Останати спортови

Кој ќе биде следен противник на Мекгрегор: Летаат понуди, шпекулации, прозивања

19. јануари 2020 - 16:10 | А.С.

Само неколку часа по победата на Конор Мекгрегор против ветеранот Доналд Сероне во Лас Вегас, главна тема на разговор е кој ќе биде следниот противник на Ирецот кој имаше сензационален камбек во октагонот.

Сите љубители на УФЦ првенствено сакаат реванш меѓу Мекрегор и Хабиб Нурмагомедов, но за тоа уште е рано да се зборува бидејќи Дагестанецот во април треба да се бори против Тони Фергусон, борба по која многу работи ќе станат појасни.

Сепак, по борбата меѓу Мекгрегор и Сероне, многу новинари го прашаа шефот на УФЦ Дејна Вајт за можен реванш на овие двајца ММА борачи, а тој имаше интересен одговор.

„Тоа би била најголемата борба во историјата и заработката најверојатно би била блиску до онаа во мечот Мекгрегор-Мејведер. Конор сигурно ја сака таа борба, и јас би сакал да го видам тоа, но исто така би сакал да го видам и против Масвидал. Во врска со борбата против Хабиб, тоа би било меч кој би можело да се одржи каде било, на кој било стадион, во која било сала и пак ќе биде распродаден. Мислам дека не би можело да се одржи таму од многу причини, ама ќе видиме. Овие момци се мразат и има многу зла крв меѓу нив“, рече Вајт.

Тој исто така рече дека се обидува да договори и една борба за Мејведер, а овој борач веднаш на Instagram стави две пораки: едната за уште еден дуел против Мекгрегор, а другата за историски меч против Хабиб, со таа разлика што за таа за Конор доби многу поголема поддршка од јавноста.

А самиот Мекгрегор по борбата рече дека му е апсолутно сеедно против кого ќе се бори следно, а потоа во свој стил упати низа навреди до некои од борачите кои беа присутни во арената во Лас Вегас.

Една од опциите е и борба против првакот во велтер категорија (до 77 кг) Камару Усман, со оглед на тоа дека Мекгрегор моментално тежи токму 77 килограми.

Коментирај