Како вечерањето доцна влијае на крвниот притисок?

За долгорочна регулација на крвниот притисок, поважно е што јадете, а не нужно кога. Иако доцната вечера може да влијае на вредностите на ноќниот крвен притисок бидејќи ги нарушува природните ритми на телото, научните истражувања сè уште не утврдиле кое би било идеалното време за последниот оброк во денот. Изборот на храна и целокупниот начин на живот, наместо повремените доцни оброци, веројатно имаат поголемо влијание врз крвниот притисок, пишува Verywell Health.

Влијанието на доцните оброци врз крвниот притисок

Доцните вечерни оброци се поврзани со зголемен ризик од висок крвен притисок, но тоа не значи дека се негова директна причина. Времето за вечера е само еден од факторите, бидејќи луѓето кои јадат доцна често имаат други животни навики кои влијаат на крвниот притисок, како што се неурамнотежена исхрана, хроничен стрес или консумирање алкохол.

Ова им отежнува на научниците да го изолираат единственото влијание на времето за јадење. Се претпоставува дека механизмите се поврзани со промени во телесниот ритам, задржување на натриум и квалитет на спиење, а истражувањата сè уште се обидуваат да го утврдат вистинскиот придонес на самото време за јадење кон покачен крвен притисок.

Нарушување на телесниот ритам

Човечкото тело функционира според 24-часовен циркадијален ритам кој ги хармонизира дневните активности и ноќниот одмор. Иако најчесто го поврзуваме со спиењето, овој внатрешен часовник, исто така, го регулира крвниот притисок, метаболизмот, функцијата на бубрезите и здравјето на срцето. 

Крвниот притисок е природно повисок во текот на денот кога сте будни и активни. За време на спиењето, тој се намалува за 10 до 20%, што е познато како „ноќен пад“, а повторно се зголемува кога ќе се разбудите.

Органите, исто така, ја прилагодуваат својата работа на времето од денот. На пример, бубрезите го обработуваат натриумот и течноста различно во текот на денот и ноќта, а дигестивниот систем ја обработува храната различно. 

Главниот сигнал за ритамот на телото е светлината, но тој е под влијание и на оброците и физичката активност. Ако јадете во време кое не е усогласено со внатрешниот часовник, овие процеси може да бидат нарушени.

Задржување на натриум во текот на ноќта

Бубрезите го регулираат крвниот притисок со филтрирање на вишокот натриум и вода од телото. Овој процес има свој дневен распоред - најефикасен е во текот на денот, додека се забавува ноќе. Ако јадете солен оброк доцна навечер, телото може да задржи натриум во текот на ноќта, што може да резултира со покачен крвен притисок до утрото.

Помала студија го анализирала ефектот од истиот оброк со висока содржина на натриум консумиран порано и подоцна во текот на денот. По доцниот оброк, учесниците задржале вишок сол, а нивниот систолен крвен притисок бил околу три поени повисок следниот ден. Сепак, доцната вечера не влијаела значително на вообичаеното ноќно намалување на крвниот притисок.

Полош квалитет на сон поради доцната вечера

Спиењето со полн стомак може да предизвика киселини и проблеми со варењето, што го попречува квалитетниот одмор. Лошиот сон може да ја зголеми активноста на хормоните на стрес и со тоа да има негативен ефект врз крвниот притисок. Ова значи дека доцната вечера влијае на крвниот притисок не само преку варењето, туку и индиректно, преку квалитетот на спиењето.

Предности од јадењето на вечерниот оброк порано

Некои истражувања сугерираат дека подолго време помеѓу вечерата и легнувањето на спиење може да биде корисно. Една студија покажа дека луѓето кои јаделе најмалку три часа пред спиење имале постабилен ноќен крвен притисок и поизразен пад на крвниот притисок за време на спиењето.

Друга студија покажа дека раното, временски ограничено јадење го подобрува крвниот притисок поефикасно од самото намалување на калориите, иако помалиот внес на калории веројатно придонел за резултатот.

Препораки за вечерни оброци

Научниците се согласуваат дека планирањето на оброците и временски ограниченото јадење покажуваат потенцијал, но сè уште нема доволно докази за да се даде универзална препорака за идеалното време за вечера.

Повременото доцнење на оброкот е малку веројатно да предизвика хронична хипертензија, но редовното јадење непосредно пред спиење е поврзано со повисок крвен притисок и други кардиоваскуларни ризици. Научниците сè уште истражуваат дали времето на оброкот е директна причина.

Ако често јадете доцна, обидете се да вечерате околу три часа пред спиење, секогаш кога вашиот распоред дозволува. Ако сепак мора да јадете подоцна, изберете помал и полесен оброк со помалку натриум и додадени шеќери.

Клучни фактори за регулирање на притисокот

Иако времето на оброкот може да има одредено влијание, постојните упатства за регулирање на крвниот притисок се базираат на навики со посилни научни докази. Се препорачува да се намали внесот на натриум на помалку од 2300 милиграми дневно, а идеално под 1500 милиграми. Дополнително, се препорачува здрава исхрана за срцето, која вклучува посно месо, овошје, зеленчук, интегрални житарки и млечни производи со ниска содржина на маснотии.

Справувањето со стресот преку вежби за дишење или медитација и одржувањето на здрава телесна тежина исто така играат важна улога, каде што губењето од само пет проценти од масата може да донесе подобрување. Исто така, се препорачува да се намали или избегне алкохолот и да се стремите кон најмалку 150 минути умерена физичка активност неделно, што вклучува вежби за сила.

реклама

Здравје

„Тешко е да се живее со депресија“ – пациентите од Клиниката за психијатрија со пораки до јавноста

Read more

Дали јадењето моркови навистина може да ѝ даде сјај на кожата?

Read more

Како намалувањето на внесот на кофеин влијае на телото?

Read more

Како зелениот лиснат зеленчук влијае на дејството на одредени лекови?

Read more

Магазин

10.10 е магичен датум за три хороскопски знаци 

Читај повеќе

Рецепт за највкусната салата од зелка

Читај повеќе

„Тешко е да се живее со депресија“ – пациентите од Клиниката за психијатрија со пораки до јавноста

Читај повеќе

Дали јадењето моркови навистина може да ѝ даде сјај на кожата?

Читај повеќе

Како намалувањето на внесот на кофеин влијае на телото?

Читај повеќе

Како да ја одвикнете мачката од гребење на мебелот: Неколку хумани и ефикасни методи

Читај повеќе

Кој стил на флерт најдобро функционира? Истражувањата откриваат што навистина ги привлекува мажите и жените

Читај повеќе

Најлесниот начин да ги организирате полиците за книги во вашиот дом

Читај повеќе

Грашок на бугарски начин: Додадете јајце, готов е за 15 минути

Читај повеќе