Warner Bros. Pictures го објави првиот поглед на мистериозниот крими трилер на Пол Томас Андерсон One Battle After Another што може да биде едно од најголемите филмски изненадувања на годината.

Тизер трејлерот од 20-тина секунди доби бројни пофалби, а најавено е дека првиот трејлер за филмот ќе биде објавен во наредните денови.
Како што пренесува MovieWeb, One Battle After Another е модерна адаптација на романот Vineland од 1990 година на писателот Томас Пинчон. Дури и првиот поглед на филмот ветува многу акција, бидејќи куршумите летаат насекаде околу ѕвездената екипа која ги вклучува Леонардо Дикаприо, Реџина Хол, Тејана Тејлор и Шон Пен.
Тизерот започнува со сцена во која ликот на Дикаприо ужива во навидум мирен момент, кој нагло се прекинува со звукот на истрели, а бремена жена вооружена со митралез пука од оружјето. Звукот на непрекинато пукање придружува низа кратки сцени - едната покажува Дикаприо како трча, другата личност патува по отворен пат и третата покажува бебе.
Непознат глас му го поставува прашањето на Дикаприо: „Што ќе правиш со ова бебе?“ Иако одговорот не е откриен во тизерот, се чини дека ликот на Дикаприо ќе ги преземе работите во свои раце. Погледнете го целиот тизер подолу.
Како што пренесува The Guardian, One Battle After Another е најскапиот проект на Андерсон досега, со буџет од 140 милиони долари и се очекува да привлече големо внимание и потенцијално да биде претендент за престижни филмски награди.
Овој филм е втора филмска адаптација на Андерсон на дело на Томас Пинчон. Пред ова, тој ја адаптираше книгата Inherent Vice, објавена во 2009 година, а филмот премиерно беше прикажан во кината во 2014 година.
Многу гледачи беа воодушевени од камбекот на американскиот филмски режисер, чиј последен филм, драмедијата Licorice Pizza, го гледавме во 2021 година. Неговиот претстоен филм, One Battle After Another, моментално е во постпродукција и е закажан за прикажување на 26 септември 2025 година.
„Дикаприо во филм на Андерсон? Не мора да ми кажуваш ништо повеќе за да ме убедиш да го гледам“, „Најдобриот режисер се врати. Конечно!“, „Кога ќе видам дека е Пол Томас Андерсон, знам дека се враќа филмот каков што треба да биде“, „Наскоро ќе дознаеме повеќе за најдобриот филм на годината“, „Најочекуваниот филм на годината, без сомнение!“, „Со години чекав нов филм на Андерсон. Сигурен сум дека ќе биде спектакуларен“, „Андерсон ни подготви уште едно ремек дело“, се само дел од бројните коментари за краткиот тизер.