Инсталациите на СДСМ и ДУИ се жилави и борбата со нив ќе биде долга и жестока во обвинителството и во судството. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на одлуката на Антикорупциска комисија дека именувањата на членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во Управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители се спротивни на Законот за спречување на корупција и има судир на интереси.
„Често пати во изминативе еве, речиси пет месеци откако сме Влада, се случува некој од обвинителите да имаат стомачни проблеми, главоболки, температура и така натаму во моментот кога ќе треба да се преземе резолутна акција против криминалци коишто беа симбол на едно минато владеење, 7-годишно, коешто не треба да ни се повтори“, рече Мицкоски.
Додаде дека малкумина се во обвинителството и судството сѐ уште слепи послушници на претходната Влада од СДСМ и ДУИ, но верува дека ќе бидат поразени.