Колку е нечујна трансфобијата во високото образование?

Трансфобијата, во основна смисла, се однесува на секое изразување на страв или омраза насочено кон луѓето кои се трансродови, небинарни или родово неконформистички. Како и другите форми на дискриминација и предрасуди, трансфобијата често произлегува од недостаток на разбирање и увид околу: што значи да се биде трансродов, небинарен или родово несообразен; како и од многуте невнимателни постапки и зборови кои може да предизвикаат штета.

Иако трансфобијата има тенденција да се намалува како што се зголемува свеста за полот, таа сепак останува главен проблем во некои заедници. Тоа не предизвикува само вознемиреност со поништување на нечиј идентитет, иако и самото тоа е доволно штетно. Исто така, често води до говор на омраза, злосторства од омраза и системска дискриминација.

Трансфобијата се протега надвор од „фобија“ и вклучува омраза, отфрлање и одвратност. Во основа, опфаќа секаков став, чувство или однесување што:

•          ги стигматизира транс луѓето

•          ги негира нивните идентитети

•          ги третира како нееднакви на или помалку од човечки битија

Луѓето најчесто ги учат трансфобичните уверувања и однесувања од родителите, врсниците, воспитувачите и религиозните учења. Но, трансфобијата нема секогаш да се манифестира како препознатливо навредлива. Дури и самиот скептицизам околу идејата дека родот е спектар може брзо да се насочи кон дискриминација и поништување на идентитетот. Луѓето не мора нужно да ги изразуваат овие однесувања или верувања со зборови за да може тоа да се смета за трансфобија. Во некои случаи, трансфобите не ги сметаат транс луѓето за „вистински“ мажи или жени, а во други поаѓаат од ставот: „Немам никаков проблем со транс луѓе - но никогаш не би имал/а врска со некој од нив“. Ваквите однесувања и ставови може да прераснат во различни форми на дискриминација, малтретирање, па и насилство кон транс лицата.

Разговарав со м-р Давид Тасевски - психолог, семеен и системски советник – на темата трансфобија и како тој би ја проширил или дообјаснил дефиницијата за трансфобија, особено во контекст на денешното време и општествени услови?

„Како термини, се користат хомофобија, трансфобија, бифобија итн. Тоа е така прифатено, и се употребуваат, но, во ситуација кога зборуваме за ЛГБТИ+ луѓето и некаква фобија од нив, мене лично овие зборови не ми се соодветен опис, иако ги користам и јас. Ако кажеме дека зборот фобија означува ирационален страв или прекумерен страв од нешто, или ако зборуваме за агорафобија на пример, кое е страв од отворен простор или страв од ситуации од кои не може да се избега, луѓето најчесто ќе ни кажат дека им се појавува интензивно чувство на страв и паника. Јас сè уште немам видено некој да е вака уплашен од ЛГБТИ+ луѓето, колку што едноставно го гледаме потсмевот, омразата и нападите врз луѓе и места кои се поврзуваат со ЛГБТИ. Точно, можеме да го поврземе со стравот од непознатото, но не во сите ситуации и не така интензивно, а да е без причина. Затоа, одредени истражувања ја поврзуваат интензивната омраза кај испитаниците, со нивното лично чувство на несигурност со сопствената сексуалност. Зошто? Бидејќи интензивна омраза и опседнатост со одредена тема, гледаме онаму каде човекот е некако лично засегнат од темата, без разлика дали за тоа е свесен или не. Треба да нагласиме, дека едноставно се работи за омраза и нетрпеливост кон оние кои се поразлични, и кога се работи за омраза и дискриминација, тука нема што да се дискутира“.

Трансфобијата во високото образование

Иако од неодамна може да се забележи тренд на придвижување кон прифаќање на сексуалните различности, па може да се каже дека експлицитното искажување на хостилност кон сексуалните малцинства, особено во академското окружување, постепено станува сѐ повеќе неприфатливо меѓу помладите генерации, а на институционално ниво не постои подготвеност за доследно спротивставување на дискриминацијата врз основа на сексуална различност. Анализите на содржината на сите релевантни учебници за високо образование во земјата, спроведени пред неколку години, доведоа до заклучок дека значителен дел од нив не само што не го исполнуваат ова очекување, туку, поттикнуваат хомофобични ставови (Дрндаревска, 2018; Трајановски и Димитров, 2011). Дел од учебниците по психијатрија, медицинска психологија и психологија, содржат навредлив јазик упатен кон сексуалните малцинства, а идентификувани се и дезинформации, експлицитно прикажување на хомосексуалноста како форма на девијација од нормалноста, или во крајна линија, отсуство на какви и да се информации за сексуалните различности во наставните материјали каде би се очекувале овие содржини, покажува научниот труд „Ставови кон сексуалните малцинства кај студенти кои се подготвуваат за помагачки професии“ (2019) , на авторките Николина Кениг и Јулијана Николовска, чија примарна цел на истражување е да ги идентификува ставовите на студентите кои се подготвуваат за помагачки професии кон хомосексуалноста и трансродовоста.

Авторките понатаму велат дека „обврска на програмите за високо образование што ги обучуваат студентите во помагачките професии, е да обезбедат наставните содржини, заедно со пристапот и целокупниот контекст во кој се одвива учењето, да бидат инклузивни за сите што припаѓаат и на видливи и на ‘невидливи’ малцинства. Системот треба да обезбеди материјали за студирање кои не само што се ослободени од ваков вид предрасуди, туку и активно да вложува во социјализација на студентите кон прифаќање на сексуалните диверзитети, еднакво како и за сите други различности. Ова е особено важно ако се земе предвид дека постојат солидни емпириски докази за ефективноста на ваквите напори во подобрување на информирањето на студентите и на младите професионалци, и во оформувањето и зацврстувањето на вредностите кои поддржуваат прифаќање на нехетернормативни облици на идентитет и сексуална ориентација“.

Декларативно, во Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј се вели дека „вршењето на високообразовна дејност што ги загрозува правата на членовите на академската заедница, насочени кон дискриминација врз основа на сексуалната ориентација се смета за акт на нарушување на автономијата“, но засега, не може да се забележи подготвеност за реагирање врз основа на оваа платформа, велат авторките. На пример, и покрај препораката на народниот правобранител да се внесе клаузула во правилниците на универзитетите за забрана на издавање наставни материјали кои содржат дискриминаторни ставови и хомофобија, се прифаќа вметнување на антидискриминаторската клаузула, но не и подготвеност за дефинитивно повлекување на учебниците со таква содржина (Дрндаревска, 2018). Освен во изолирани случаи на соодветна реакција, како кога Комисијата за заштита од дискриминација во 2015 година одлучи дека е неопходно да се отстрани специфична хомофобична содржина од универзитетски учебник за психијатрија, посочените материјали главно останаа вклучени во официјалните наставни планови. Оттука, заклучокот дека: „универзитетите сè уште користат дискриминирачки наставни материјали кои ја опишуваат хомосексуалноста како ‘неприродна’, ‘нездрава’ и ‘заканувачка за опстанокот на човештвото’ “ (Трајановски, 2016), за жал, сè уште соодветно го ислустрираат контекстот во кој се едуцираат идните професионалци од сферата на помагачките дејности.

Драгана Дрндаревска од „Маргини“, во изјава за Радио МОФ, укажува дека употребата на неточни информации во учебниците значи повреда на правото на образование.

„Овие автори, членовите на рецензентските комисии, вработените во МОН, членовите на комисиите, сите одговорни за одобрување на учебниците земаат плата или хонорари од народни пари. Потоа исто така се трошат нашите пари за да се печатат тие небулози, да се предаваат, а учениците имаат обврска да совладаат неточни информации“.

Тасевски е дециден: трансфобија во високото образование има.

„Секако дека постои трансфобијата во високото образование, бидејќи ние ја гледаме и во институциите и на улица. Дискриминацијата е присутна насекаде околу нас, а пример за тоа беше и учебникот на Институтот за психологија на Филозофски факултет за кој со години се дискутираше на кој начин да се реагира за да се отстрани таа содржина, која ја имаше напишано сега веќе пензиониран професор. Знаете, кај нас постои многу мало познавање за тоа што претставува дискриминацијата, не само помеѓу народот, туку и во самите институции кои треба да се борат со насилство и дискриминација. Имаше период во кој се дискутираше дали личноста која го напишала дискриминаторскиот дел во учебникот има право на тоа поради тоа што е професор. Замислете колку ни е сè уште нејасно што претставува дискриминацијата. И секако, ние сме систем во кој често за некоја грешка или пропуст, одговорноста се префрла на некој друг и никаде не се утврдува вина“, вели тој.

Декларативност наспроти реални мерки

Генералниот секретар на УКИМ, м-р Марија Маневска, на прашањето како Универзитетот практично ги штити правата на маргинализираните сексуални заедници, вклучувајќи ги трансродовите лица, вели дека досега немале пријава, претставка и слично по тој основ и укажа дека УКИМ има студентски правобранител, како и студентски правобранители на секоја единица на Универзитетот (факултет, научен институт), упатувајќи и на Етичкиот кодекс на УКИМ . Разговаравме и за тоа дали е спроведен некаков тип на обука за сензитивизација (за маргинализираните сексуални заедници) на вработените во УКИМ, на што м-р Маневска одговори дека не е спроведена обука и дека немаат добиено покана за таква обука.

„Ако во иднина добиеме, секако ќе се потрудиме наши вработени да посетат таква обука“, вели Маневска.

На прашањето дали досега имале реакции поврзани со трансфобија, во поглед на учебните материјали или секојдневните интеракции, Маневска информира дека имале, од Народниот правобранител, и „затоа веднаш е интервенирано во Правилникот за издавачка дејност на УКИМ“.

Од Универзитет Американ Колеџ Скопје велат дека Универзитетот е отворен кон сите студенти, без разлика на нивната припадност, и дека е „длабоко посветен на креирање безбедна средина во која секој може да расте и да се развива“.

„Нашите професори се грижат за создавање услови за учење и работа во кои секој студент може да се чувствува сигурно и прифатено. Секаква дискриминација, без разлика на која основа, се санкционира со цел да им се овозможи на сите студенти еднаков пристап до знаење и вештини. Овие вредности се дел од Етичкиот кодекс на Универзитетот, и се едни од најзначајните начела што се почитуваат и применуваат во текот на образовниот процес. Во рамки на Универзитетот функционира и служба за психолошка и правна консултација и поддршка, која се грижи за правата на сите студенти, меѓу нив и на трансродовите лица, со цел да им обезбеди безбедно и непречено студирање. Во текот на нашето постоење не сме имале случаи на дискриминација по основ на родова определба или трансфобија, и сите припадници на ЛГБТИ+ заедницата, и секако, трансродовите студенти на УАКС, се соочиле со прифаќање, поддршка и помош при какви било прашања и интеракции.“

Невладината Коалиција Маргини заедно со Мрежата за заштита од дискриминација согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација  поднесоа тужба за утврдување на дискриминација во учебникот „Основи на персонологија 2“ од проф. д-р Благоја Јанаков, што се користи во наставната програма на Филозофскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Разговарав со Наташа Бошкова, правник во Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, за тоа во која фаза е постапката.

„Постапката за заштита од дискриминација е во тек пред граѓанскиот суд во Скопје. Сé уште е фазата на подготовка, а во постапката изразија интерес да се замешаат (вклучат) организации кои се дел од Мрежата за заштита од дискриминација и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Ова е една од неколкуте тековни постапки по поднесена тужба од јавен интерес, можност што ја дава новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација. Со оглед дека немаме пракса за вакви постапки, исходот на истата ќе биде важен не само за тужителите и елиминирањето на дискриминацијата во образованието, туку воопшто во развивање на правна пракса за спречување и заштита од дискриминација на поголем број луѓе во нашето општество“, вели Бошкова.

Разговаравме и дали е запознаена со тековни постапки по основа на дискриминација на трансродово лице и каде најчесто „заглавуваат“ ваквите случаи.

„Не сум запознаена за судска постапка за заштита од дискриминација врз основ на родовиот идентитет, но знам дека има завршени и тековни случаи пред КСЗД. Имено, новиот состав на Комисијата кој започна со работа на почетокот на годината покажува поголема ефикасност во однос на времето и начинот на водење на постапките, па најчесто тие одлучуваат во законскиот рок и веќе имаме одлука со која е утврдена дискриминација врз основа на родов идентитет од страна на аптека. Во тек е друг случај во однос на дискриминација врз основа на родов идентитет во областа на работните односи, во кој КСЗД сé уште постапува. Во однос на судските постапки за заштита од дискриминација, генерално, не се почитува принципот на итност, па често првостепените постапки траат по подолго од една година.“

Во насока на помош за трансродовите лица во високото образование (за студенти и за вработени), Тасевски, кој наедно е извршен директор на Здружението за сексуални и родови малцинства Субверзивен фронт, вели:

„Конечно имаме формирано квалитетна комисија за спречување и заштита од дискриминација, после години поминати во само формално постоење на претходните состави на комисиите. Имаме закон кој е дополнет, и секој човек, без разлика дали е студент или некој кој трпи дискриминација на работното место, може да ја пријави дискриминацијата, или да се обрати во Субверзивен фронт, доколку не е сигурен дали да пријави, или не е сигурен дали тоа што му се случува е вознемирување или дискриминација, или можеби не е.“

Сензитивизацијата како мерка за превенција

Трансфобијата, колку и да е нечујна, е присутна во образовниот систем и на највисоко ниво, што укажува на итна потреба од сензитивизација и превенција, како и правна и психолошка помош за засегнатите студенти, но и вработени.

Во дискусијата за нивниот труд, Кениг и Николовска нагласуваат дека „земајќи ги предвид наодите, тешко е да се донесе друг заклучок освен дека високото образование несоодветно го адресирало овој проблем досега. За среќа, искуството во други средини покажува дека подобрувањето на информираноста, заедно со преземање други стратегии, како работа на обезбедување контакт со позитивен исход, зголемување на емпатичноста, информираноста и слично, може да ја намалат хомофобичноста и трансфобичноста. Универзитетот е должен што побргу да ја преземе одговорноста не само за ревизија на курикулумите и содржините од аспект на тоа како се третираат сексуалните малцинства и какви се пораките околу диверзитетите, туку и да обезбеди интервентни мерки во насока на ресоцијализација на студентите кои се во моментот затекнати во наставниот процес, спроведувани од страна на наставен кадар кој може да биде модел за емпатичност и разбирање за сексуалните малцинства. Според овие конкретни наоди, ефектите од таквите интервенции би биле поголеми доколку фокусот се насочи кон контекстуализација на овие појави во рамки на платформата за човекови права и потребата од инклузија и еднаков третман на сите луѓе, со посебен осврт на улогата на религиозните уверувања. Исто така, наодите би требало да бидат аларм и за коморите и здруженијата на овие дејности, во смисла на преземање мерки за будно следење на работата на професионалците и овозможување нивна доквалификација и доедукација од аспект на стручно и етичко работење со сексуалните малцинства.“

Во поглед на тоа дали во рамките на образовната институција УКИМ функционира психолошка или правна служба која би можела да одговори соодветно во случај на пријава за дискриминација кон трансродово лице, без разлика дали станува збор за вработен или студент, м-р Маневска рече:

„Немаме психолошка ниту правна служба на УКИМ - Ректорат. Ректоратот подолго време функционира без правна служба. Доколку добиеме согласности за вработување од надлежните министерства, ќе имаме предвид едно лице да се специјализира за оваа проблематика.“

На прашањето кои се правните мерки што им се на располагање на трансродовите лица во случај на дискриминација, поконкретно, на трансродови лица кои се дискриминирани од позиција на студент и од позиција на вработени во установа за високо образование, Бошкова од „Маргини“ објаснува:

„Механизмите за заштита од дискриминација овозможуваат судска заштита како најефикасен, но истовремено најдолг и најскап начин на заштита од дискриминација. Трансродовите луѓе можат да побараат заштита и пред КСЗД и Народниот правобранител, кога станува збор за заштита од дискриминација во образованието. Овие се механизми што им се достапни и на студентите и на вработените во установите во високото образование. Она што според мене недостасува е ефикасен механизам за превенција и заштита од дискриминација на самите Универзитети. Тоа подразбира законска можност за спречување на дискриминаторско постапување, отстранување на спорна дискриминаторска содржина во наставните програми и истовремено промоција на современи научно засновани информации преку кои студентите ќе добијат  објективни податоци во сообразност со актуелните дискусии во светот“.

За тоа колку недостига сензитивизација за транс лицата во Македонија воопшто, со акцент на високото образование, Бошкова смета дека отсуството на содржини во високото образование кои ја претставуваат современата научна мисла во однос на родовиот идентитет, специфичните потреби и предизвиците на трансродовите луѓе, ја зголемува или ја одржува социјалната дистанца кон транс луѓето.

„Сведоци сме на содржини кои ги отсликуваат транс луѓето како девијантна појава што е закана за општествениот поредок, помалку вредни од другите и слично. Ова е наративот (доколку воопшто е присутна информација за транс луѓе) и во наставните материјали што се употребуваат и во пониските степени на образование, а истиот е репородуциран низ медиумските дискурси што постојано се повторува и ги зајакнува стереотипите, стигмата и дискриминацијата кон транс луѓето. Затоа е исклучително важно да се отстранат спорните содржини и да се заменат, а таму каде што недостасуваат да се дополнат со, со современи научни информации за родот, родовиот идентитет и родовите малцинства“, вели таа.

М-р Тасевски, пак, укажува дека имаме еден поразителен факт, а тоа е дека бројот на трансродови луѓе и општо ЛГБТИ+ луѓе во високото образование, е помал отколку што би бил кога системот не би им ги ускратувал нивните права.

„Зошто е тоа така? Оние деца во основно и средно образование, кои ќе бидат етикетирани како поразлични или како ЛГБТИ, се често мета на булинг од соучениците и дискриминаторски однос од страна на училиштето, кое не реагира за да го спречи булингот или да се справи со него. Овие деца едвај чекаат да излезат од агонијата наречена образовен систем, во која се принудени секојдневно да бидат вознемирувани и да трпат насилство без никој да ги заштити. Помал број од овие деца ќе најдат снаги, за да се изложат на можно насилство во следната скала на образование и со тоа да продолжат во високото образование. Па, одговор на прашањето колку недостига сензибилизација? Многу. Онолку колку што му недостига на целиот систем, толку недостига и конкретно во високото образование.“

Разговаравме со Тасевски и за тоа колку психотерапевти/психолози/психијатри обучени за работа со трансродови лица има во земјава.

„Па јас не би зборувал за бројка, меѓутоа би препорачал трансродовите луѓе и општо ЛГБТИ+ луѓето да бидат внимателни при изборот на терапевт. Кај нас, до скоро, немавме официјална обука за работа со ЛГБТИ+ луѓе, ниту поспецифично за транс луѓе. Првата програма кај нас, ја направив јас, заедно со специфичниот дел за советување на линија подготвен од Вида Гаврилоска, и таа обука, кај нас за прв пат ја спроведовме на професионалци од областа на менталното здравје, пред да почне со работа Националната ЛГБТИ+ линија (075 24 11 24). Линијата ја отворивме со поддршка од Советот на Европа и МТСП, па оттаму започна и видливото вложување во менталното здравје кај ЛГБТИ+ луѓето. Со оглед на сè уште присутната дискриминација кон ЛГБТИ+ луѓето и во самите советувалишта, јас би им препорачал на сите ЛГБТИ+ луѓе, за препорака за психотерапевт, да се јават погоре на бројот на линијата, или во првото специјализирано бесплатно советувалиште за ЛГБТИ+ луѓе – Скопски квир центар (075 31 41 23), кое го отворивме оваа година. Во рамки на Комората на психолози, имаме и тело за Сексуални и родови малцинства, преку кое ќе ја отвораме оваа тема помеѓу професионалците. Во меѓувреме, сите ЛГБТИ+ луѓе, можат да нè контактираат за препорака или бесплатно покривање на психотерапија со терапевти обучени за ЛГБТИ+ психотерапија“, информира тој и додава дека кај нас, недостига стручна литература на повеќе теми, вклучувајќи и материјали како прирачник за работа со трансродови лица.

„Јас во Субверзивен фронт подготвив прирачник Психотерапија со луѓе што живеат со ХИВ, и го промовиравме пред еден месец. Заедно со транс група подготвивме брошура за важноста на менталното здравје кај транс заедницата, а менталното здравје продолжува да биде мој личен фокус, и фокус на работата на Субверзивен фронт. Збогатувањето на стручната литература поврзана со менталното здравје, ќе им помогне на колегите кои работат советување и психотерапија. Вложувањето во менталното здравје на ЛГБТИ+ луѓето е важно, бидејќи иако истражувањата зборуваат за поголем ризик од проблеми со менталното здравје кои се резултат на притисокот од општеството, досега, многу малку се зборуваше за ментално здравје на ЛГБТИ+ луѓето. Па затоа, главниот фокус на Субверзивен фронт е токму тоа. Отворањето на Националната линија, советувалиштето, и започнување со вложување во стручната литература е почеток на нашите планови во ова поле“, заокружува Тасевски.

реклама

Три уреди во домот што никогаш не треба да се исклучуваат од струја

Read more

Научници открија која храна го зголемува ризикот од рак

Read more

Полната Месечина во Скорпија на 24 април ќе направи хаос

Read more

Посипете маслиново масло врз ловоров лист и ќе се изненадите колку е моќен

Read more

Теми и коментари

Ден на планетата Земја: Како со нашите модни избори гласаме за иднината?

Read more

Зошто смртната казна нема да спречи свирепи убиства?

Read more

Зошто театарот ни е потребен повеќе од кога било?

Read more

Моќта на гласачкото ливче: 5 причини зошто треба да гласате

Read more
 

Ново

  • play_arrow

Одзивот до 13 часот е 26,35 отсто – најмногу гласале во Новаци, а наЈмалку во Врапчиште

Читај повеќе

ОЈО Делчево истражува обид за изборен поткуп со бесплатно вградување водомери

Читај повеќе

Приведен охриѓанец кој го фотографирал гласачкото ливче

Читај повеќе

Храна што го намалува ризикот од дијабетес, рак и деменција

Читај повеќе

Северот на Европа е под силен руски притисок, истокот крвари, а една земја плаќа висока цена

Читај повеќе

Штипјанец и скопјанка ги фотографирале гласачките ливчиња, димна бомба на гласачко место во Скопје

Читај повеќе

Дали судот ќе одлучува за фантомскиот гол на Јамал?

Читај повеќе

Скокнаа цените на нафтата, остар пад на доларот

Читај повеќе

На 12,78 отсто се искачи одзивот до 11 часот, најголем во Демир Капија 23,99 отсто

Читај повеќе