Порано се сметаше дека неговото постоење е мит, а денес новите откритија од овој египетски град не престануваат да „испливуваат“ од под медитеранските води.
Пред македонскиот освојувач Александар Велики да ја изгради древната Александрија во непосредна близина во 331 година п.н.е., Тонис бил најголемо пристаниште во целиот Египет, центар низ кој целата стока од грчките полиси и Медитеранот пристигнувала во земјата на фараоните.
Постоењето на Тонис многумина долго време го сметаа за легенда како Атлантида, сè додека археолозите не го открија во 2001 година на дното на морето, во близина на денешна Александрија.
Името Тонис е старогрчка верзија на египетското име Tȝ-ḥn.t (на коптски ⲧϩⲱⲛⲓ), додека Хелените го нарекувале Ираклион (Ἡράκλειον), а денес најчесто се среќава како Тонис-Хераклион.
Градот најверојатно е основан околу 13 век п.н.е., преживеал разни природни катастрофи и на крајот целосно потонал во длабочините на Медитеранот во 13 век од новата ера.
Од 2001 година, археолозите постојано ја истражуваат оваа подводна локација која досега постојано ги воодушевува со бројни големи откритија.
„Овој пат нуркачите пронајдоа остатоци од воен брод и погребен комплекс што укажува на присуство на хеленски трговци“, соопштија египетските властите.
Воен брод откриен од египетско-француски тим предводен од експерти од Европскиот институт за подводна археологија, потонал кога врз него се срушил познатиот храм на Амон, покрај кој бил закотвен. Експертите проценуваат дека тоа се случило во 2 век п.н.е.
„Прелиминарните истражувања покажуваат дека бродот со рамно дно долг 25 метри, со весла и големо едро, бил изграден на класичен начин и имал карактеристики на древноегипетска конструкција“, објави египетското Министерство за туризам и антиквитети.
Во друг дел од градот, тимот пронашол остатоци од големи хеленски гробишта од почетокот на 4 век п.н.е.
„Ова откритие убаво го илустрира присуството на хеленски трговци кои живееле во градот“, наведува Министерството, објаснувајќи дека на Хелените им било дозволено да се населат таму за време на доцните фараонски династии.
„Изградиле своите светилишта околу големиот храм на Амон. Тие светилишта биле истовремено уништени и нивните остатоци беа измешани со остатоците од египетскиот храм“, се додава во соопштението.