Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, денеска оцени дека изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски за можноста за размена на територии меѓу Русија и Украина е „глупост“.

„Мир преку сила, велиш?
Понекогаш овој концепт навистина функционира. На пример, со демонстрирање на реален, а не некаков имагинарен однос на силите. Како денеска во Киев по пристигнувањето на нашите ракети и дронови.
И покрај тоа што таквите постапки не се во состојба целосно да го исчистат умот на оние нелегитимни будали кои треперејќи од страв и од наркозависна криза, пред камерите зборуваат за размена на територии“, напиша Медведев на Telegram, пренесува РИА Новости.
Зеленски претходно во интервју за The Guardian изјави дека не ја исклучува можноста за „некаков вид“ територијална размена со Русија.
Тој рече дека ако Трамп успее да ги доведе Украина и Русија на преговарачка маса, Киев планира да ѝ понуди на Русија директна размена на територија, откажувајќи се од земјиштето што го држеше во руската област Курск откако таму започна ненадејна офанзива пред шест месеци.
„Ќе размениме една територија за друга“, рече тој, но додаде дека не знае кој дел од окупираната територија Украина ќе бара за возврат. „Не знам, ќе видиме. Но, сите наши територии се важни, нема приоритети“, изјави тогаш тој, пренесува Танјуг.