Холандија ги совлада САД во осминафиналето на Светското првенство 2022 година. Средбата на стадионот „Калифа“ во Доха вчера попладнето заврши со резултат 3:1.
Премиерот на Холандија му одговори на американскиот претседател Џо Бајден по натпреварот.
На овој натпревар победи репрезентацијата на Холандија со резултат 3:1.
„Извинете Џо, фудбалот победи 😉“, напиша Марк Руте по натпреварот.
Да потсетиме, претседателот на САД, Бајден ја поддржа својата репрезентација пред натпреварот со Холандија во осминафиналето на турнирот.
На Twitter профилот на политичарот беше објавено видео на кое тој вели: „Ова е фудбал, Напред САД!“
Американците трет пат не успеваат да го поминат осминафиналето на Светските првенства.
Мемфис Депај го отвори резултатот во 10. минута. Дејли Блинд постигна гол во судиското надополнување на првото полувреме за 2:0. Во вториот дел, најпрво Американците преку Хаџи Рајт намалија на 2:1 (76. минута), за во 81. минута холандскиот репрезентативец Дензел Дамфрис да ја потврди победата на „лалињата“.
Со вчерашната победа, Холандија ја продолжи серијата без пораз под водство на Луј ван Гал која трае 19 натпревари.
Последен пат Холандија загуби на 27 јуни 2021 година од Чешка (0:2). Во август истата година Ван Гал се врати на селекторската позиција и оттогаш националниот тим има 14 победи и 5 нерешени.
Во четвртфиналето на Мундијалот во Катар, селекцијата на Холандија ќе игра со Аргентина, која вчеравечер ја победи Австралија. Овој натпревар се игра на 9 декември со почеток во 20 часот во градот Ал Рајан.