Одбојкарската федерација на Македонија донесе одлука за дефинитивен крај на сезоната во сите лиги и категории, а првак нема да биде прогласен во никоја.

„Се прекинува првенството за натпреварувачката сезона 2019/2020 во сите категории (мажи и жени), без прогласување на победници“, почнува соопштението на ОФМ.
Што се однесува до пласманот во еврокуповите за наредната сезона, екипите учеснички ќе бидат одбрани според пласманот на табелата во моментот на прекин.
„Одлуката е донесена по последните препораки и забрани од страна на Министерството за здравство за превенција од коронавирусот, како и по препораките на Светската здравствена организација за заштита на здравјето и безбедноста, коишто опфаќаат забрана на сите јавни и приватни собири, без разлика на обемот и бројката на учесници, а особено имајќи ја предвид моменталната состојба со епидемијата (бројот на заболените) во нашата држава и продолжување на вонредната состојба“, соопштува Федерацијата.
Во најквалитетната машка лига лидер беше Вардар со 33 бода, пред Џио Струмица со 30 и Универзитет Тетово со 27. Кај жените истотака Вардар водеше со 41 бод, пред Работнички со 38.
Од ОФМ не открија дали ќе има испаѓање, меѓутоа истакнаа дека дколку има клубови од втората лига заинтересирани за настап меѓу најквалитетните, треба да аплицираат, па потоа оние кои ги исполнуваат критериумите ќе добијат дозвола за настап.