Зелен 'Рт напиша една од најубавите спортски приказни во последните години, квалификувајќи се за Светското првенство за прв пат во историјата.
Оваа мала островска нација во Атлантскиот Океан, со население од половина милион, постигна историски успех и стана една од најголемите сензации на квалификациите за Светското првенство. А, со сензација продолжи и на мундијалското деби откако одигра без голови против актуелниот европски шампион Шпанија.
Зелено'ртските Острови, односно Зелен 'Рт, како што на македонски официјално се викаат, се една од најинтересните островски нации на африканскиот континент. Станува збор за поранешна португалска колонија чиј народ зборува зелено'ртски креолски јазик, кој потекнува од португалскиот, а својата земја за нарекува Кабу Верди. Независност од Португалија изборила на 5 јули 1975 година.
Сместена во Атлантскиот Океан, на околу 620 километри од брегот на Сенегал, оваа земја го привлекува вниманието на своите посетители со прекрасните плажи, топлата клима и богатата култура.
Земјата се состои од десет поголеми острови од вулканско потекло, од кои секој има свои особености. Главниот град Праја се наоѓа на островот Сантјагу, кој е воедно и најнаселениот дел од земјата. Зелен 'Рт се познати по својата стабилна политичка ситуација и растечкиот туристички сектор, поради што многумина ја нарекуваат една од најуспешните африкански земји.
Островот Фогу е посебна туристичка атракција, дом на активниот вулкан Пику ду Фогу, највисокиот врв во земјата. Покрај вулканскиот пејзаж, посетителите можат да уживаат во долги песочни плажи, кристално чисти води и разни активности како што се сурфање, нуркање и едрење.
Културата на Зелен 'Рт е мешавина од африкански и европски влијанија. Традиционалната музика морна, донесена на глобалната публика од легендарната пејачка Сезариа Евора, се смета за еден од најважните симболи на националниот идентитет.
И покрај предизвиците како што се недостатокот на природни ресурси и ограничената свежа вода, Зелен 'Рт бележи значителен економски раст во последниве години. Туризмот, услужните индустрии и инвестициите од дијаспората се клучни двигатели на развојот на оваа островска нација.
@mayaharrisson Santo Antao, cabo verde 🇨🇻 #caboverde#santoantao#capvert#africa#afrique#travel#exploremore#travelers#beach#outdoors#tiktoktravel#pourtoi#foryou#fy#pt#landing#nature#earth#airplane#bestdestinations#vlog#blog#influencer ♬ Nha Terra - Soraia Ramos
Благодарение на својата единствена мешавина од природни убавини, културно наследство и гостопримливи луѓе, Зелен 'Рт е сè повеќе на листата на посакувани туристички дестинации за патници од целиот свет.