Модниот дизајнер Мите Занов триумфално одбележа една деценија креативна извонредност со својот бренд Zanov, славејќи десет години визионерска мода преку импресивната колекција „Echoes“. Оваа колекција го отелотворува патувањето на дизајнерот - одразувајќи зрелост, слобода и автентичен креативен дух со секој детаљ.
Мите Занов со својата колекција Echoes прослави десетгодишен јубилеј на својот моден бренд Zanov, со создавање на вистински моден спектакл кој ја симболизира неговата креативна патека и достигнувања. Колекцијата е инспирирана од долгогодишното модно патување на Занов, од првите скици па до моментите кои го обликувале карактерот на брендот. Токму ова патување, поминато со зрелост, слобода и смелост да се создава автентично, е срцето на „Echoes“.
Визуелниот израз на колекцијата беше беспрекорно оживеан на ревијата одржана во фоајето на Националната опера и балет. Секоја креација со својот дизајн и карактер во комбинација со внимателна игра со светлото и просторот, поттикна ритам и динамика што донесе целосна синергија помеѓу гардеробата и сценскиот амбиент. Чистите и строги линии, кружните форми кои метафорично ги симболизираат ехоата создадоа визуелна симфонија која во совршена хармонија со музиката создаде незаборавен естетски ефект.
Од аспект на квалитет, колекцијата е пример за мајсторство и прецизност. Изработката е совршена, секој шев и детал говори за длабока посветеност на занаетот. Јасната и силна дизајнерска визија на Мите Занов ја прави колекцијата различна и препознатлива. Ова не е само мода – туку уметнички израз, модерна поезија во форма на облека, која рефлектира инспирација и искуство преку десет години на несомнени креативни достигнувања.
Материјалите употребени во изработката на јубилејната колекција беа исклучителна комбинација од природни ткаенини како што се структуриран памук, кепер, еко кожа и штоф, во совршена хармонија со игра и текстури од тул и метал. Рачно обработените детали додаваат движење, стуктура и елеганција, кои ја нагласуваат длабочината на секој дизајн. Палетата на бои во колекцијата е инспиративна и смела: неутрални тонови во контраст со силни, како црна и бела – симболи на контрастот, додека јарката црвена боја го носи набојот на страста, моќта и љубовта.
Како што Мите Занов сам истакнува, овој проект не би бил возможно да се реализира без поддршката на цел еден тим од посветени професионалци и драги пријатели. Особено е благодарен на Social Hair Salon кои се погрижија за беспрекорните фризури на моделите, како и на Kosic studio за совршената шминка. За комплетниот изглед, чевлите на Viktor Chevignon додадоа посебна доза на стил, а тимот на модната агенција Models In одговорно ги водеше сите модели, девојки и момци. Во поддршката на брендот важна улога има и маркетинг агенцијата iOlite Hub, како и неговите блиски луѓе кои безрезервно се вклучија во проектот - Дамјан Бајовски, Јана Бурческа, Димитар Бабков, Тони Петрушевски, Марија Добревска, Виктор Стојкоски. Особена благодарност упати кон волонтерите од Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, како и своите асистентки Ангела и Невита кои и покрај младоста покажаа професионалност во исполнувањето на своите задачи и со тоа ја надополнија успешната реализација на овој проект.
Овој јубилеј не е само лична победа за Занов, туку и значаен момент за македонската модна сцена, кој ја афирмира земјата како дом на модна иновација и уметничка храброст. Со „Echoes“, Мите Занов постави нови стандарди за квалитет, содржина и естетика, и воедно ја потврди својата улога како еден од најистакнатите дизајнери во регионот.
Занов заслужува највисоки пофалби за беспрекорната организација од секој аспект – од креациите, музиката, светлосните ефекти до играта со просторот. Секој сегмент е внимателно усогласен за да создаде уникатно доживување кое го одразува духот на брендот. „Echoes“ одекнува како симбол на зрелост, иновација и визионерство, а Мите Занов како дизајнер ја поставува културната и стилската сцена на едно ново ниво на успешност и инспирација.
Фото: iOLite Hub