„Руските црни вдовици“ преку интернет бараат мажи, а потоа си ја исполнуваат целта – добиваат пари.
Во Русија се појави изненадувачки и контроверзен тренд во кој жени намерно влегуваат во брак со војници кои се испраќаат на фронтот, надевајќи се на големи отштети кои се исплаќаат по нивната смрт.
Т.н. „црни вдовици“ ги бараат своите идни сопрузи преку интернет, додека се отсутни од фронтот или на окупираните територии, а совети и искуства разменуваат преку онлајн мрежи.
Како што известува Wyborcza.pl, жените добиваат огромни суми по смртта на сопругот – дури и до 13 милиони рубљи (околу 140.000 евра), плус семејна пензија. На интернет можат да се најдат огласи што отворено ги поттикнуваат ваквите врски:
„Дали си слободна и сонуваш да бидеш сакана жена или сопруга на војник? Можеби си војник што бара љубов и сериозна врска, но нема време за излегувања? Тогаш јави ни се!“
Руските блогови наведуваат дека некои жени на овој начин станале вдовици веќе и по три пати.
Во исто време, руската пропаганда ја промовира сликата на „жена херој“, прикажувајќи расплакани вдовици на средби со Путин или други политичари. Сепак, на мрежите се појавуваат предупредувања дека некои од тие жени можеби не делуваат само од финансиски причини, туку и за шпионски цели.
Еден од примерите за краен цинизам е и изјавата на агентка за недвижности од Томск, која советувала:
„Тоа е лесно и едноставно. Најди тип што оди во војна. Тој ќе загине, а ти добиваш осум милиони рубљи (повеќе од 85.000 евра). Денес тоа го прават многу девојки.“
Иако брзо го избришала видеото по бран осуди, сепак е казнета со општествено-корисна работа.