Експерименталниот зелен проект на станбено згрижување во кинескиот град Ченгду на идните станари им гарантираше живот во зеленило на уредени градини на секој балкон, но овие планови не одат според планираното поради комарците.
Балконите во толкава мера се обраснати со вегетација што луѓето избегнуваат да живеат во становите поради наезда на комарци, кои исто како и луѓето, многу сакаат билки.
Агенција за недвижнини вели дека сите 826 станови од вертикалната градина се продадени до април годинава, но наместо модерен еколошки рај, облакодерот изгледа како сет од некој постапокалиптичен филм.
Според државните медиуми, само десетина семејства досега се вселиле во становите. Со оглед на тоа што повеќето станари сè уште не се вселени, вегетацијата на балконите е малку „подивена“, па потенцијалниот еколошки рај сега е претворен во џунгла преполна со комарци.