ОД развивање трпение до прифаќање на сопствената несмасност, генерацијата што порасна во 90-тите може да ги научи денешните деца, т.н. Генерација Алфа, на некои важни животни лекции. Многумина би се согласиле дека 90-тите беа посебно време за растење.
Поп-културата беше на својот врв, речиси никој немаше мобилен телефон, а интернетот, иако достапен, не проникнуваше во секој момент од нашите животи. Сепак, милениумците и Генерција Алфа не се толку различни на крајот на краиштата. 90-тите се вратија во мода, и во духот на таа носталгија, Parents.com нуди неколку совети што родителите кои пораснале во 90-тите можат да им ги дадат на денешните деца.
Денес, речиси сè е достапно за само неколку минути: вашата омилена ТВ-емисија, играчки нарачани преку интернет или вечера доставена од доставувачи. Но, децата од 90-тите, кои не можеа едноставно да вклучат епизода од нивната омилена емисија кога ќе посакаа, туку мораа да го следат телевизискиот распоред, знаат дека понекогаш магијата лежи токму во исчекувањето.
Во 90-тите, златното доба на dial-up интернетот, не можевте само бесцелно да сурфате со часови - родителите или браќата/сестрите ќе сакаа да зборуваат на телефон и... „крај на програмата“. Пораката до денешните деца е: спуштете ги екраните и видете што се случува кога ќе си дозволите малку досада.
Излезете надвор и пронајдете си другар за играње, земете неколку боички и цртајте или измислете нова игра во дворот со вашите браќа и сестри. За многу деца од 90-тите, часовите кога навидум „немаа што да прават“ се претворија во најзабавните и најкреативните моменти од нивното детство.
Во ерата на социјалните медиуми, може да изгледа како денешните тинејџери едноставно и без напор поминуваат низ растењето. Но, луѓето кои пораснале во 90-тите и се насмевнале на своите училишни фотографии со протези, преголеми очила или неуспешна фризура знаат дека еден ден ќе се осврнете на таа „непријатна фаза“ и ќе сфатите дека всушност сте биле слатки.
Џебните миленици Тамагочи неодамна се вратија, а со нив и потсетник дека тие не се играчки што можете едноставно да ги заборавите. Ако го занемарите вашиот Тамагочи, заборавите да го исчистите неговиот неред или заборавите да го нахраните, тој гласно ќе ве предупреди.
Нема ништо подобро од дружење со вашите најдобри пријатели или семејство, играње надвор, пробување нова видео игра или гласно смеење со смешен филм. Гледањето популарни серии на преспивање, организирање концерти за вашите родители или возење велосипед низ соседството со вашите пријатели се само некои од најценетите спомени од детството. Не мора секој момент да се снима и објавува на TikTok за да ви остане во срцето засекогаш.