Научниците успеаја да ја утврдат причината зошто орките од 2017 година ги тероризираат големите бели ајкули во близина на брегот на Кејп Таун.

Шетајќи по бреговите на Јужна Африка во текот на 2017 година, локалните жители беа запрепастени од глетките со кои се среќаваа со месеци. Секој пат на местото на настанот се повикуваа и научници, кои на почетокот не можеа да дадат логично објаснување. Во рок од само неколку месеци, водите што ги заплискуваат бреговите исфрлија на плажите неколку трупови на големи бели ајкули.
За мистеријата да биде уште поголема, им недостасуваа црните дробови, а еднаш дури и нивните срца.

Нападите продолжија и во следните месеци, а научниците успеаја да ги идентификуваат главните осомничени, пар орки по име Порт и Сатарборд. Причината беше, како што сега тврдат научниците, богатиот со енергија и хранлив црн дроб на ајкулата. Научниците претпоставуваат дека бројот на ајкули кои биле нападнати од орките е многу поголем, но дека не сите тела излегле на брегот и дека овие две орки не се единствените членови на нивната група што лови ајкули.

Студијата објавена минатата недела во рецензираниот African Journal of Marine Science покажа дека орките ги заменуваат големите бели ајкули како врвни предатори во Гансбеј, популарна дестинација за набљудување ајкули во близина на Кејп Таун.
„Китовите убијци се многу вешти ловци. Овие двајца научија како да ги напаѓаат ајкулите за да го добијат нивниот масен хранлив црн дроб, кој може да тежи до една третина од тежината на возрасна ајкула", објаснува водечкиот истражувач и биолог Алисон Таунер.
Истражувачите ја започнаа студијата во 2017 година, откако извршија некропсии на останките на жртвите, идентификувани по нивните карактеристични грбни перки. Тие додаваат дека на почетокот на 2017 година во водата забележувале и по седум ајкули дневно. Сепак, по нападот, овие бројки драстично се намалуваат така што до 2019 година оваа бројка паднала под два.

Заклучокот на научниците е дека големите бели ајкули веројатно набрзина се иселиле од овие води, исплашени од врвните предатори како што се орките. И кога ќе го земеме предвид фактот дека тие можат да пораснат до 9 метри во должина и да тежат до 7 тони, не е ни чудо што ајкулите лесно се наоѓаат на нивното мени.
Орките во природата се познати како многу организирани животни. Ловат во јата, а нивното мени е многу разновидно - од лигњи и фоки до делфини и ајкули. Сепак, научниците сугерираат дека ајкулите се исто така опасни противници. Со следење на бреговите и следење означени ајкули, тимот на Алисон Таунер откри дека големите бели ајкули престанале да ги посетуваат деловите на јужноафриканскиот брег во водите патролирани од орки. Сличен пример е снимен и потврден во водите околу Сан Франциско.

„Колку повеќе орки поминуваат низ тие области, толку повеќе ајкулите се оддалечуваат од нив“, заклучи таа.
Студијата исто така испитуваше какви последици има ова врз екосистемот. И резултатите го поддржуваат фактот дека ова нарушување може да доведе до трофичка каскада - кога падот или исчезнувањето на еден предатор може да го дестабилизира целиот екосистем.