Threads надмина 150 милиони активни месечни корисници

Читај повеќе

Дали треба да ги бараме вонземјаните на виолетови планети?

Читај повеќе