Репрезентацијата на Аргентина ноќеска во Њу Џерси ја совлада Канада со 2:0 и се пласираше во финалето на Копа Америка. Во финалето ќе го чекаат подобриот од дуелот меѓу Колумбија и Уругвај.

„Мораме да уживаме во секој момент од животот. Свесен сум дека ова се можеби последните битки и затоа максимално уживам во нив“, изјави денеска капитенот на Аргентина, Лионел Меси.
„Лудо е што успеа овој тим да направи, што прави Аргентина. За оние од нас кои останавме од старата гарда, навистина е импресивно што сме со репрезентацијата во уште едно големо финале. Сето ова го доживувам како и на минатата Копа Америка, па и на Мундијалот... “, изјави Меси на прес-конференцијата.
ARGENTINA AVANZA A LA FINAL 🔥 pic.twitter.com/RuSqm1avdN
— CONMEBOL Copa América™️ (@CopaAmerica) July 10, 2024
Меси на натпреварот против Канада го постигна 109-тиот гол во кариерата за аргентинската репрезентација.
„Ова е тешка Копа Америка, сè е изедначено, терените се тешки, температурите високи, противниците се силни. Одлично е да се биде во финалето“, додаде аргентинскиот великан.
Селекторот на Аргентина, Лионел Скалони, изјави дека Меси треба да се остави мира.
„Тој многу добро знае дека ние нема да бидеме тие што ќе му ја затворат вратата. Тој може да остане со нас колку што сака, дури и кога ќе се пензионира. Нека одлучи како сака“, рече Скалони.
🚨 𝗥𝗘𝗖𝗢𝗥𝗗: Lionel Messi will become the first footballer in history to play 7 finals with his national team. 🇦🇷 pic.twitter.com/zy1CTD8SS5
— Football Tweet ⚽ (@Football__Tweet) July 10, 2024
Лионел Меси стана светски рекордер со најмногу меѓународни финалиња со националниот тим. Новото финале на Копа Америка ќе му биде петто, играше и во две финалиња на Светските првенства. Вкупно има 7 во двете најголеми натпреварувања, ја освои Копа Америка во 2021 и Светското првенство во 2022.
Треба да се додаде дека со Аргентина освои злато на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година, како и на Мундијалот за играчи до 20 години.