На судењето за убиството на Џорџ Флојд, лекарите се обидоа со анатомски дијаграми да докажат дека тој починал поради притисокот на вратот од коленото на полицаецот Дерек Шовен, а не поради предозирање со фентанил.
Д-р Мартин Тобин од единицата за интензивна нега во болницата во Чикаго, пред поротата рече дека Флојд починал „од недостиг на кислород“ предизвикан од притисокот врз вратот и грбот.
Снимката од последните моменти од животот на Флојд минатиот мај предизвика глобални протести против расната нееднаквост и полициската бруталност.
Поротниците, следејќи ги упатствата на Тобин, си ги допираа вратовите, слушајќи лекции по анатомија од лекарот.
Секое „здраво лице“ би го изгубило животот во такви услови, рече Тобин, согласувајќи се со заклучоците на локалниот медицински експерт дека смртта на Флојд е резултат на полициската бруталност.
Извештајот на судскиот вештак покажа дека имало фентанил во крвта на Флојд, но на ниво детектирано во примероците земени од луѓе приведени за возење под дејство на наркотици.
Форензичкиот патолог Вилијам Смок пред поротата рече дека Флојд починал од „позициска асфиксија“ поради притисокот, „односно затоа што немал повеќе кислород во телото“.
На видеото од апсењето на Флојд се гледа како Дерек Шовен го држи притиснат Флојд со колено повеќе од девет минути додека 46-годишниот Афроамериканец повторува дека не може да дише.
Шовен не е прогласен за виновен за убиство.
Сите тројца лекари повикани од обвинителите посочија на различни моменти од видеото што ја поткопува одбраната на Шовен.
Тобин им укажа на членовите на поротата да ги следат вдишувањата на Флојд на снимката, нагласувајќи дека нивниот број не се намалува додека не се онесвести.
Предозирање со фентанил, пак, се карактеризира со брзо дишење, рече лекарот.
Сведочењето на лекар повикано од Ерик Нелсон, адвокатот на Шовен, се очекува следната недела.