Иако светот во последниве недели зборува за Ормускиот Проток, малкумина всушност знаат како изгледа. И покрај својата стратешка улога, овој тесен морски премин крие извонредна природна убавина што останува во сенка на политичките настани.
Сместен помеѓу Персискиот Залив и Оманското Море, Ормускиот Проток е клучен енергетски транспортен пат, низ кој минуваат околу 20% од светските пратки со нафта.
Спротивно на перцепцијата за индустриска и сообраќајна зона, Ормускиот Проток се карактеризира со недопрени природни пејзажи. Областа е богата со драматични фјордови, смарагдно зелени мориња и разновиден морски свет, вклучувајќи делфини.
Стрмните карпи и тесните заливи нудат спектакуларни погледи, особено во областа на полуостровот Мусандам во Оман, која често се споредува со норвешките предели поради нејзината сурова крајбрежна линија и планински терен.
Иако е една од најпрометните и најчувствителните поморски рути, Ормутскиот Проток има и туристички потенцијал.
Пред сегашните ограничувања, посетителите можеа да ја истражуваат областа во традиционални дрвени чамци (dhow) уживајќи во панорамски погледи, корални гребени и зајдисонца.
На снимките објавени на интернет може да се видат делфини како пливаат покрај бродови, а нуркачите скокаат во карпести заливи за да ги истражат водите полни со корали.
Заливот го вклучува и островот Ормуз, познат по своите шарени планини и надреални црвени плажи.
Островот е дом и на необичната резиденција Маџара, составена од 200 шарени куполи со различни големини и форми, изградени со учество на локалното население на островот, користејќи ја техниката на градење во облик на вреќи со песок. Куполите, од кои некои се меѓусебно поврзани, содржат и сместувачки капацитети и јавни објекти како што се ресторани и кафулиња.
Исто така, тука е и иранскиот остров Кешм, но и островот Ларак, околу кој се наоѓа една од најразновидните области на корални гребени околу Персискиот Залив.