Мода во време на пандемија: Промените веќе се случуваат, македонската модна сцена е подготвена

Светот живее во состојба на пандемија каква не се памети во поново време. COVID-19 го смени светот каков што го знаевме, изнесе на виделина многу нешта за кои не сакавме да зборуваме и несомнено ги помести тектонските плочи на човештвото. Иднината секогаш е неизвесна, но вакви глобални потреси од историско значење ги бришат и оние очекувања и проекции кои сме ги имале. Светската економија се соочува со досега невидени состојби, а индустриите учат одново како да функционираат во новонастанатите услови.

Модната индустрија, која во изминатава деценија ги виде можеби најголемите промени, исто така е погодена од пандемијата. Модата засега во повеќе сфери на живеењето кои дури во изминативе години почнаа да стануваат видливи за голото око на потрошувачот. Иднината на модата е во одржливоста, сега повеќе од кога било тоа не само што е точно, туку е и потребно.

Во локални рамки, видовме дека еден настан од калибарот на Моден викенд Скопје може да заземе дигитален формат во вонредни услови, со цел да се одржи континуитетот и да се поддржи работата на дизајнерите. Повеќе модни брендови го засилија своето онлајн присуство и работат на отворање/подобрување на нивната онлајн понуда.

Неизбежно и неопходно се поставуваат следниве прашања: Дали пандемијата до некаде ќе има дури позитивен ефект на модната индустрија? Дали конечно ќе се решиме од бескрајниот број на „колекции“ во машинеријата наречена брза мода? Дали етичкиот и еколошкиот пристап ќе станат новата норма?

На овие теми разговарав со низа „играчи“ во модната индустрија кај нас, од дизајнери, стилисти, фотографи до сопственици на онлајн брендови и здруженија за промоција на еко-модата, со цел да се состави мозаикот на реални очекувања за тоа во кој правец ќе се движи модата кај нас, но и модата како светска индустрија во која припаѓаме и чии потрошувачи сме сите ние.

Дали пандемијата донекаде ќе има дури позитивен ефект на модната индустрија?

„После сите очекувања за радикални промени во модната индустрија за кои се зборува веќе неколку години, пандемијата конечно ги принуди особено модните брендови да ги преземат чекорите кои одамна ги најавуваа – од онлајн продажба, трговија, виртуелни шоурумс, па сѐ до 3D дизајн, виртуелни модни ревии итн. Секако дека сето ова влијае на практиките, приливите и трошоците поврзани со екстремно ригорозниот и пожртвувачки моден свет,  но и на отпадот, загадувањето и вишоците во производството кои се дел од целиот процес“, вели Ана Јакимовска, лидер на македонскиот огранок на Fashion Revolution (FRMK).

„Модната индустрија е идентификувана како еден од најголемите загадувачи во светот. Според потрошувачката на вода, токсичноста на употребените хемикалии, употребата на природните ресурси, злоупотребата на детскиот труд, но и според нехуманиот третман на животните. Најголеми загадувачи се брендовите кои се класифицирани во таканаречената брза мода, голем дел од спортските брендови, но според ретките истражувања на таа тема и луксузната индустрија не е сосем чист играч, иако во рекламните кампањи се тврди спротивното. Овие проблеми беа познати и порано, но сега сликата само се кристализираше и стана јасна и за пошироката публика. Ангажманите кои ги објавија компаниите не се нови, но да се надеваме дека сега навистина ќе ги почитуваат“, смета модната дизајнерка со светски успех и професорка на ТМФ, Лидија Георгиева.

Лидија Георгиева

„Мислам дека да, пандемијата дефинитивно ќе има позитивен ефект на модната индустрија, тргнувајќи од фактот дека оваа година сè почнува да се организира онлајн, па дури и шоурумите и модните недели имаат дигитален пристап. Меѓутоа не мислам дека брзата мода ќе умре така брзо, особено не кај нас, па дури и во земјите во развој, иако сметам дека многу повеќе брендови ќе почнат да работат на принцип made-to-order, односно изработка откако ќе се нарача парчето облека, она што ние веќе долги години го правиме во Бастет Ноар“, објаснува Даниела Милошеска, сопственичка на брендот Bastet Noir.

Модната дизајнерка Ирина Тошева е со став дека пандемијата и карантинот беа трајна лекција да се забави, посвети повеќе размислување околу потрошувачките навики и преиспита шо сè сметаме за потреба и приоритет.

„Ова е можност забрзано да се реструктуира модната индустрија и нејзиниот изместен синџир на вредности, кој претрпи сериозни промени, што и натаму ќе се случуваат. Компаниите мислеа дека им претстојат години додека да постават одржливи бизнис модели (Агендата 2030 на Целите за одржлив развој), процес кој пандемијата го намали на недели. Голем дел од брендовите ја согледоа важноста на локалното производство и општествено одговорните начини на работа. Се продлабочи интернет интеракцијата и е-трговијата, се воведоа и видео консултации директно од продавниците, а и дел се насочија кон 3Д модели и виртуелна реалност, овозможувајќи им на клиентите да ги гледаат, дури и пробуваат, производите преку својот мобилен телефон“, вели Тошева.

Ирина Тошева

Дека светот на глобално ниво поминува низ огромен предизвик се согласува и дизајнерот Мите Занов.

„2020 година на сите ни го промени начинот на живеење и општо ни ја промени перцепцијата на животот. Пред целата оваа ситуација, животот се одвиваше многу брзо. Не наоѓавме време да здивнеме, да посветиме време и внимание на најблиските и на работите и луѓето кои нѐ прават среќни. А посебно пак во модниот свет, последните години многу голем замав зеде брзата мода, каде што луѓето навистина веќе не знаеја кога почнува една, а кога завршува друга сезона... сѐ беше премногу конфузно“.

Тој смета дека од една страна, пандемијата направи големи промени, „од економска не баш најпријатна гледна точка, се затворија голем број на фабрики и бутици, голем број на луѓе останаа без работа, се намалија ангажманите на моделите и дизајнерите, но од друга страна, смета тој, „во модниот свет се случува една добра пауза, по која се надевам дека ќе има позитивни последици“.

„Сите модни брендови и независни дизајнери се пренасочија кон дигитална презентација на своите колекциии, дали преку модни платформи или социјални мрежи. Интернетот е битен како никогаш досега, затоа што не само во однос на презентација, туку и во однос на продажба, сега сѐ се сведува на онлајн продавање“, смета дизајнерот зад брендот Zanov.

Промената во модната индустрија ќе биде неизбежна, но ни најмалку лесна и без „жртви“. Јована Зука - стилист, фотограф и ко-основач на ЛИФТ -  е на сличен став како Тошева дека е потребно реструктурирање и реорганизација.

„Модата како бизнис е во чудна состојба долго време пред пандемијата, но сега се соочува со сите најлоши сценарија одеднаш. Во криза од ваков размер, одговорот за тоа какви ќе бидат ефектите на индустријата е доста комплексен. Истите никако не се само позитивни или само негативни. Да, ќе видиме намалување на продукцијата на облека, промени во модните календари и начините на презентирање нови колекции, посовесно купување и генерално успорување, но од друга страна, ќе видиме и банкротирања и безброј отпуштени луѓе долж целиот ланец, особено групи чија егзистенција е директно врзана со озлогласената хиперпродукција. Во ваква сложена ситуација, индустријата е во режим на самоодржување и зачувување, а за да излезе во подобра состојба, ѝ треба целосна реорганизација“, вели Зука.

Секогаш со фокус на етичката страна на модата, дизајнерката Евгенија Зафировска ја гледа промената во таа насока.

„Промените кај потрошувачите во начинот на размислување и огромниот економски пресврт би можеле неповратно да ги променат ставовите кон модата, отворајќи го патот за поодржлива индустрија во наредните години. Потрошувачите консумираат и располагаат со модата побрзо од кога било досега – време е навистина да ги земеме предвид оние кои ја создаваат нашата облека. Социјалната реформа секогаш започнува со индивидуата и верувам дека сите ја имаме оваа одговорност. Време е да започнеме свесно да консумираме, забавимe и на крај да купувамe помалку, да се повлечеме од брзата мода и да ја префрлиме побарувачката назад кон квалитет, а не во квантитет.“

Евгенија Зафировска

Фактот дека последиците од пандемијата се случија брзо и неочекувано е точката од која тргнува дизајнерката Лили Кадинска. Таа нагласува дека сите, и локално и глобално, се најдовме затекнати сред виорот на отпуштања, намалувања на плати, откажувања на договори итн.

„Мислам дека не постои некој кој не е засегнат, секако сите на различни начини и од различни аспекти. Загубите скоро во сите сектори се како економски така и човечки. Модната индустрија е една од гранките кои се најголеми работодавци. Од самиот почеток на кризата до денес затворени се голем број на капацитети како продажни, така и производствени, а со тоа и загубени се голем број на работни места што на подолг период ќе продуцира егзистенцијална криза“, резимира Кадинска.

Лили Кадинска

„Ако може да се зборува за некој позитивен импакт, тогаш ќе биде потребно повеќе време за да се почувствува. Кога би зеле предвид дека модната индустрија е еден од најголемите светски загадувачи, најмногу заради брзата мода и бесконечниот број на колекции може да се каже со сигурност дека пандемијата го забави тој динамичен процес и се претпоставува дека во иднина модата ќе се врати на своите почетоци во однос на динамиката, а со тоа ќе се намали и количината на отпад кој се продуцира. Џорџо Армани излезе со соопштение дека сега е време да се застане и да се размисли. Тој вели дека проблемот настана кога високата мода ги присвои стандардите на брзата мода и ја изгуби својата висока креативна и естетска вредност, затоа што беше фокусирана на квантитет. Во своето соопштение рече дека не може повеќе на тој начин и со тоа темпо, тоа е неморално. Со слични ставови излегоа и други еминентни дизајнерски имиња. Како подолго време да се размислуваше за промени, но истовремено како никој да не сакаше да истапи прв. Оттука може да се заклучи дека пандемијата присилно ги турна дизајнерите и модните брендови да ја имплементираат идејата за промени и да се ориентираат кон менување на инстант концептот со одржлив концепт“, објаснува Кадинска.

Ерина Богоева е отворена дека од неодамна почнала да се едуцира за тоа колку модната индустрија всушност го загадува светот од еколошки аспект.

„Иако никогаш не сум се гледала себеси како потрошувач на брзата мода (секое парче кое го купувам се трудам да го инкорпорирам и носам максимално без разлика од каде е земено), сепак свесноста по повод тие прашања сега верувам дека ми е на повисоко ниво. Сепак, јасно ми е дека не секој има пристап до винтиџ парчиња во добра состојба и јасно ми е дека не секој може да си дозволи да инвестира поголема сума во извесно парче на облека, па така и јасно ми е кога брзата мода е неопходна. Но, пандемијава сѐ преврте на глава, па така и модната индустрија – но овој пресврт мислам дека ќе е за подобро. Верувам дека модата ќе стане малку пофункционална во однос на вистинските потреби и побарувачки на пазарот, иако искрено се надевам дека нема да го изгуби сиот гламур. Онлајн присуството веќе одамна недостигаше кај нас, па така мислам дека ова ќе биде добар чекор во тој правец на нашиот пазар. Верувам дека иако не без импакт од пандемијата, светот на модата сепак ќе исплива на површина обновен и подобрен од тоа што бил до сега. Ама може само јас сум оптимист“, вели Богоева која е наградуван фотограф и едукатор.

Дали конечно ќе се решиме од бескрајниот број на „колекции“ во машинеријата наречена брза мода?

„Пандемијата нѐ натера сите на рестартирање и промислување на секојдневните навики, активностите и идните планови. Па така и во модниот бизнис, професионалците во оваа сфера како оддеднаш да се принудени да се прилагодат на далечинско функционирање и на многу поодржливи практики како дополнително би помогнале да се покријат кусоците во буџетите како последица од пандемијата. Како 'најава' на нови практики веќе гледаме редуцирање на бројот на колекциите кај големите дизајнерски имиња, одржливи и иновативни материјали, реупотреба и на луксузни постоечки материјали во нови колекции и донации на истите на млади дизајнери,  платформи кои нудат поддршка за одржлив дизајн особено на startup брендови, креативни online модни прикажувања, зголемен број на иновативни платформи за продажба и редизајнирање на винтиџ облека итн. Сето ова некако спонтано и ненаметливо влијае на зголемување на свесноста кај купувачите, а со тоа и (пре) обликување на нивните практики на купување и нивниот однос кон облеката - повеќе наклонетост кон квалитет, трајност, редизајн отколку кон  квантитет и импулсивно купување“, вели Јакимовска од FRMK.

Ана Јакимовска

„Не знам дали постои закон кој би го спречил прекумерното и непотребно производство, но депониите се преполни со облека која е носена една сезона, а потоа фрлена. Бројките на годишно ниво се страшни, особено во развиените земји. Но решението на овој проблем не зависи само од производителите, туку и од потрошувачите. Сѐ додека постои тенденција да се купат три евтини дизајни, наместо еден поквалитетен и малку поскап, ќе постои и соодветна понуда. Не можете да ги сопрете претприемачите да бараат заработка таму каде што ја гледаат. Но исто така не можете да ја сопрете ниту силата на бојкот, а за тоа е потребна малку поширока кампања и поголема свесност“, реална е професорката Георгиева.

„Можеби. Но, заедно со тоа ќе се разрешат и работните места и примањата (иако, честопати, мали и врзани со лоши услови) на луѓето кои без продукцијата на тие колекции и без таа машинерија ќе немаат што да јадат. Сите проблеми доаѓаат со други, уште покомплексни проблеми“, смета Зука.

Дали етичкиот и еколошкиот пристап ќе станат новата норма?

„Секако“, вели Јакимовска од FRMK.

„Модата денес цели кон етички и еколошки пристап и секој кој ќе успее да се прилагоди на истиот е веќе чекор напред. Сето тоа докажано, транспарентно и интегрирано во пракса,  употреба на сѐ повеќе одржливи, иновативни материјали во комбинација со беспрекорно онлајн присуство е она кон кое треба да цели секој во модата денес. После сите очекувања за радикални промени во модната индустрија за кои се зборува веќе неколку години, пандемијата конечно ги принуди особено модните брендови да ги преземат чекорите кои одамна ги најавуваа - од онлајн продажба, трговија, виртуелни шоурумс, па сѐ до 3D дизајн, виртуелни модни ревии итн. Секако дека сето ова влијае на практиките, приливите и трошоците поврзани со екстремно ригорозниот и пожртвувачки моден свет,  но и на отпадот, загадувањето и вишоците во производството кои се дел од целиот процес“.

Лидија Георгиева смета дека тој процес е во тек веќе одамна.

„Разликата е во тоа што до неодамна еко брендови гледавме само на етно панаѓури и слични улични манифестации, барем така беше во Париз. Сега свесноста за овој проблем се прошири, процесот се забрза и стана тенденција и кај поголемите брендови, иако за жал неретко се работи само за маркетинг. Постепено ова станува новата норма и така ќе биде сѐ додека и потрошувачите се активен дел од овој процес. Потребно е да се инфомира публиката, неопходна е поддршка од новинарите, а и самите производители се активно вклучени со нивните кампањи.“

Милошеска од Bastet Noir нагласува дека „дефинитивно само овој начин на работа може да се смета како целосно етички и еколошки и може во целост да ја замени, па дури и искорени брзата мода, решавајќи го проблемот со огромните количини на ѓубре, кои со тони завршуваат во депонија“.

„Фактот што новите генерации кои доаѓаат навистина имаат доста голема еколошка свест, а не само тоа туку и бараат повеќе индивидуалност кога бираат што да носат, повеќе го ценат квалитетот од квантитетот и сакаат персонализирани парчиња, мислам дека ќе присили многу брендови да почнат да размислуваат да изменат нешто во начинот на кој го водат своето производство. Ова веќе долго време беше проблем на модната индустрија, а пандемијата мислам дека само послужи како катализатор, па така дефинитивно во иднина ќе гледаме повеќе брендови кои во суштина ќе бидат мали, а ќе го користат made-to-order принципот на произведување“, вели Милошеска.

Даниела Милошеска

„Пандемијата само ни докажа дека сегашноста е во одржливоста. Тоа е повеќе од ‘зелен концепт’ за заштита на животната средина и грижливо трошење ресурси. Одржливата мода не подразбира исклучиво користење рециклирани и еколошки материјали и заштеда на вода, туку и размислување за благосостојбата на работниците, а и начинот на справување со облеката по нејзиното користење“, смета Тошева, која веќе има еколошко-етички пристап во работата и кристела алтернативни материјали во нејзините колекции.

„Кризата треба да ги промени перцепциите на потрошувачите за одржливоста. Почитувањето на етичките стандарди не треба да биде одвоено од водењето профитабилен бизнис и всушност позитивното дело од социјално и еколошко влијание е начинот на иднината“, нагласува дизајнерката Зафировска.

„Се надевам дека во блиска иднина колекциите ќе бидат фокусирани на глобални и одржливи трендови. Во наредните години, потрошувачите најверојатно ќе бараат и поголема транспарентност на синџирите на снабдување. Заканата што ја држи оваа пандемија над нашите глави е повик за акција за модната индустрија да се забави, да се оддалечи од масовното производство и да се промени правецот, пред да дојдеме до уште поголем проблем“, предупредува таа.

„Во идеален свет, да. Во реалноста, работите се далеку покомплексни. За проблемите се подеднакво одговорни и големите играчи во модната индустрија и потрошувачите бидејќи понудата и побарувачката се целосно врзани една со друга. Ако потрошувачите скокнат од совесно купување директно во претходните потрошувачки навики, тогаш системот ќе продолжи таму каде што застанал. Сега е моментот сите да размислиме за нашиот удел во проблемот и да правиме темелни промени“, децидна е Зука.

Како вие ја гледате иднината на модата, кај нас и во светски рамки?

„Според мене, иднината во модата е во 3D дизајн, 3D протокол за мерење, 3D моделирање, инкорпорирање Blockchain практики кои би придонеле за поголема и транспарентност во сите процеси, многу попристапна и зголемена скалабилност на употребата на нови, иновативни материјали, партнерства на големите компании со second-hand онлајн продавници/бизниси, редуцирање на бројот на дизајнерските колекции како и omnichannel или зголемување на пристапноста на производите до потрошувачите преку повеќе различни канали и начини на продажба“, конкретна е Ана Јакимовска од FRMK.

„Научните откритија во однос на новите материјали ќе имаат поширока примена. Денес тоа особено се гледа во технолошките материјали кај спортските брендови, особено кај екстремните спортови, но постепено термичките и други квалитети на материјалите ќе се интегрираат и во секојдневната примена. Дигиталните платформи ќе овозможат поголема, директна комуникација со брендот, па дури и размена на информации и облека помеѓу самите клиенти. Глобалната поврзаност ќе овозможи децентрализација и еманципација на малите, но технолошки спремни брендови, а концептот на нивната понуда не мора да зависи од стриктно сезонско размислување. Секој купен модел ќе има своја лична карта, која ќе овозможи да се трасираат етичкиот интеритет, производните процеси и материјали. Овој пристап и фер трговијата ќе завземаат сѐ поголем простор, младите генерации не ги интересира дали некоја политичка партија е лево или десно, туку ги интересира квалитетот на нивниот живот и опстанокот на планетата“, смета Лидија Георгиева.

Јована Зука е поборник за тоа дека насоката треба да биде помалку, а поквалитетно, во секој поглед, од продукција на облека, до продукција на содржина.

„На модата ѝ треба успорување, прекинување на циклусот на просечност кој се сервира секојдневно и посветување време на развивање квалитетни работи кои ќе го издржуваат тестот на времето и нема да бидат заборавени и/или фрлени за 5 дена“, вели таа.

Јована Зука

Лили Кадинска смета дека на локално ниво, за малите брендови и индивидуалните дизајнери самоодржливоста ќе биде клучна, како и присуството на што е можно повеќе онлајн платформи.

„Мојот личен став е дека ако ги ставиме на лист хартија негативните последици и она што би следувало, да го наречеме позитивно влијание бројот ќе биде скоро ист. Верувам во природен баланс.Секако ова се само рани впечатоци и заклучоци од она што на што бевме сведоци досега. Ако оваа пандемија имаше некоја клучна порака, таа е дека најверојатно треба да се научиме да живееме со непредвидливоста“, вели Кадинска.

Дизајнерката Стефанија Насеска ја гледа ситуацијата дури и како поволна клима за процут на малите дизајнерски брендови, наспроти модните гиганти кои се соочуваат со функционални проблеми.

„Со оглед на тоа дека сите преживуваме еден голем удар, практичноста и прилагодливоста играат огромна улога во адаптацијата на новонастанатата ситуација. Овој момент можеби најкритичен беше кај големите компании коипретрпеа и огромни загуби.  И покрај  тоа што можеби многу од останатите не би се сложиле и можеби и би ме осудиле за ваквата изјава јас сепак ќе кажам од лично искуство дека ваквата ситуација им беше од корист на малите брендови. Поради помалиот производствен капацитет многу полесно можевме да се прилагодиме на ситуацијата, а голем дел од клиентите се вратија во знак на поддршка. Нормално е дека продажбите се намалени но загубите се драстично помали отколку кај големите компании. Малото производство значи и лесна промена на продуктот. Клиентите се свртуваат кон поддршка на малите бизниси  а со тоа се зголемува и свеста кај нив за дека етичкиот и еколошкиот пристап во модата е од битно значење, што пак би довело клиентите да го прифатат и преферираат како ново нормално“, смета таа.

„Во последно време модата ги претрпуваше последиците од пребрзото темпо и полека се губеше смислата на модата како наука. Ова сметам дека беше еден добар шамар на сите нејзини учесници, шамар за освестување дека ваквото темпо може да доведе само до пропаст, но не и прогрес. Со еден збор ковидот за модата како наука доведе до промени кон позитива“, нагласува Насеска.

Стефанија Насеска
Како нашата модна сцена се прилагоди на „новото нормално“?

„Со глава во ѕид“, низ смеа одговара Јована Зука, која заедно со Варја Кутлешовска го пушти новиот проект, онлајн магазинот ЛИФТ, на средина на април, во екот на новото нормално.

„Лансирањето не го одложивме поради две важни причини. Прво, реалноста е многу поподнослива кога постојат места за бегство во светот на модата, уметноста, музиката, филмот и другите естетски дисциплини. Второ, работата на ЛИФТ ни е начин да се справиме со ситуацијата и да ја насочиме енергијата во создавање содржина која ќе го одвлекува вниманието од лошото секојдневие. Со оглед на тоа што сме на две различни страни на светот, во изолација, се координираме виртуелно и фотографираме и стилизираме стриктно од дома, користејќи го тоа што го имаме. Во моментов, продукцијата на едиторијали со модели е ставена на пауза затоа што не сакаме да изложуваме никого на ризик. Креативноста е прилагодлива и четири ѕидови дефинитивно не можат да ја ограничат“, смета Зука.

„Мојот пристап кон работата е веќе неколку години ориентиран кон ексклузивни дизајни или мали серии. Ме интересира процесот на истрага, моделите се оформуваат постепено, како неколку отворени слики/процеси во сликарско ателје, им се навраќам кога ќе им дојде време. Покрај дизајнот на колекции, се бавам со најмалку три проекти истовремено, постојано имам неколку играчки за играње и раскажување приказни. Годинава, најголем дел од времето го поминав работејќи дома, како и  останатиот дел од планетата мода, а директните контакти со соработниците беа кратки“, вели дизајнерката Георгиева.

„Што се однесува до тоа како Bastet Noir се прилагоди на новото нормално, искрено многу брзо се адаптиравме на новонастанатата ситуација, со оглед на тоа што кај нас сè се работи по нарачка и веќе долги години имаме само онлајн продажба, па токму поради тоа не бевме афектирани. Единственото нешто кое го прилагодивме и изменивме беше да се свртиме кон изработка на посекојдневни дизајни и материјали, затоа што самите клиенти го бараа тоа од нас“, објаснува Милошеска.

“Како и секоја сфера, така и во фотографијата имаше извесна подолга пауза на работно ниво. Најголемиот предизвик (како и во секоја креативна работа верувам) беше да не се изгуби токму тој креативен континуитет во едно исклучително тешко време“, нагласува фотографката Богоева.

Ерина Богоева

„Ако и моите колеги се како мене, тогаш знаат дека нас работата ни е и уживање, па така бевме лишени на повеќе полиња со тоа што немавме работа активно некое време. Сега полека почнаа да се враќаат дел од ангажманите, но под различни услови. Сѐ она што имам работено откако почна ковид кризата било под строги услови и работа со минмални тимови, користење на заштитни маски (од моја страна, бидејќи малку е тешко моделите да ги маскираме комплетно) и редовни дезинфекции на опрема. Верувам дека вака ќе може не само да се заштитам себе, туку и луѓето со кои што работам. А колку е тешко во сред скопско лето да се фотографира со заштитна маска е друга приказна, ама тоа е жртва која со големо задоволство ја правам за да творам“.

Тошева смета дека со сите настани изминатиов период потрошувачите сфатија дека постовите на социјалните мрежи се еден од најлесните начини на кои брендот може да даде поддршка, но за да имаат влијание на заедницата мора да бидат поткрепени со поголемо вклучување, а особено важен e и погледот одвнатре, во својот начин на функционирање.

„Уште од почетокот на мојата работа искрено верувам дека сите работи кои ги правиме треба да не доближат до природата и натераат да соработуваме со нашата планета. Целото ова искуство беше и причина плус што побрзо да ја започнам и соработката со Treebanks, платформа со едноставен, но моќен и значаен концепт. Со секое купено парче облека од ‘Ирина Тошева“ до крајот на годината, ќе се засади дрво во име на клиентот, на разни места низ државата, каде е најпотребно. На овој начин сите ќе придонесеме за поздрава и почиста животна околина.“

Занов вели дека сега сите се соочуваме со новиот начин на живот, но иако условите се многу поразлични за разлика од пред неколку месеци, тој како дизајнер, го нашол својот мир, да може да се фокусира и да го посвети своето време и внимание на тоа што најдобро знае да го прави, а тоа е да создава.

Мите Занов

„Иако нарачките и работата со клиенти значително се намалија, креативноста во мене не може да запре. Искрено се што презентирам го изработувам сам, од скица, до кроење, до реализација, така што можам слободно да кажам дека дури и целата оваа ситуација ми донесе многу повеќе слободно време за пред еден месец да ја објавам мојата најнова колекција DUNES2020, која делумно беше и инспирирана од самата актуелна состојба, но метафорично беше инспирирана и од пустината. Последниов месец, остварив и нова соработка, со ново име на модната сцена Angie M, со која направивме нова летна и колоритна колекција на костими за капење и облека за на плажа. Навистина сметам дека ние како креативци не смееме да дозволиме да ја запреме нашата креативност, па дури и во време на пандемија, да продолжиме да инспирираме и да покажуваме убавина и надеж наоколу. Искрено се надевам на позитивни промени во иднина, но најпрво посакувам целата оваа новонастаната ситуација, да заврши што е можно побрзо, за да можеме сите да се вратиме во нормала“, рече Занов.

Дизајнерката Зафировска останува верна на нејзините принципи на работа и во време на пандемија.

„Континуирано работам за подобрување на сите фази од животниот циклус на производот. Се стремам кон тоа да изработувам парчиња со 0% отпад на различни начини. Дизајн врз основа на овие принципи значи почитување на клиентите на нов начин. Исто така, нуди подлабоко задоволство од производот во однос на квалитативниот дизајн, добрата хармонија и квалитетот на создавањето. Со секоја понатамошна колекција имам намера да се диференцирам со маркетинг стратегии, ексклузивност и висока мерка на свест. Квалитетот на дизајнот не секогаш зависи од неговата изработка, има многу повеќе  фактори кои ја зголемуваат вредноста на дизајнираниот производ, како што се, естетика, функционална и употреблива вредност, форма, емоција и комуникација. Добриот дизајн треба да биде разумен.“

реклама

Со едноставен водоводџиски трик ослободете се од смрдеата од одводот

Read more

Трик со омекнувачот за облеката да мириса убаво и до седум дена

Read more

Како е поврзано пиењето кафе со ракот на дебело црево?

Read more

Во која храна ги има трите минерали најважни за тироидната жлезда?

Read more

Теми и коментари

Зошто театарот ни е потребен повеќе од кога било?

Read more

Моќта на гласачкото ливче: 5 причини зошто треба да гласате

Read more

8 Март и ослободувањето на жената – моќните приказни на жените од Македонија

Read more

Дрво по дрво: Кој ги убива белите дробови на Македонија?

Read more
 

Ново

Расправија за паркинг во Аеродром прераснала во голема тепачка

Читај повеќе

Се степале вработени во болница во Карпош

Читај повеќе

Шестиот дел од култниот Pirates of the Caribbean ќе се снима без Џони Деп

Читај повеќе

5 совети како да го разгорите повторно вашиот сексуален живот

Читај повеќе

Дарко Лукиќ од 1 јули е новиот извршен директор на Групацијата Нелт

Читај повеќе

Lamborghini го смени логото по повеќе од две децении

Читај повеќе

Ванковска: Преспанскиот и бугарскиот договор се колонизаторски договори

Читај повеќе

Астронаутите ќе однесат растенија на Месечината во 2026 година

Читај повеќе

Тошковски: Приведен е и трет осомничен во врска со убиството на лекарот во Железара

Читај повеќе