Фудбал

Модриќ е колатерална жртва на промените во Реал

13. октомври 2019 - 16:49 | А.С.

Сѐ подобрата игра на Федерико Валверде и можното доаѓање на Кристијан Ериксен ќе влијаат врз статусот на Лука Модриќ во Реал Мадрид, пишува AS, каде е посветен голем медиумски простор на неизбежната промена на улогата на хрватскиот капитен.

21-годишниот Уругваец се наметнува како одлична опција, а Ериксен ќе дојде или во зимскиот преоден рок или в лето, што значи дека Модриќ останува колатерална жртва, со оглед на тоа дека и двајцата најдобро функционираат баш на неговата позиција на среден играч за врска, стои во анализата на угледниот шпански весник.

Задолжителен првотимец

Модриќ во изминативе години е незаменлив член на идеалната постава на „Кралскиот клуб“, но на почетокот на неговата кариера во Мадрид мораше да се избори за својот статус. Сѐ се смени по брилијантната изведба на „Олд Трафорд“ во осминафиналето на ЛШ во 2013 година. До тогаш Мориќ веќе собра 35 настапи, но само 12 пати имаше одиграно цел натпревар, или во просек секој трет. По средбата со Манчестер до крајот на сезоната, 11 од 17 натпревари ги играше од почеток до крај, односно две од три.

Реал таа сезона не ја освои титулата, но влезот на Модриќ во стандардната постава ги постави темелите за сите успеси што следеа и кулминираа со три последователни европски круни. Неговата едноставност, силниот карактер и лидерството од сенка придонесоа за градење на неговиот статус на незаменлив во очите на тренерите, соиграчите и на навивачите.

Минатото лето за малку ќе се случеше неочекуван пресврт, кога Модриќ беше на чекор до трансфер во Интер по СП во Русија. Имаше понуда за четиригодишен договор вреден 10 милиони евра по сезона, а со слични суми го примамуваа и во Кина. Сепак, по разговор со управата, реши да остане.

Бобан го сака во Милан

Сега шпекулациите повторно го носат во Милано, но во дресот на „црвено-црните“ во кој сака да го види Звонимир Бобан. Почетокот на сезоната не му донесе многу среќа. Прво го заработи првиот црвен картон во кариерата поради ненамерен старт врз Денис Суарез против Селта, а потоа повреди мускул на левата нога. Се врати во форма со фантастичен гол против Гранада, а добра вест за Реал беше и голот што го заби во дресот на хрватската репрезентација против Унгарија.

Сепак, Модриќ сега повторно се наоѓа во ситуација како во 2012 година, кога по доаѓањето на „Сантијаго Бернабеу“ мораше да се докажува каде му е местото во идеалната постава, пишува AS.

Коментирај