Легендарниот Mercedes 230 SL денеска слави 60-ти роденден
W113 Pagoda беше пресвртница за Mercedes-Benz во однос на безбедноста.
Наследникот на легендарните 300 SL и 190 SL беше претставен во март 1963 година.
Тоа беше моделот што ја продолжи традицијата на Mercedes на спортски автомобили и го отвори патот за серијата W113, која траеше до 1971 година.
Иако се базираше на неговите претходници, ова беше исклучително значаен модел, особено во однос на безбедноста.
Развиен на 30 см скратената основа на моделот W111, имаше дополнително засилена конструкција, а беше и првиот спортски автомобил со јасно дефинирана патничка кабина, со посебни зони на деформација пред и зад патничкиот простор.
W113 имаше задни диск сопирачки од 1967 година и беше единствениот спортски автомобил од 60-тите со суспензија поставена доволно удобно за да биде сакан од возачите ширум светот.
Двоседот 230 SL го дизајнираше Фридрих Гајгер, додека за заоблениот покрив се погрижи Пол Брак. Токму покривот е „виновен“ за прекарот Pagoda, по кој овој автомобил и денес е познат.
Беа произведени вкупно 48.912 примероци од 230 SL, а во тој период беа понудени три мотори.
Најуспешен беше Mercedes 280 SL, кој имаше праволиниски шестцилиндричен M130 од 2,8 литри, со 170 КС. Овој автомобил забрзуваше до 100 км/час за 9 секунди и развиваше до 200 км/час.
Да ги споменеме и успесите во мотоспортот, особено релито Спа-Софија-Лиеж од 5.000 км, кое го освоија Еуген Борингер и Клаус Кајсе во 1963 година, а една година подоцна беа трети.
Моделот 230 SL денес се смета за вистинска класика на Mercedes. Одлично сочуваните примероци достигнуваат цена од 128.000 евра, односно 156.000 евра за 280 SL.