Прекумерната употреба на парацетамол и ибупрофен може да придонесе за развој на бактерии отпорни на антибиотици, предупредуваат научниците. Ова го зголемува ризикот од сериозна здравствена криза, според авторите на нова студија објавена во научното списание Nature Antimicrobials and Resistance.
Научниците од Универзитетот во Јужна Австралија откриле дека вообичаените лекови против болки - парацетамол (ацетаминофен) и ибупрофен - можат да ја зголемат антимикробната отпорност. Тие го опишаа феноменот како „глобална закана за јавното здравје“.
Студијата наведува дека комбинацијата на овие лекови со антибиотикот ципрофлоксацин не само што го зголемува бројот на мутации кај бактериите, туку и го поттикнува развојот на отпорност на повеќе видови антибиотици.
Авторите ги предупредуваат лекарите и пациентите внимателно да ги проценат ризиците од комбинирање на различни лекови, особено кога се користат долгорочно. Тие предупредуваат дека парацетамолот и ибупрофенот, кога ги земаат пациенти кои се лекуваат од бактериски инфекции како што е Escherichia coli, можат да предизвикаат мутации кои им помагаат на бактериите да станат многу отпорни на терапија.
Откритието би можело да има сериозни последици по здравјето, а особено е загрижувачки што жителите на домовите за стари и болни лица се најранливи, бидејќи честопати земаат повеќе лекови истовремено.
„Антибиотиците долго време играат клучна улога во борбата против заразните болести. Но, нивната честа и несоодветна употреба доведе до глобално зголемување на бактериите отпорни на антибиотици“, рече коавторката на студијата Рити Вентер.