Во Баранув, 40 километри југозападно од Варшава, започнува реализацијата на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на Полска - изградбата на аеродромот „Централно транспортно пристаниште“ (CPK - Centralny Port Komunikacyjny), кој ќе ги поврзе воздушниот, железничкиот и транспортниот систем, ќе создаде стотици илјади работни места и драстично ќе ја подобри економијата на регионот.
Полска е на добар пат да изгради еден од најголемите транспортни центри во Европа - „Централното транспортно пристаниште“ (CPK), кое ќе се наоѓа 40 километри југозападно од Варшава, во Општината Баранув до селото Станисуавув.
Овој амбициозен проект, вреден околу 34 милијарди евра, вклучува изградба на нов меѓународен аеродром, модернизација на железничката инфраструктура и развој на транспортни врски, што ја прави Полска клучна точка во европската транспортна мрежа.
Терминалот на аеродромот CPK е дизајниран од британските архитекти Foster + Partners во соработка со Buro Happold, исто така британска фирма, за градежништво.
Првичниот капацитет на аеродромот ќе биде 34 милиони патници годишно, со планирано зголемување на 65 милиони до 2060 година.
Проектот предвидува 4 писти, а аеродромот ќе биде поврзан со нов железнички центар и брзи транспортни врски.
CPK ќе биде интегриран во нов систем на брзи железници, вклучувајќи 10 главни коридори што ќе ги поврзуваат сите региони на Полска.
Брзите возови ќе сообраќаат со брзина од 320 км/ч, а почетната точка ќе биде новиот аеродром CPK. Патувањето од CPK до поголемите полски градови ќе трае максимум 2,5 часа, додека планирани се и меѓународни врски со Чешка, Литванија и Латвија преку Rail Baltica.
Овој проект ќе создаде околу 150.000 работни места и значително ќе придонесе за економскиот развој на регионот.
Иако првично предизвика политички контроверзии, сегашната влада на премиерот Доналд Туск одлучи да продолжи со проектот, со одредени прилагодувања во споредба со претходните планови.
Според моменталните планови, изградбата на CPK треба да започне во 2026 година, а аеродромот треба да биде оперативен до 2032 година. Овој проект претставува најголем инфраструктурен зафат во историјата на Полска.