Случајот со замена на новороденчиња во болница во јужна Австрија беше разрешен дури по 35 години со ДНК тест.
Австриската телевизија ORF во понеделникот објави приказна за две жени кои се запознале неодамна, а и двете се родени во октомври 1990 година во Грац. Тие ги запознале и своите биолошки родители откако откриле дека биле заменети по раѓањето во породилиштето.
И двете биле предвреме родени, поради што по раѓањето биле сместени во инкубатори, а не во соби со своите мајки, пренесува весникот Kronen Zeitung.
Болницата ја потврди информацијата за замената за агенцијата dpa.
„Длабоко жалиме што тогаш се случила ваква грешка“, изјави директорката на болницата.
Една од жените пред повеќе години дознала дека не може да биде биолошко дете на парот кој ја одгледал, откако со донација на крв било утврдено дека има несоодветна крвна група со „родителите“.
Втората жена ја откри вистината дури пред неколку недели.
Иако имало болнички истраги и јавен повик во 2016 година, втората фамилија не била пронајдена. Втората жена дознала за својата крвна група за време на бременоста и сето тоа го поврзала со нерешениот случај на замена на бебиња во болницата во Грац, поради што решила да контактира со другата жена. ORF пренесе дека ДНК тестот на кој подлегнале потврдил нивна биолошка врска.
Една од жените кажала дека се чувствува како да има сестра веќе 35 години, а ова искуство го опишала како малку страшно, но сепак убаво.
Втората жена, која за забуната дознала пред повеќе години, нивниот состанок го опишала како неописливо добро чувство.