Де факто добитникот на Златната топка, а всушност втор зад Меси, проговори за големото разочарување кое втора година по ред го доживува.
Роберт Левандовски втора година по ред ја заслужи Златната топка повеќе од било кој, но повторно не ја доби. Ако лани France Football ја откажа наградата правдајќи се со пандемијата, годинава благодарение на крајно скандалозното гласање (меѓу кои и македонските гласови) полскиот голгетер заврши втор.
Тој не крие дека е разочаран од ваквиот развој на настаните, а тоа што во очите на фудбалските вљубеници ширум светот е де факто победник не може да го надомести признанието кое не го доби.
„Тажен сум, не можам да го негирам тоа“, вели тој за полскиот Kanał Sportowy.
Утеха бара во тоа дека толку силно се натпреварувал со еден великан како Меси, кој гласовите очигледно ги доби на стара слава.
„Не можам да кажам дека бев среќен, напротив. Чувствувам тага. Да се биде толку блиску, да се натпреварувам со Меси, секако дека имам почит за тоа како игра и што има постигнато. Фактот дека бев способен да се натпреварувам со него ми го покажува нивото кое сум го достигнал“, додава Левандовски.
Меси во својот говор по примањето на Топката рече дека France Football требало да му ја даде наградата за минатата 2020 година, но медиумот врати дека немало гласање и затоа тоа не може да се случи. И Левандовски не верува дека правдата на било каков начин ќе биде исправена.
„Не сум баш ентузијаст за наградата од 2020. Би сакал говорот да му беше искрен и љубезен, доаѓајќи од голем фудбалер, а не само празни зборови“, заврши тој.