Историскиот прв натпревар на македонската машка репрезентација се игра денес од 17.30 часот, а одбојкарите се оптимисти дека на дебито можат до добар резултат против квалитетната Финска.
Дојде и тој ден. Македонија денес ќе го има своето огнено крштевање на едно големо натпреварување. Проитивник е Финска, квалитетна репрезентација која по осумнаесетти пат ќе игра на Европско првенство, а највисок пласман им е 4-то место во 2007.
Одбојкарската федерација на Македонија преку својата официјална веб-страница пренесува изјави на тројца играчи во пресрет на денешниот натпревар.
„Уживаме, но не сакаме да бидеме само обични учесници, сакаме и да победуваме. Нема што да се плашиме од Финска, тоа е добра репрезентација, но од наш ранг. Треба да бидеме агресивни, да ги намалиме грешките, да се бориме за секоја топка. Тие играат мудро, но имаат проблеми со високите топки. Очекувам ова да биде наш ден, да биде убав ден“ вели капитенот Никола Ѓорѓиев.
„Во мислите треба да имаме дека можеме тоа да го направиме. Прв натпревар е, можеби ќе има трема, мал грч, но дури и да го загубиме првиот сет, не треба да се предаваме, треба да се бориме до крај за секој последен поен. Се надевам, односно знам дека можеме да го направиме тоа“, убеден е примачот Александар Љафтов.
„Еве јас ќе бидам првиот што ќе кажам дека сме поквалитетни од нив и навистина верувам дека ќе ја израдуваме македонската јавност”, оптимистички тонови праќа средниот блокер Ристо Николов.
31-вото ЕУРО почнува денес, а го отвораат Чешка и Украина од 14 часот во групата Д. Сите натпревараи од нашата група Ц се играат во арената „Стожице“ во Љубљана од каде МРТ ќе врши директен пренос од сите наши натпревари.