За Италијанците, кафето не е само пијалак што ги буди, туку мал дневен ритуал со свои правила, места и обичаи. Од првите машини за еспресо на почетокот на ХХ век до денешното брзо кафе во баровите, кафето станало еден од симболите на италијанскиот начин на живот - и индустрија што сега поврзува милиони луѓе низ целиот свет.
Н 1 октомври се одбелеа Меѓународниот ден на кафето, а малку се земјите во кои овој пијалак имаат толку голема улога како во Италија. За милиони Италијанци, кафето не е само утрински пијалак, туку дел од нивниот секојдневен ритуал, култура и дружење.
Според анкетата на агенцијата AstraRicerche, дури 95,6% од Италијанците на возраст меѓу 18 и 60 години пијат кафе секој ден. Околу 60% од нив пијат две до три шолји дневно, додека речиси една четвртина пијат најмалку четири. Утринското кафе е особено важно, за повеќе од 80% од анкетираните тоа е дел од нивната секојдневна рутина на будење.
Историјата на италијанското еспресо започнува на почетокот на ХХ век. Во 1901 година, Луиџи Бецера патентирал систем кој користел пареа и притисок за побрзо да го направи кафето. Неколку години подоцна, во 1905 година, Дезидерио Павони ја основал компанијата La Pavoni, која произведувала апарати за кафе за во баровите.
Првите модели можеле да подготват голем број шолји за кратко време, а еспресото на тој начин станало дел од нов урбан ритуал. Кафето повеќе не се пиело само дома – италијанскиот бар станал место за состаноци, разговори и кратки паузи.
Зад еспресото што може да се испие за неколку минути лежи огромна глобална индустрија. Кафето патува долг пат од плантажата, преку бербата и преработката, до пржилницата, продавницата или барот.
Околу 25 милиони мали земјоделци и нивните семејства учествуваат во неговото производство, додека климатските промени и промените на цените сè повеќе влијаат врз иднината на производството.
Овогодинешниот Меѓународен ден на кафето се прослави централно за прв пат во седиштето на ФАО во Рим, со порака дека вниманието треба да се насочи и кон луѓето што стојат зад секоја шолја.
Италијанскиот бар има еден вид мала азбука за кафе. Ако нарачате „un caffè“, ќе добиете еспресо.
Ристретото (ristretto / кратко) е пократко и поинтензивно, лунго (lungo / долго) содржи повеќе вода, а допио (doppio / дупло) е двојна доза. Макијато (macchiato) е еспресо со малку млеко, додека капучиното (cappuccino*) и кафелате (caffellatte / кафемлеко) имаат значително повеќе млеко.
Капучиното традиционално се поврзува со појадокот, додека еспресото најчесто се нарачува по ручек или вечера. Ако со кафето се напиете чаша вода, таа обично се пие пред кафето за да се прочисти непцето.
Италијанската култура на кафе е стара со векови. Историските кафулиња како Caffè Florian во Венеција, отворено во 1720 година, станале места за собирање на уметници, писатели и патници.
Денес, навиките се менуваат, со растечки интерес за квалитетот на зрната, различните методи на подготовка и одржливоста. Сепак, традиционалното еспресо во барот останува еден од препознатливите симболи на италијанскиот секојдневен живот.
За Италијанците, кафето можеби е мала шолја, но зад неа стојат векови традиција, цела култура и глобална индустрија што поврзува милиони луѓе низ целиот свет.
*За разлика од останатите кафиња, името капучино не може да се преведе бидејќи всушнсот доаѓа од римокатолички братски ред капуцини. Во 1525 година францисканците се реформирале и станале капуцини, а името го добиле по качулките (cappucci) што почнале да ги носат.