Покрај стандардната листа на најплатени музичари во текот на годината што изминува, списанието Forbes годинава објави и листа на најплатени музичари на изминатата деценија.
На врвот на листата се најде рапер чиј последен албум „Compton“ е објавен во 2015 година, а на турнеја не бил од 2000 година.
Станува збор за хип-хоп могулот Доктор Дре. Се проценува дека во изминатите 10 години има заработено неверојатни 950 милиони долари.
Поголемиот дел од неговите приходи доаѓаат од акциите во компанијата за слушалки Beats која Apple во 2014 година ја купи за 3 милијарди долари.
На второ место е Тејлор Свифт со заработка од 825 милиони долари за 10 години, а по неа следи Бијонсе со 685 милиони долари.
За разлика од Доктор Дре, двете пејачки изминава деценија објавија по неколку албуми и беа на неколку турнеи.
Четврти по заработка се момците од бендот „Ју-Ту“, благодарение на турнејата од 2011 година, а вкупно заработиле 675 милиони долари.
На петто место е Пи Диди со 605 милиони долари, на шесто Елтон Џон со 565, на седмо Џеј Зи (560), на осмо Пол Макартни (535), на деветто Кети Пери (530) и топ 10 листата на најплатени музичари ја заокружува Лејди Гага со 500 милиони долари.