ЏАН – модната магија на Ирина Тошева што ги спојува традицијата и современоста

АЛЕКСАНДРА СПАСЕСКА
/ 24.11.2025 / 12:22

Тошева секогаш знаела да го почувствува пулсот на модерно Скопје, а со оваа колекција ѕирна во прадушата на старите мајстори и создаде креации што го носат нивниот ген на современ начин. Дизајнерка која ги препознава тектонските движења што ги прават големите промени и креативец кој ја цени вредноста во другите.

Модерниот простор на Innox Innovation Center беше сцената на која дизајнерката Ирина Тошева ја претстави нејзината најнова колекција ЏАН, нудејќи едно поразлично доживување на модата преку спојот со хорска музика во живо. Женскиот младински хор на МКЦ ја изведе песната „Тишина“ од Тони Зен, чиј стих „лесно е да направиш галама, да те видам направи тишина“ создаде силен драматуршки момент додека моделите дефилираа низ публиката.

Колекцијата ЏАН претставува современа интерпретација на ала турка - традиционална ориентална облека што се носела во Македонија во XIX век. Тошева ги зема за инспирација богатите силуети, рачната изработка и украсните детали како срма, гајтани и фини ткаенини, и со пиетет кон старите мајстори го интерпретира ова културно богатство во еден современ, одржлив моден јазик.

Имајќи ја секогаш одржливоста во преден план, дизајнерката користи дигитални кроеви без отпад, еколошки материјали и соработува со локални занаетчии и во создавањето на оваа колекција во која секое парче е сведоштво на нејзината посветеност детално да го истражи предметот на нејзината фасцинација и да го создаде одново во современ контекст. Срмените гајтани се претворија во модерни пастелни дезени, а раскошниот волумен од шалварите Тошева игриво и досетливо го вметна во ракавите, истовремено оддавајќи почит на традицијата и создавајќи носливи уметнички дела.

Тошева секогаш знаела да го почувствува пулсот на модерно Скопје, а со оваа колекција ѕирна во прадушата на старите мајстори и создаде креации што го носат нивниот ген на современ начин. Дизајнерка која ги препознава тектонските движења што ги прават големите промени и креативец кој ја цени вредноста во другите.

„ЏАН ја третира традицијата како жив, динамичен организам, наследство што не се архивира, туку се оживува и адаптира за денешниот свет“, вели Тошева која преку модерни силуети, рачна изработка, плетење и ткаење со неконвенционални материјали создава мост меѓу минатото и иднината, истовремено нагласувајќи ја улогата на занаетите во современата мода и важноста на одржливиот пристап.

Деталите за глава беа изработени од пренаменета градинарска жица, чија грубост беше претворена во нежни, скулптурални форми од Елена Ристовска, вклучувајќи и корсет кој визуелно го надградува концептот на трансформација. Ткаените појаси, значаен елемент во традиционалната ала турка облека беа прикажани како современи појаси и уникатен топ, создадени во соработка со единственото ткајачко студио во земјава, „Народни носии“. Везот е рачно изработен со свилен конец од жените, дел од работилницата во КПУ Идризово.

Шминката и фризурата беа дело на новата генерација стилисти, учениците од „Димитар Влахов“, под менторство на професорката Ферихан Махмуд-Кека.

Колекцијата „Џан“ е дел од проектите од национален интерес во културата за 2025 година, поддржани од Министерството за култура и туризам. Настанот беше реализиран со поддршка на Турскиот културен центар Јунус Емре - Скопје. Официјален пијалок на настанот беше SAX.

Фотографии: Ѓорѓи Ристоски

реклама

Стил

Почина Пресли Гербер, синот на Синди Крафорд

Read more

„Фустанот за одмазда“ на принцезата Дијана ќе се продава на аукција

Read more

Ехо на традицијата: Модерна чанта инспирирана од мијачкото свадбарско знаме

Read more

Македонскиот дизајнер Никола Петровски одбележа 30 години творештво со ревија во Црна Гора

Read more

Магазин

Како да се одржат резултатите од губењето тежина на долг рок

Читај повеќе

Дали треба да вежбате кога имате воспаление на мускулите?

Читај повеќе

Алерголог советува што почесто треба да менувате во спалната соба

Читај повеќе

Како да направите традиционална крцкава туршија?

Читај повеќе

Од аеродром до центар за само 15 минути: Најдобрите градови за кратко есенско патување

Читај повеќе

Како Италијанците почнале да пијат кафе секој ден: Од еспресо до ритуал што трае над 100 години

Читај повеќе
  • filter

Дали балканските лидери се сликале со картонски Доналд Трамп во Њујорк?

Читај повеќе

Дали петок 13 ноември 2026 ќе биде „Судниот ден“?

Читај повеќе

Голем неделен хороскоп од 5 до 11 октомври

Читај повеќе