Никола Тодороски е познат македонски стенд ап комичар кој активно се вклучи како инфлуенсер во СКОПСКО платформата „Наша гордост. Наша одговорност“. Неговото Instagram видео со сомелиерот и водата од Охридското Езеро стана вирално со повеќе од 200 илјади прегледи, оставајќи нè да се запрашаме кога конечно „ќе ни дојде памет“?
Токму на темата општествена одговорност и заштитата од загадување на националните обележја, но и за влијанието на јавните личности во поттикнувањето на свеста и менувањето на јавното мислење за општествено одговорни теми зборуваме со Никола.
1. Што лично те мотивираше да се приклучиш на платформата „Наша гордост. Наша одговорност“ и да допринесеш кон подигнување на свеста за зачувување на природните знаменитости во Македонија?
„Околината во која живееме многу повеќе делува на нашата лична благосостојба отколку што во принцип сме свесни. Многу ми е смешно кога ќе видам луѓе кои во земја од Западна Европа се однесуваат културно и внимаваат на околината, а кога ќе дојдат кај нас дома, истите се тотално неодговорни. Сум го слушнал ова случајно цитирам: 'Таму е чисто зато не ти идат да фрлиш'. Мислам дека секоја иницијатива која го подобрува квалитетот на живеење треба да се поддржи. 'Наша гордост. Наша одговорност' е таква иницијатива.
2. Освен Охрид, кои други места или природни обележја во Македонија ти се при срце? Има ли некое место кое сакаш да го посетиш, а не си го посетил до сега?
„Големото езеро на Пелистер ми е едно од омилените места во Македонија. Исто така знам дека има многу убави места на Шар Планина кои не сум ги посетил, а би сакал да го посетам и Колешинскиот Водопад“.
3. Како ја гледате улогата на јавните личности, или денес популарно кажани инфлуенсери, во подигањето на свеста за еколошките проблеми, заштитата на знаменитостите и воопшто, кога станува збор за нешта кои го засегаат општото добро? Дали сметаш дека ова влијание може да има долгорочен ефект?
„Мислам дека користењето на социјалните медиуми и принципот на забавни содржини за пренесување на пораки кои влијаат на општо добро на луѓето е прилично креативна работа. Во Македонија немаме голема продукција на содржини на конвенционалните медиуми кои ова би го поддржале. Моментот да може секој сам да креира е одлична можност да внесеме малку свежина во содржините кои публиката ги сака и гледа“.
4. Instagram reel-от со сомелиерот и водата од езерото стана вирален со повеќе од 200 илјади прегледи. Што мислиш дека беа клучните фактори кои придонесоа за виралноста?
„Јас како актер и комичар секогаш се трудам работите кои заслужуваат критика да се кажат на смешен начин. Мислам дека единствено хуморот ни е спасот во овие не толку колоритни времиња. Скечот во клипчето едноставно кликна и покрај тоа што темата е сериозна, успеавме преку комедија да се поврземе со публиката“.
5. По виралноста на видеото, дали забележа позитивен фидбек или промени во ставовите на луѓето кон заштитата на животната средина?
„Многу луѓе ми пишаа позитивни директни пораки дека клипот ги инспирира. Исто така добив коментари и од луѓе кои се на сличен начин активисти за подобра животна средина. Тоа значи дека има поврзување помеѓу луѓето на иста тема, на иста бранова должина. Тоа ме прави многу среќен“.
6. Дали имаш во план понатамошни акции или иницијативи што планираш да ги преземеш како дел од оваа кампања или во поголем контекст на застапување на животната средина?
„Да бидам искрен, многу пати сум слушал и гледал разни емисии на тема екологија и овој збор стана доста популарен и употребуван. И прилично често ми звучеше сето тоа безначајно. Но кога ќе се вклучиш во нешто вакво конкретно, кога човек презема конкретни чекори, безначајноста и фразите се претвораат во конкретни резултати, без разлика колку и да се минорни. Оваа иницијатива ми отвори нова перспектива во смисла колку може навистина да се влијае со користење на социјалните медиуми, и во иднина мислам тоа да го правам поинтензивно. И како што реков, добив покана да се вклучам и во други иницијативи од сличен калибар. Една од нив е ЕКО ФАП акцијата во Охрид“.
7. И за крај, дали мислиш дека низ хумор може полесно да се прати порака и да се направи промена?
„Мислам дека шегувањето со работите што прават да ни е тешко, глупо, страшно, чудно,. е одлика на интелигентно и цивилизирано општество. Хуморот ни е единствен спас и оддишка. Хуморот е екологија на душата која исто така е Наша Гордост, Наша Одговорност“.
*Фокусот на СКОПСКО како бренд е да ја поддржи заедницата, да ги обедини и инспирира луѓето да делуваат за да го направиме светот подобар. Заедно ја делиме одговорноста за да го исчистиме и да го заштитиме од загадување она што е наша гордост – природните и културни обележја на нашата земја. Оваа кампања ја нагласува долгорочната заложба на СКОПСКО за одржливост, повикувајќи ги сите да придонесат за почиста, позелена иднина.