Поранешниот американски кошаркар и сегашен аналитичар на ESPN, Трејси Мекгрејди, смета дека словенското „чудо од дете“ Лука Дончиќ не заслужува толку многу гласови за Ол Стар натпреварот. Словенецот засега е на второто место во гласањето за Ол Стар, а пред него е само Леброн Џејмс.

На последното пребројување на гласовите, Лука Дончиќ има 3,3 милиони гласови и се наоѓа далеку пред некои неговите многу поискусни колеги, како Стеф Кари, Џејмс Харден, Кевин Дурент и Ентони Дејвис.
„Ова е непочитување, немам зборови. Непочитување на сите нивоа. Дончиќ има повеќе гласови од Кари, кој ја промени кошаркарската игра? Ве молам! Има повеќе гласови од Дурент и Харден? Мора да се шегувате“, низ лутина рече Мекгрејди во шоуто „The Jump“ на ESPN.
Мекгрејди вели дека нема ништо против Дончиќ, но смета дека Словенецот не би смеел да има повеќе гласови од неговите веќе легендарни колеги. Според него, публиката која гласа треба да има повеќе почит за најдобрите кошаркари во НБА лигата.
Гласањето за Ол Стар натпреварот трае до 23 јануари, а според досегашните гласови Дончиќ би можел дури и да се најде во првата петорка на едниот од тимовите. Само 50% од гласовите доаѓаат од публиката, додека 25% доаѓаат од гласовите на тренерите, а останатите 25% доаѓаат од играчите.